ЦИВИЛ ја повикува Владата да донесе целосна забрана за работа во Штип и секаде каде што тоа е потребно

Имајќи предвид дека бројот на нови случаи на заболени од коронавирусот е во пораст, ЦИВИЛ ја повикува Владата да донесе одлука за целосна забрана за работа во текот на полицискиот час за време на продолжениот празничен викенд. Бројот на случаи на заразени од коронавирусот е во пораст токму меѓу работничките и работниците во приватниот сектор, особено во текстилната индустрија. ЦИВИЛ ја повикува владата да донесе строга забрана за работа во Штип, но и во други општини (Скопје, Куманово, Тетово итн.) каде што се бележи пораст на бројот на носителите и заболените од коронавирусот.

ЦИВИЛ во целост го поддржува предлогот на градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кој побара забрана за работа во текстилните погони. Веруваме дека и други градоначалници ќе ја согледаат потребата од ваква забрана и дополнителни мерки за заштита, со што ќе се придонесе кон заштита од ширење на коронавирусот и негово целосно излегување од контролата.

И покрај тоа што беше најавено привремено затворање на неколку текстилни фабрики во Штип и беше упатен апел за задолжителна самозиолација на вработените во овие конфекции, ризикот сѐ уште е висок, со оглед на фактот дека важат дозволите за работа за време на полициски час.

Воедно, ги повикуваме властите, особено Министерството за внатрешни работи и инспекциските служби, да ги засилат напорите за максимално почитување на мерките и ограничувањата кои имаат цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Истовремено, ЦИВИЛ бара доследно почитување на човековите права и слободи, на начин што во ниеден случај нема да бидат пречекорени или злоупотребени овластувањата на службените лица во текот на спроведувањето на мерките.

ЦИВИЛ Тим за комуникации