Министерството за одбрана ги демантира лажните вести за враќање на наши специјалисти од НАТО мисија

По повод објавите во дел од медиумите, за наводно враќање на специјалисти од хируршкиот тим од нашата земја кои се на обука во Норвешка, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ се обрати до Министерството за одбрана со прашање дали е точна оваа информација, на што веднаш добивме одговор со кој се демантира лажната вест:

До Министерството за одбрана не е испратена поплака од норвешка страна ниту барање за враќање на ниту еден од специјалистите кои се на обука во Норвешка. Хируршкиот тим од Северна Македонија кој се состои од тројца специјалисти и две медицински сестри од јавното здравство и една медицинска сестра од воено медицинскиот центар на 1 март заминува во Авганистан, заедно со норвешки и чешки хируршки тим.

Медицинскиот тим ја завршува специфичната воено теренска обука во Норвешка, со која лекарите од јавното здравство за прв пат се соочуваат, и ќе бидат распоредени на позиции во норвешката болницата во Кабул, Авганистан. Шестчлениот медицински тим е првиот македонски хируршки тим кој ќе учествува во НАТО мисија по членството на Северна Македонија во НАТО, а соработката со норвешките колеги кои се познати по развивањето на воената медицина е од особено значење.

Северна Македонија како членка на НАТО до 2028 година треба да развие НАТО способност во форма на хируршки тим кој ќе стои на располагање како НАТО ресурс и учеството во оваа мисија во Авганистан е првиот чекор за подготовка и развој на оваа способност – ни соопштија од Министерството за одбрана.

Лажна вест

Лажната вест за хируршкиот тим на Северна Македонија се заснова на манипулирање со скен од интерен документ кој, иако не е класифициран, според професионалните стандарди, не е упатно да се споделува со јавноста. Овој случај не е прв и упатува на тоа дека на одредени партиски инсталации не им се важни угледот, а очигледно ниту безбедноста на сопствената земја.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ

This post is also available in: English