Што е тоа што ДПМНЕ може да го направи, а тоа не може да го направи Африм Гаши и целото партиско раководство на Алтернатива? Одеднаш, буквално преку ноќ, Зејд ја промени одлуката и послушно застана на говорницата до својот партиски претседател. Од бунотовник, за една ноќ стана послушник
ЏАБИР ДЕРАЛА
Веднаш по прес конференцијата на „алтернативците“ (не на Тупурковски, туку на Гаши) имав интересен разговор со еден мој близок пријател, инаку еден од најдобрите аналитичари во земјава. Ќе пренесам дел од нашиот разговор по сеќавање и ќе поставам неколку (реторички) прашања кои не се поставија, а уште помалку ги одговорија политичарите на Алтернатива.
Овој текст го пишувам, не заради значењето на самиот прес на Алтернатива, туку затоа што е мошне добра илустрација за наивноста со која се објаснуваат политичките трансформации. Реакцијата на јавноста е уште повеќе илустрација за замаеност или намерно прикривање на вистинските прашања.
Од бунтовник до послушник
Да рекапитулираме. Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд, блесна во јавноста со еден невообичаено храбар исчекор. Тој излезе со став целосно спротивен на курсот на неговата партија која, во потрага по власт, чучна во скутот на Мицкоски и Апасиев. Тој кажа дека не се согласува со постапката на неговата партија и дека ќе ја убедува партијата да ја промени одлуката.
Зејд изјави и дека е спремен да се откаже и од својата функција на пратеник во Собранието и од членство во партијата. Едноставно, не ја послуша својата партија, следејќи ја својата совест и за добра кауза. На тој начин, Зејд ги заслужи аплаузите во јавноста.
Одеднаш, пратеник на ДПМНЕ, со само една Фејсбук објава, успеа да го убеди во спротивното. Како тоа? Многу чудно. Премногу чудно, дури и за балканскиот стил на водење политики. Налик на пресвртите во карактерите во легендарната серија „Готам“.
Што може ДПМНЕ, а не може Гаши?
Што е тоа што ДПМНЕ може да го направи, а тоа не може да го направи Африм Гаши и целото партиско раководство на Алтернатива?
Одеднаш, буквално преку ноќ, Зејд ја промени одлуката и послушно застана на говорницата до својот партиски претседател.
Како тоа? Што (му) направи или понуди ДПМНЕ на Зејд? Немало притисок или непристојни предлози? Каде е логиката? Мора да има одговори на овие прашања. Прашања за моралот не мора да поставуваме.
ДПМНЕ се обидуваше да ја убеди јавноста дека Зејд е под притисок на СДСМ и ДУИ, кога тој изнесе свое мислење, врз основа на неговиот сопствен морален суд. Дури и тој самиот, многу наивно, се правда дека „за да не биде дека бил фатен од СДСМ и ДУИ“, се одлучил да се врати во пајажината. Во денешно време, ни децата не се толку наивни, па нема да ја употребам фразата „приказни за мали деца“.
Наивни оправдувања
Главното оправдување на дел од трите партии на Албанците (сите заедно го мечираат бројот на пратенички и пратеници на ДУИ) е дека нивна цел е соборување на ДУИ.
Наивно е ова оправдување, особено во светлината на процесите (ЕУ, реформи во судството, Едно општество за сите) против кои се бори двоецот Мицкоски-Апасиев. Тие се борат за власт, онаква каква што имавме до 2016 година, во која омразата против Албанците беше и остана норма.
Единствената „победа“ е во исфрлањето на и онака безначајните апасиевци од шаторот на Мицкоски.
Смешно е да се каже борбата е „морално чиста“ со исфрлањето на потписот на апасиевците. Ако апасиевците гласаат заедно со нив, сеедно е дали ставиле формален потпис на иницијативата или не. Колку пати треба да кажеме дека ова оправдување не држи вода. Нивните членови и гласачи не пијат нафта. Барем повеќето не.
Не е добро да се биде толку кусоглед во политиката. Многу е очигледно дека во оваа каша има многу повеќе зачини.
Руски играчи
Главните иницијатори, Мицкоски и Апасиев (без формален потпис, но со практично учество во операцијата), не кажуваат дали имаат план што понатаму, по гласањето за недоверба. Но тоа е само навидум така. Од Месечината се гледа дека се работи за добро подготвена и скапо платена операција, со план што не е изработен во Скопје или било каде во Северна Македонија.
Планот е скован во Москва, а логистичкиот центар е во Будимпешта. Ете на која оска се наоѓаат лидерите на трите партии на Албанците, кои својата „борба“ ја портретираат како борба против ДУИ. Малку се споменува Заев во нивниот наратив.
Очигледно, цената да се биде за или против ДУИ е вртоглаво висока. На крајот на краиштата, да се биде играч, макар и руски, не е мала работа. Со или без „фингерпринтот“ на апасиевците.
На сето ова, се надоврзува и анализата на словенечки ИФИМЕС, а секако и бројните претходни анализи во кои се алармира за „рускиот прст“ во македонската политика и изборните процеси.
Дали на политичарите Албанци им е толку важно да седнат во фотелјите на власта, макар и како руски кметови, а на страната на антиалбанските и антизападните структури?
Соочувањето со последиците од оваа операција ќе биде непријатно за сите, не само за протагонистите на овој политичко-шпионски трилер. Без оглед на исходот од гласањето за недоверба во владата на Заев.
Текстот е личен став на Авторот. Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот).