Досие: Попис на македонски начин, меѓу статистиката и политиката

Нашето досие за пописот започнува со веста за донесување на законот за попис. Собранието со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата на 21 јануари, според кој пописот ќе се одржи во април годинава. Расправата заврши на 15 јануари, кога немаше кворум за гласање. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа во салата за гласањето. Од најголемата опозициска партија претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на овој закон.

По гласањето во парламентот, премиерот Зоран Заев изјави дека треба сите треба малку „да олабават“ околу пребројувањето на населението, зашто стекнатите граѓански права на етничките заедници остануваат и само може да се развиваат натаму.

„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев на заедничката прес-конференција со чешкиот амбасадор Мирослав Томан.

„Изгласан законот за попис на населението со потребното мнозинство! После речиси 20 години, ќе се изброиме. Никогаш не смееме да дозволиме статистичка операција да ја политизираме. За жал единствено ВМРО-ДПМНЕ застана на спротивната страна, нека судат граѓаните за нивните постапки“, истакна Костадин Костадинов од СДСМ на својот Фејсбук профил, по изгласување на Законот за попис.

КАКО СЕ ОДВИВАШЕ ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС

По неуспешниот обид за попис на населението во 2011 година, кога на власт беа коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, следниот обид за попис на населението требаше да се одржи во април 2020 година, бидејќи до 1 јули 2019 заврши пробниот попис кога во рок од 15-тина дена во 13 општини во земјава успешно беше спроведено пробното пребројување на населението и домаќинствата.

Меѓутоа, предлог законот за попис остана затворен во собраниските фиоки. Не се знаеше кога ќе биде закажана комисиската расправа за предлог законот, бидејќи по најавите за бојкот од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, првата седница на комисијата беше одложена преку ноќ.

Власта и опозицијата беа со спортивставени мислења за тоа дали пописот е според европските стандарди или не. За власта, предложеното законско решение беше според стандардите на Евростат, а за опозицијата предлог законот не беше според стандардите на ОН и Евростат.

Своевремено, и поранешниот евроамбасадор Самуел Жбогар најави дека, иако пописот не е конкретен услов за добивање датум, ЕУ будно ќе го следи.

Тогаш, од ВМРО-ДПМНЕ бараа од власта да се одложи пописот за во 2021 година за да не се повтори тоа што им се случи ним во 2011 кога пропадна пописот. Според Илија Димовски, законот бил непрецизен, а предлагаа измени кои тој ги нарече „принципиелни работи“, иако остана нејасно што точно подразбира тоа. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати искажаа недоверба во директорот на Заводот за статистика и бараа операцијата да ја води посебно тело од академици и професионалци кое ќе се избира во Собрание. ВМРО-ДПМНЕ побара да се дефинира што значи резидентно население и тоа по дефиниција на ЕУ и ЕУРОСТАТ, иако и тие се придржуваат кон меѓународно прифатените и важачки стандарди на ОН, што и самиот закон го подразбира.

„Во меѓупартиските преговори ќе бараме во законот да се стави кој за кого може да даде податоци. Да се дефинира до кое колено може некој да попише времено отсутен член од семејството. Никако не смее да се даде можност секој за секого да може да дава податоци и тоа да се смета за релевантен податок и резултат од попис”, изјави Димовски (30 јули 2019 година).

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на 15 јули 2019 на отворен настан, а потоа и со покани, ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, на лидерска средба со единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите  за членство во унијата.

„За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите“, соопшти Владата.

Сепак, на 20 октомври 2019 година, се одржа лидерска средба каде што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со Зоран Заев изјави дека имале плодна и квалитетна дебата.

„Остануваме посветени на ЕУ интеграцијата на Македонија и добивање датум. Друга алтернатива за Република Македонија и не постои“, изјави Мицкоски.

Што се однесува до предвремените парламентарни тој истакна дека тие се неминовност. Во однос на датумот Мицкоски потенцираше дека е постигнат со консензус од сите лидери.

За разлика од ставот на премиерот Зоран Заев, Мицкоски истакна дека пописот треба да се одложи за 2021 година.

На 18 октомври 2020 година премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил напиша: „Пописот го одложивме бидејќи Мицкоски и опозицијата бараа да биде одложен неколку месеци пред пандемијата и го направивме тоа. Пописот треба да се спроведе заради рамномерниот развој, економските параметри, статистиките што ни требаат во државата. Има правила Евростат и треба да ги почитуваме до крај. Април 2021 е месецот за спроведување на пописот“, истакна Заев.

ПРВО ЧИТАЊЕ

Законот за попис помина во прво читање на 10 декември 2020. Собраниската Комисија за европски прашања на 10 декември 2020 година во прво читање со десет гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ го поддржа и го проследи во натамошна собраниска процедура Предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, согласно кој треба да се овозможи одржување на оваа статистичка операција во 2021 година.

Членовите на Комисијата од опозицијата се согласија дека има потреба од донесување вакво законско решение, но искажаа повеќе забелешки на предлогот и најавија амандмани за подобрување на текстот на законот. Забележаа дека треба да се остранат сите недостатоци на текстот, со цел, како што нагласија, да се избегне политизација на оваа статистичка операција, како да заборавија дека токму комисија составена од членови по предлог на политичките партии е политизирање на процесот. Да не говориме за искуствата во 2011 година.

Како и да е, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на тоа дека, вака како што бил предложен законот, оставал можност за сомнеж за политичко влијание. Тие побараа и организирање јавна расправа за да се слушнело „мислењето на експертите по ова прашање и да се донесе квалитетно законско решение“.

Пратениците од власта, пак, истакнаа дека не треба однапред да се даваат квалификации за овој процес. Пописот, нагласија, ни е повеќе од потребен со оглед на тоа што последниот е спроведен пред дваесеттина години. Ако има конструктивни забелешки на опозицијата, најавија, ќе бидат разгледани во текот на амандманската расправа.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат Законот за попис, кој на 26 декември 2020 година Владата го утврди како закон кој ќе се носи со европско знаменце.

„Законот за попис не е закон кој што треба да го носи европското знаменце, односно се злоупотребува скратената постапка и оние европски знаменца кои што треба да стојат на закони што треба да значат усогласување на македонското законодавство со европското. Ова е закон за попис што всушност е за една употреба, за еден пописен процес во деценијата. Ова е закон што треба да определи една статистичка операција, пребројување на населението, а во него како и секогаш до сега, била вклучена методологијата, но овој пат изостанува методологијата според која ќе биде вршена оваа статистичка операција“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

И Христијан Мицкоски најави дека неговата партија нема да признае попис според сегашниот предлог-закон. Тој рече дека опозицијата ќе поднесе амандмани во финалната фаза, ама дека не може да го блокира донесувањето на законот, затоа што тој се носи според процедура предвидена за регулатива што произлегува од европските директиви.

Премиерот Зоран Заев истакна дека се прават напори предлозите на опозицијата што се однесуваат на Законот за попис да бидат прифатени, посочувајќи дека опозициските партии во овој процес биле вклучени повеќе од една година и половина, кој присуствуваше во Тетово на отворање на новите простории на Државниот пазарен инспекторат (28.12.2020).

„Цела година и половина разговараме за пописот, опозицијата е вклучена. Имаше работни групи, и од власта и од опозицијата, директорот на Државниот завод за статистика одржа неколку состаноци“, изјави Заев. Тој појасни дека има три категории попишување – едниот дел се вкупно граѓаните, вториот дел се граѓани резиденти, односно сите граѓани што живеат во земјата и третата група се граѓани кои се иселени на подолг период од една година. Тоа, според него, ја прави беспредметна и ирационална дебатата за етничка припадност или колкави се процентите и слично.

„Опозицијата даде нов предлог да користиме отпечаток од прст. Јас не знам како ќе го користат отпечатокот граѓаните што се иселени. Правиме напори. Министерот за правда веднаш стапи во контакт со донатори да видиме дали може да обезбедиме донации, имаме амбасади кои располагаат со преку 20 милиони евра поддршка за изборите во државата, па замолуваме да одвојат средства, па да купиме пет илјади апарати за отпечатоци кои би ги користеле за изборите, ама еве ќе помогнат и за пописот“, изјави Заев.

Пописот, потенцира тој, е обврска на граѓаните, и тие треба да се попишат целосно согласно стандардите од Еуростат.

„Ние знаеме кои граѓани повеќе од една година не се вратиле во државата“, рече Заев, додавајќи дека тоа може да се дознае само со стискање на едно копче.

Премиерот изјави дека прави сè опозицијата да биде спокојна, потенцирајќи дека попишувачите се професионалци и оти нив „не ги дава ни СДСМ, ни ДУИ, ни Алијанса, ни ВМРО-ДПМНЕ“.

„Одат во групи, базата на податоци која ја имаме е елктронска, само ќе ги споредиме податоците, но на крајот тоа ни треба најмногу за економските показатели согласно кои државата ќе развива политики“, вели премиерот Заев.

Тој додаде дека есента имаме избори, а 2022 година е веќе касно.

ИЗГЛАСАН ЗАКОН ЗА ПОПИС

Законот за попис кој се изгласа во Собранието со  62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, и кој  се планира да се спроведе од 1 до 21 април, ќе се врши на јазикот што ќе го избере лицето кое се попишува или лицето кое ги дава податоците. Исто така, законот предвидува и глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци.

ПЕНДАРОВСКИ ГО ПОТПИША УКАЗОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОПИС

На 25 јануари 2021 година, Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, по извршените консултации со правни експерти.

Пендаровски изјави дека очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата.

ВМРО-ДПМНЕ ПРОДОЛЖУВААТ СО ПРОТИВЕЊЕ ПРОТИВ ПОПИСОТ

Од СДСМ велат дека пописот на населението што за прв пат по цели 19 години ќе се одржи напролет, е од исклучителна важност за нашата држава и за креирањето на идните државни, економски, здравствени, образовни, културни политики и стратегии, суштински за напредокот на државата.

„Законот за попис, усвоен во Собранието, гарантира одржување на оваа значајна статистичка операција според меѓународните стандарди, според стандардите на Евростат. Деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ околу собирањето на потписи и повикувањето на граѓаните да го бојкотираат пописот е крајно антидржавно однесување. ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира граѓаните и ги поттикнува на непочитување на законите, иако знае дека за лицата кои не сакаат да се попишат следуваат казни. Опозицијата да не го партизира пописот и да не ги инволвира граѓаните за нивни партиски поени, бидејќи на сите им е јасно колку е значајна оваа статистичка операција и колку е голема должноста на сите граѓани да се вградат во нејзиното спроведување“, велат од СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта истуркала на сила закон за попис кој е полн со нелогичности, со застарена методологија која не е по препораките на Еуростат.

„Изгласаа закон за попис кој ќе биде со врзан потпис, од страна на директорот кој е од СДСМ и заменик директорот на државниот завод за статистика кој е од ДУИ, и со тоа јасно се гледа дека ова ќе биде политичка, а не статистичка операција. Деновиве се погласно се зборува дека веќе меѓувладините коалициони партнери однапред ги договориле резулатите од оваа политичка операција. Токму затоа вакавата операција ВМРО-ДПМНЕ нема да ја прифати. ВМРО-ДПМНЕ преку пратениците во Собранието се обиде да учествува во носењето на овој закон за попис, преку амандмани на овој закон, но власта како и многу пати до сега, тотално ја игнорираше опозицијата кога се работи за крупни прашања ки се во интерес на сите граѓани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

БАЧОВСКА: ВАЖНО Е ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ ОД НАЦИОНАЛНАТА МАТРИЦА

Универзитетската професорка Јасна Бачовска Недиќ истакна дека е многу важно да се излезе од таа национална матрица на мислење и третирање на овој проблем.

„Многу е битно да излеземе од таа национална матрица на мислење и третирање на овој проблем (попис). Македонија воопшто како држава по ослободувањето има солидна традиција на пописи. 1948, па потоа на секои десет години, па по осамостојувањето 1991, 1994, за подоцна да почнуваат да се надзираат тие меѓуетнички тензии, па тие несреќни 20%, велам несреќни, бидејќи јас како интелектуалец не сакам да размислувам за правата на луѓето низ проценти. Сега имаме една скандалозна ситуација, каде 18 години немаме одржано попис“, изјави универзитетската професорка Јасна Бачовска – Недиќ, во Утрински Брифинг.

ВМРО-ДПМНЕ НАЈАВИ СОБИРАЊЕ ПОТПИСИ ПРОТИВ ПОПИСОТ, ОД СДСМ ОДГОВОРИЈА: НЕ ГИ МАНИПУЛИРАЈТЕ ГРАЃАНИТЕ! ИНИЦИЈАТИВАТА ПРОПАДНА.

ВМРО-ДПМНЕ најави собирање граѓански потписи за укинување на Законот за попис на 28 јануари. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, Александар Николоски, при гостувањето во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија, кажа дека правната процедура е веќе започната. Минималната бројка, како што изјави тој е 10.000 потписи, меѓутоа тој очекува дека бројката ќе достигне 100.000 потписи. Таа иницијатива пропадна.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира со граѓаните и го загрозува нивното здравје со собирањето потписи, додека од друга страна, истата партија бара одложување на пописот со пандемијата како изговор (26 јануари).

„Чесно е ВМРО-ДПМНЕ да им признае на граѓаните дека со потписи нема да се поништи Законот за попис, потписите не го ставаат надвор од сила Законот, туку треба нов закон, а тоа можат да го направат и како пратеничка група, да поднесат предлог закон“, изјави Петровска.

Таа оцени дека со повикот за собирање потписи, ВМРО-ДПМНЕ потенцијално го загрозува здравјето на граѓаните, повикувајќи ги да одат во канцелариите и да се потпишат, а од друга страна изразува резерви за безбедноста на здравствениот аспект на пописот.

Петровска одговори и за обвинувањата на опозицијата дека станува збор за политичка операција потсетувајќи ги на политичката комисија која беше формирана во 2011 година која доведе до пропаѓање на пописот во таа година.

„Ако споредуваме со пописот во 2011 година, тогаш политизацијата беше видлива со пописната политичка комисија, сега, според Законот за попис, оваа статистичка операција ќе ја извршат институции во државата, пред сè, Државниот завод за статистика”, рече Петровска.

ДУИ ЛИЦИТИРА СО БРОЈКИ

Пратеникот од редовите на ДУИ, Арбр Адеми рече дека доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20 отсто, тогаш нема да ги признае резултатите.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети напомена дека Албанците не може да бидат помалку од 25 проценти, колку што биле и во 2002 година. Бројката ја образложи со констатацијата дека Албанците во Македонија имаат стапка на наталитет која последниве години е зголемена.

Потпретседателот на ДУИ и координатор на пратеничката група, Изет Меџити вели дека нема дилеми за бројот на Албанците, тие на пописот ќе бидат над 25 отсто.

„Според бројот на ученици, по наталитет и по многу фактори, Албанците ќе бидат над 25 отсто. Сите индикатори говорат дека Албанците се нешто повеќе од тоа што биле на последниот попис. Нема потреба од такви дилеми. Пописот е статистичка операција, значи треба да се утврди бројката во нашата држава и тоа е добро за наредните стратегии и развој, да имаме точна бројка било за економски параметри, било за друга природа“, вели Меџити.

СУДСКИ ПРЕДМЕТ „ПОПИС“

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 2 октомври 2020 година беше на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција, за пропаднатиот попис во 2011 година. Истрагата по предметот „Попис“ ја отвори поранешното СЈО, за потоа да ја преземе ОЈО за организиран криминал и корупција.

Случајот се однесува на пропаднатиот попис во 2011 година, организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според СЈО, со стопирањето на пописот на населението тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е во бегство, Никола Груевски и неговиот коалициски партнер во владата Али Ахмети, нанеле штета на Буџетот во висина од 2,8 милиони евра.

СИМОВСКИ: СО ПОПИСОТ ЌЕ СЕ КРЕИРААТ РАЗВОЈНИ ПОЛИТИКИ ВО ДРЖАВАТА ВО НАРЕДНИТЕ 10 ГОДИНИ

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на панелот на ЦИВИЛ, Попис: Помеѓу статистиките и политиките, што се одржа на 11 декември 2020 година опширно го појасни целиот процес на спроведување на пописот . Симовски на панелот најави и детално опиша и неколку новини, најави дека пописот нема да дозволи да се политизира, го објасни целосниот процес и уште многу други детали за коишто смета дека јавноста мора да ги знае.

„Јавноста треба да ги знае сите детали за пописот, треба да се подготвиме сите,  бидејќи иако е статистичка, оваа активност  не е само статистичка, туку е активност што треба да обезбеди податоци за општо добро. Податоци со коишто ќе се креираат развојни политики во државата наредните десет години, и врз основа на тоа, секој граѓанин во нашата држава да има бенефит од оваа работа. Подготовките за овој попис почнаа многу одамна, попис не се подготвува за еден месец или два, или година дена, се подготвува подолг временски период, односно, по правило, подготовките започнуваат кога ќе заврши последниот попис, значи веднаш следниот ден, започнуваат подготовките за следниот попис. Се разбира, врз основа на сознанијата, искуствата но се разбира и од искуствата за потребите на јавноста за информации, така што веќе долго време се подготвуваме. Меѓутоа, она што е кочница во моментов, е донесувањето на законот, вчера почна расправата во парламентот, вели Симовски.

ДЕРАЛА: НАЦИОНАЛИЗОМОТ Е АЛАТКА НА ОДРЕДЕНИ ПОЛИТИЧКИ СТРУКТУРИ ЗА ПОЛИТИЗИРАЊЕ НА ПОПИСОТ

На панелот со тема Попис: Меѓу статистиките и политиките, Џабир Дерала од ЦИВИЛ се осврнува на политизирањето на пописот, на кои политички структури тоа им одговара, како и зошто досега во јавноста е засадена мислата дека пописот на население е политизиран.

„Веќе подолго време сме сведоци на една жестока, деструктивна политика која го контаминира јавниот и политичкиот дискурс, во таа насока што ниту едно прашање не може да помине, а да не се исполитизира. Пописот е многу важна стратешка точка, во креирањето на атмосферата во општеството, во јавноста, од ултранационалистичките и антизападните структури во политиката. Пописот може многу лесно да се претвори во оружје, во битката со кое се прави обид да се дискредитира политичкиот противник. (…) И тука имаме ситуација кога национализмот, односно меѓуетничките односи, стануваат главна тема, буквално во сите области“ – рече Дерала на панел дискусијата.

ПОПИСОТ НЕ Е АЛАТКА ВО ДРЖАВАТА ВО КОЈА СÈ Е ПАРТИЈА

Професорката Мирјана Најчевска, надвор од рамките на партиските натезања и аргументирања, направи осврт на причините од дваесетгодишното одлагање на пописот и резултатите што произлегоа од нив.

„Пописот може да биде традиционален, базиран на регистри, комбиниран. Може да го пребројува постојаното или присутното население. Може да се изведува со попишувачи или по електронски пат. Со употреба на нови технологии и технолошки алатки.

За начинот на изведување на Пописот може да се разговара, меѓутоа, на актуелниот степен од развојот на човештвото, никој не ја спори потребата од изведување попис.

Всушност, потребата од попишување на населението воопшто и не е дел од современиот развој. Најстариот попис на населението е изведен во Египет во 3340 година пне. И од тој момент се спроведува во сé поголем број држави и на сé поголем простор.

Според ЕУРОСТАТ: „Пописите за население и домување обезбедуваат прецизен и географски детален број на население во една држава. Тие нудат информации за широк спектар карактеристики на населението на многу детално ниво на вкрстена класификација. Ова ги прави богат извор за длабинска и флексибилна анализа. Пописите даваат основни статистички податоци за формулирање и проценка на политиките, за администрацијата и за истражувања. Со поставување на темелите за проценки на населението, примероци од истражувања и збирки географски податоци, пописите на населението и домувањето се ‘рбетот на социјалната и регионалната статистика“.

ФИЛИПЧЕ: ДРЖАВАТА ИМА КАПАЦИТЕТ ДА СПРОВЕДЕ ПОПИС ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА

„Пописот може да се изведе и да се заврши по сите здравствени протоколи. Консензус на ниво на Светската здравствена организација е дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи кои се универзално прифатени во сите земји“, истакна министерот за здравство Венко Филипче, на онлајн конференцијата организирана од страна на „Рома Интеграцион Центрум“, на 21 јануари.

Тој посочи дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести се на располагање за едукација и донесување на протоколи за спроведување на оваа статистичка операција.

„Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести сме на располагање на сите чинители кои ќе бидат вклучени во процесот на спроведување на пописот. Ќе дадеме свои укажувања, доколку е потребно може да имаме и мини едукација како тоа да биде организирано од институциите кои што ќе го водат тој процес“, истакна Филипче.

Како позитивен пример го посочи изборниот процес кој во делот на спроведувањето на здравствените протоколи помина без ниту една забелешка.

МАРИЧИЌ: ДРЖАВАТА ВЕЌЕ НЕ МОЖЕ ДА СИ ГО ДОЗВОЛИ ЛУКСУЗОТ ДА НЕМА ПОПИС

Министерот за правда Бојан Маричиќ на онлајн-конференцијата во организација на „Рома Интеграцион Центрум“, на 21 јануари, нагласи дека нашата држава повеќе не може да си дозволи „луксуз“ и да остане без попис уште неколку години. Дотолку повеќе што државите членки на Обединетите Нации се обврзани спроведуваат попишување на населението и имотот.

Министерот истакна дека е време да се престанеме да се гледа на пописот како на политичко прашање, кое служи само за да се пребројат етничките заедници во нашата земја и како општество да се фокусираме на тоа како пописот може да биде своевиден катализатор на развојот на државата и планирањето на политиките, особено за најранливите категории на граѓани.

„Без да знаеме колку точно жители има некој град, село или населено место, што точно работат, какво образование имаат, со каков имот располагаат, што точно им е потребно, нема да можеме да креираме долгорочни развојни политики и да имаме соодветен слух за потребите на сите граѓани“, изјави Маричиќ.

Министерот порача дека покрај населението со потписот ќе се попишат и нашинците во странство, односно дијаспората, а во Заводот за статистика веќе се изработува и посебна промотивна кампања преку која на овие лица детално ќе им се објасни како да учествуваат во процесот, за сите да можат да го искористат своето право.

ДЗС НА СРЕДБА СО ДРЖАВНИОТ ВРВ И СО ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ПОПИСОТ

Во рамки на тековните активности на Државниот завод за статистика за успешно спроведување на претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите, на 29 јануари 2021 година, во Собранието на Република Северна Македонија, организираа работна средба на која беа поканети сите градоначалници на општините во нашата држава. Средбата беше со цел информирање и координација со локалната самоуправа со цел непречено организирање на пописот.

На работниот состанок присуствуваа претседателот Пендаровски, собранискиот спикер Џафери, премиерот Заев, министрите Маричиќ и Милевски, претседателот на ЗЕЛС Шилегов и директорот на Државниот завод за статистика Симовски.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека методологијата за спроведување на пописот закажан за април месец ќе биде објавена во Службен весник како јавен документ и ќе ги содржи сите информации до најситен детал за неговото спроведување.

Советот на амбасадори ја поздрави решеноста на Владата за спроведување на пописот и ги повикува сите политички чинители и невладиниот сектор да дадат свој придонес во успешното спроведување на оваа статистичка операција.

АНКЕТА НА ЦИВИЛ: ЗОШТО Е ВАЖНО ДА СЕ ОДРЖИ ПОПИС?

„Многу е важно да се одржи пописот, оти без броење нема да знаеш колку кокошки имаш во дворот. Пописот е важен и за многу други работи затоа што статистиката е најбитна работа во животот“, вели еден граѓанин на прашањето на ЦИВИЛ Медиа – Зошто е важно да се одржи попис?

Поголемит дел од анкетираните граѓани сметаат дека пописот треба да се одржи бидејќи е статистички податок кој е неопходен за функционирање на државата.

КАЗНИ

Глоба во износ од 200 до 300 евра ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците за Пописот или ако даде неточни податоци. Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години. Ако делото го стори учесник во Пописот или друго службено лице при спроведувањето на Пописот, ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години.

Дехран Муратов