„Етнички“ лични карти, чекор поблиску или подалеку од граѓанскиот концепт на државата?

Предлогот на политичката партија Беса за измена на законот за лични карти, што се однесува до внесување на етничката припадност во документите за лична идентификација, односно личните карти, предизвика различни реакции од граѓаните и од политичарите.

ЦИВИЛ ги анкетираше граѓаните онлајн, на медиумската платформа, со прашање што мислат за идејата во личните карти да стои етничка припадност. Одговорите беа различни, од позитивни, до негативни. Во некои од одговорите може да се забележи обид да се дадат сериозни образложенија, но во некои се гледа и недоволна информираност. Дел од одговорите се со духовити досетки, но се чини неизбежно, се бележи и говор на омразата, некаде директен, некаде прикриен. За тоа какви се одговорите нека проценат читател(к)ите, а Редакцијата ги уважува сите одговори и им благодари на сите што учествуваа во оваа анкета. Осудата на говорот на омразата и национализмот се подразбираат.

VOX POPULI

Од дури 363 одговори за само 24 часа (16-17 февруари), одвоивме дел од нив, како илустрација за тоа што мислат граѓаните.

– Со внесување на етничката припадност во личната карта не се губи граѓанскиот концепт на државата. Пак ќе останат граѓани на државата. Тоа се два различни концепти, етникум и граѓанин, едното го добиваш по принцип на потекло и како се чувствуваш, а другото по принцип на местото на твоето живеење во матичната држава во која си резидент.

– Ако тоа го пишува во Охридскиот договор во ред, а ако не го пишува тогаш НЕ. Нели држава градиме врз тој Договор.

– Не во лична карта, таму никој не ја гледа. На чело да ја пишува етничката припадност. За секој да може насекаде да се гордее.

– Лошо! Што со лицата кои се од мешани бракови?!?

– Па нели ќе правевме граѓанско општество, односно едно општество за сите?

– Може, ова е Македонија и сите во неа треба да бидат пишани Македонци… нема трте мрте…

– Почнаа да забегуваат сите… Земете и различни бои направете ги, да биде најубаво за сите.

– Баш забегаа, почнаа Македонци да се изјаснуваат како Албанци, само да можат да се вработат…

– Во тој личен опис треба да стои само држава, а не и македонски недостатоци… во уставот на МАКЕДОНИЈА ПИШУВА МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД… а уште не разбравте што значи тоа…

– Нема потреба да се става етничка припадност, се знае име и презиме и тоа докажува сè.

– Дали се прави разлика меѓу етничка заедница и народ. Ајде да се вратиме на социологијата. Според УСТАВОТ, Македонија е држава на Македонскиот народ и сите други етнички заедници. Во личната карта може да стои Македонец со етничка припадност ХХХХ, и тоа да важи за сите кои се со етнички предзнак или подзнак како сакате.

– Лична карта е документ за идентификација. Ова е непотребно. Може да биде употребено на штета на унитарниот карактер на државата.

– Една фашистичка иницијатива! Секој има право да поседува лична исправа од земјата во која е роден и живее, а притоа да не биде делен или обележан. Ова е основа на една граѓанска држава каде се загарантирани правата и состојбите на сите групи без исклучок, не само на мнозинството или аристократијата. Заправо, кога ќе се погледне било кое име и презиме на било кој државјанин на Македонија повеќе е од очигледно на кој народ припаѓа.

п.с. Уривањето на темелите на граѓанска Македонија води во насока на дисолуција на институциите и односите…

– Могу попаметно би било крвна група да стои.

– Треба да стои само „северџани“ ништо друго! Таа е вашата етничка припадност во Северџистан, Македонците нема да се попишуваат на овој режиран и однапред фалсификуван попис од страна на Зоти Заев и Зоти Аљи…

– За пример наведете една земја членка на ЕУ, или било која западна демократија бидејќи се држите до нив како цивилизациски вредности каде што во личните документи е наведена етничка припадност. Наместо да се посветите на решавање на реалните проблеми на граѓаните вие се занимавате со глупости, идиотски прашања и создавање непотребни проблеми

– Не се глупости, од каде ќе знаеме кои сме ние, така треба да се има етничка припадност и треба да се знае.

– Предлогот е тешка глупост – сегрегација по етничка основа! Второ, што со децата од мешаните бракови?

– А може ли Вмровец и Сдсмовец да пишува..?

– А да станеме правна држава, тоа е тешко, кај што никој нема да помисли да дискриминира некој друг само затоа што има друга нација.

ИНИЦИЈАТОРИ

Од партијата Беса во измените на Законот за лична карта со првиот член предлагаат во податоците на образецот за лична карта да се додаде и „етничката припадност“ на сите етнички заедници предвидени со Уставот на Северна Македонија.

Со предложените членови 2, 3 и 4 се врши усогласување со Законот за прекршоците од 2019 година, во насока на усогласување на прекршочните одредби. Со членот 5 се предвидува обврска на министерот за внатрешни работи да го усогласи Правилникот за образецот на барањето за издавање личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти со одредбите од овој закон.

Со членот 6 од предложениот закон се врши интервенција во однос на името на државата, а со цел имплементација на уставните амандмани XXXIII – XXXVI и Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани од минатата година.

Според сегашното законско решение, во личната карта се запишуваат следниве податоци: презиме и име на граѓанинот; државјанство; пол; датум на раѓање; матичен број; датум на издавање на личната карта; датум на важење на личната карта; место на раѓање; живеалиште, адреса на граѓанинот; надлежен орган кој ја издал личната карта; број на личната карта и потпис на имателот на личната карта.

Образецот на личната карта се печати на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на англиски јазик и неговото писмо. Податоците во образецот на личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на основно латинско писмо. На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, образецот на личната карта се печати и податоците во него се запишуваат и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. На граѓаните кои зборуваат јазик различен од службениот јазик, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Измените во законот, односно внесувањето на етничката припадност во личните карти, меѓу другото, се образложуваат и со злоупотребата на одредена етничка припадност од страна на припадници на друга припадност, како што во изминатата година имаше случаи Македонци да се изјаснуваат како Албанци или Турци, при вработување, користејќи ја етничката припадност како предност во конкурсите за нови работни места, а во согласност со Охридскиот рамковен договор.

Предлогот за внесување етничка припадност во личните карти предизвика реакции и кај политичарите, експертите, аналитичарите и активистите.

СТАВОВИ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ

Премиерот Зоран Заев изјави дека за него не е проблем во личната карта да биде внесена етничката припадност.

– Државјанството е обврска согласно сите меѓународни стандарди. Ние со законот што го прифативме уште при уставните промени, а и сега стоиме зад него, даваме опција да се впише и етничка припадност. Опцијата да се впишеме како етнички припадници, значи покрај тоа што сме Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, да можеме да се пишеме етнички како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми или слично. Личната карта пред сè е документ за лична идентификација. Убавината е што се користи како патен документ. Oвде во регионот на Западен Балкан со сите земји ние патуваме со лична карта – Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина со лична карта и со патни документи. Тоа е проблематично, но дефинитивно не е доволна причина за да не ја ставиме определбата етничка на граѓаните, заради тоа што навистина државата ни е мултиетничка, граѓаните се припадници на повеќе етнички заедници и ќе го имаат правото во својата лична карта да го имаат и својот етникум, изјави Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави  дека  нема ништо против во личните карти да стои и етничката припадност.

– Не гледам проблем во тоа да стои во личната карта дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец, а некој тоа сака да го спречи, вели Мицкоски. Сепак, поддршката за оваа иницијатива ја условува со тоа придавката „северна“ да не стои во личните карти.

Претседателот Стево Пендаровски изјави дека тој лично не се согласува етничката припадност да стои во личните карти бидејќи во светот не постои ниту една демократска држава која го има направено тоа. Но, доколку владејачката коалиција се договори, има мнозинство и законот биде донесен по регуларна постапка, тој истакнува дека нема да има аргументи контра таквиот став и дека ќе го потпише указот. Тој смета дека законот со таква одредба нема да ја растури државата ниту ќе има негативни последици, но доколку се изгласа, ќе го потпише иако тој лично не се согласува тој детаљ да стои во личните карти.

Против предлогот за етничка припадност во л.к. се Левица и Демократскиот сојуз.

Апасиев се противи на законските измени. Со веќе познатиот манипулаторски стил, тој ја коментира иницијативата од националистички и популистички позиции, затскриен зад „придобивките“ на антифашистичката борба, .

Другите партии од албанскиот блок го поддржуваат предлогот во измените на законот, односно внесувањето на етничката припадност во личните карти, со образложение за злоупотребата на одредена етничка припадност од страна на припадници на друга припадност, како што во изминатата година имаше случаи Македонци да се изјаснуваат како Албанци или Турци, при вработување, користејќи ја етничката припадност како предност во конкурсите за нови работни места, а во согласност со Охридскиот рамковен договор.

СТАВОВИ НА КРЕАТОРИТЕ НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ

Сашо Орданоски во колумната „Флертот на СДСМ со уставниот концепт на државата“ објавена на 15 јануари на ЦИВИЛ Медиа, во однос на декларираното прифаќање на предлогот од страна на СДСМ,  вели дека проектот „Едно општество за сите“ на СДСМ, кој требаше да биде главната политичка конструкција за зацврстување на уставно дефинираниот граѓански карактер на државата, полека станува прибежиште за сите националистички фрустрации во владејачката коалиција што ја предводи Зоран Заев.

За поранешниот пратеник Павле Богоевски, внесувањето етничка припадност во личните карти е „најелегантниот начин на спречување етнички фризирања на пописните резулати“.

– Плус, тоа ќе е едно од малкуте места, каде ќе може да се запишеме само како Македонци, без никаква придавка или додавка, пишува Богоевски на социјалните мрежи.

Петрит Сарачини во колумната „Граѓански концепт“, пишува дека е невозможно е Македонија да биде само на Македонците во етничка смисла, а да биде граѓанска држава.

– Невозможна е граѓанска држава, во која едни се НАРОД со предимство и „стопани“, а други се малцинства и „кираџии“! Невозможно е да велиме дека градиме граѓанска држава, а сите „граѓански“ устави на земјава да имаат дефиниции во кои граѓаните се во различни категории – народ, делови од народи, националности, народности, малцинства – врз основа на етничката припадност. Невозможен е граѓански концепт во мултиетничка земја со ексклузивитет на еден јазик! Погледнете ги европските земји кон кои стремиме и што се мултиетнички како нас. Да, тие не означуваат етничка припадност во лични карти, но ги признаваат јазиците на нивните етнички заедници на еднаква основа во сите документи, пишува Сарачини во Слободна зона за нашиот портал.

Предлогот за внесување етничка припадност привремено ги стави под сенка другите прашања како што е очекувањето на вакцините против Ковид-19, реформите во судството, „вработувањето“ на административците, реформите во образованието, па дури и бугарската блокада за почетокот на преговори за членство во ЕУ, а привидно предизвика и ретко согласување меѓу неколку политички ривали.

Евентуалната измена на Законот за лична карта најверојатно нема да предизвика големи промени – ќе останат дежурните „негуватели“ на високи национални чувства и „чуварите“ на државното „единство“ како и секогаш…

Дијана Тахири