ЦИВИЛ на прес конференција информираше за текот на изборите за градоначалници на општините Штип и Пласница

Набљудувачите од Пласница известија дека изборната кампања била мирна, без проблеми и без масовни собири или друг вид на директна комуникација со гласачите. Двата кандидати за градоначалници за Пласница Алија Јахоски од ДУИ и Рамазан Шерифовски, од Движењето за национално единство на Турците своите кампањи ги водеа преку социјалните мрежи.

Набљудувачите на ЦИВИЛ известуваат дека дошле до информации дека десетина гласачи од Штип не се во можност да го искористат своето право на глас затоа што пријавиле симптоми на корона вирус и треба да се тестираат по истекот на рокот за пријавување на позитивни од Kовид-19 и на лицата кои се во изолација. За овие лица не постои можност за гласање. Не е позната точната бројка од лицата кои поради недостатоци во законската регулатива, не можат да го остварат своето право на глас. Тоа, според ЦИВИЛ, претставува кршење на правото на глас.

Веднаш по стапувањето на изборниот молк е забележано прекршување на молкот. Останале спонзорираните реклами на социјалните мрежи на двајца кандидати за градоначалници, а во градот се појавиле флаери на повеќе локации кои повикуваат на бојкот на изборите, разделени од страна на непознати сторители. Самите флаери се повикуваат на здравствената криза и порачуваат поради здравјето, граѓанките и граѓаните на Штип да останат дома и да не гласаат.

Во текот на изборната кампања, односно неколку дена пред изборите за градоначалник на Штип, искинати се плакати на еден од кандидатите. Речиси сите плакати поставени на ѕидот на градскиот стадион во Штип се искинати. Партијата која стои зад кандидатот на својот Фејсбук профил ги обвини членовите и активистите на еден противкандидат, без да приложи докази за тоа.

Еден кандидат користеше и деца за изборната кампања. Имено, партијата која стои зад него објави фотографија со кандидатот како држи мало дете во рака, а не се потрудија барем да го заштитат идентитетот на детето.

Се бележи и лепење плакати на места на кои не е предвидено лепење плакати, како и врз мурали кои се креација на млади уметници. Тоа, според ЦИВИЛ, претставува вандализам, подеднакво како и кинењето плакати.

На 11 декември во Штип до 14 часот сите 12 пријавени гласачи, позитивни на Ковид-19, го искористиле своето право на глас. Во Општина Пласница немаше пријавени лица за гласање, позитивни на Ковид-19 или во самоизолација.

Денеска гласаат болните и немоќните и осудените лица. Избирачките одбори во домовите ќе посетат вкупно 66 болни и немоќни лица, а за петте казнено-поправни институции во земјава формирани се исто толку избирачки одбори, кои треба да овозможат гласање на 67 осуденици од Штип.

Утре е изборниот ден, кога во 7 часот ќе се отворат гласачките места, а во 19 часот ќе се затворат. Според Државната изборна комисија, во изводите од Избирачкиот список за гласање во Општина Штип запишани се 39.605 гласача. Во посебниот избирачки список што се однесува на лица кои се на привремен престој или работа во странство се запишани 2.103 лица, во посебниот избирачки список кои се во затвор или во притвор запишани се 67 граѓани и лица згрижени во домови за вонсемејна заштита се двајца гласачи.

Вкупниот број на гласачи е 41.777. Ако никој од кандидатите не го освои мнозинството гласови тогаш ќе се гласа и во втор круг на 27-ми декември. За да бидат успешни изборите на 13-ти декември треба да гласаат една третина од запишаните избирачи или својот глас да го дадат 13.996 граѓани.

Во Штип се гласа за пет кандидати за градоначалници и тоа од СДСМ, Сашко Николов, Симон Поликрап од Интегра, Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“, Лазар Наумов од партијата ТМРО и Трајче Митев независен кандидат.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ