Дебата на ЦИВИЛ за правата на Ромите: Да се стави крај на расизмот и дискриминацијата!

Заменик-народен правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа на дебатата на ЦИВИЛ „На ‘балот’ за човековите права на Ромите“ по повод 8 април упати порака да им се даде можност на квалитетните и стручните кадри да бидат вработени во раководни функции за да го променат и мислењето дека Ромите не вредат, но и самите да придонесат кон промена на заедницата и општеството, додавајќи дека „правата ги има на хартија, но проблем е имплементација“.

Институцијата народен правобранител постои повеќе од 20 години. Постои со мандат да ги штити уставните и законски права на сите граѓани, вклучително и Ромите, коишто согласно правната регулатива треба да бидат еднакви пред законите и во начините на остварување на правата.

Овде во оваа институција, во овој орган, водиме статистика за нашите потреби заради можноста на почитување на правата на само изјаснување на граѓаните. Врз основа на добиените податоци при пополнување на приставките за доставување барање за определена заштита пред народниот правобранител, општа констатација е дека од година во година бројот на поплаки поднесени од припадници од ромската заедница се зголемува. Иако, лично сметам дека не ја одразува вистинската бројка на повредени права на граѓани од секојдневието во кое се соочуваат.

Бајрамовска-Мустафа смета дека институцијата Народен правобранител мора многу повеќе да работи на сопствената промоција дури и кај ранливите категории кои се соочуваат со повреда на сопствените права.

Таа вели дека се чувствува нелагодно кога за човековите права на Ромите се зборува само во пресрет на 8 април, светскиот ден на Ромите, додавајќи дека ова треба да се промени бидејќи човековите права на Ромите не се одбележуваат само на 8 април, туку 365 дена во годината.

„Ние немаме посебен Омбудсман за Ромите, меѓутоа имаме посебна област која ги таргетира проблемите на Ромите во областа од заштита од недискриминација и следење на принципот на соодветна и правична застапеност. Постои големо незадоволство од страна на Ромите од грижата која државата им ја обезбедува како корисници на право, социјална заштита и сигурност, права на Ромите од здравствен и полициски аспект, добивање државјанство и изводи од книга на родени итн.“, вели Бајрамовска-Мустафа.

Институцијата народен правобранител вложува максимални напори да биде поблиску до Ромите. Во изминатите години, биле организирани конференции за согледување на тоа колку е подобрена состојбата на Ромите во нашата држава, особено во периодот по доста очекуваната и доста критикуваната декада на Ромите 2005-2015, чиј што почеток, особено кај Ромите, беше очекувано дека ситуацијата драстично ќе се промени во однос на многу права, особено во четирите примарни области како што се вработувањето, образованието, здравствената заштита, домувањето и сите други кои попатно се вкрстуваат со овие права. Но состојбата покажала дека не е задоволителна и треба да се направат промени, иако во некои сегменти имало видливи подобрувања, но во целост, мора да се донесат нови промени.

„Искрено, мене воопшто не ми пречи мислењето за помала вредност на Ромот од некој кој што не е Ром. Можам многу лесно да се изборам со такво мислење. Ова е моја лична перцепција, иако не е лесно и едноставно, но упорноста ќе ме држи да му докажам дека оној другиот кој има мислење дека Ромот е помалку вреден од некој друг само затоа што е Ром, е грешка. Ние секојдневно сиве овие 30 години независност па дури и претходно, бевме соочени со таа постојана борба на самодокажување за образованието, при вработувањето, самодокажување за вредноста за тоа колку еден Ром може да придонесе и да го промени мнението на општеството кон ромската заедница.

Многу повеќе ме боли мислењето на оној кој што е твој во оваа држава наречена Македонија за она кој колку вреди. Многу повеќе ме повредува борбата и имитацијата кога зборуваме за политичките моќи за копирање на големите политички партии.“

Во своето завршно излагање, Бајрамовска-Мустафа, сподели дека 12 години по ред прават извештај за следењето на примената на начелото за соодветна и правична застапеност, но никој во Собранието, каде се носат политиките, не го читал.

„Во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите, интересно е што не говориме на јазик кој е клучен сегмент од нашиот идентитет, не говориме на ромски. Дури и на некои настани на кои се говори од нас за нас и за проблемите со кои се соочуваме не само на локално туку и на национално ниво“, изјави Тефик Махмут, граѓански активист, на дебатата на ЦИВИЛ „На ‘балот’ за човековите права на Ромите“.

„Кога говориме за правична и соодветна застапеност убаво би било да направиме разлика меѓу тоа што е правична, а што соодветна застапеност. Да, можеби имаме делумна соодветна застапеност во органите на власта, но немаме, но немаме правична застапеност. Ние поднесовме барања до сите министерства што фигурираат во рамки на Владата, да видиме колку Роми има застапени и да ја регулираме таа некоја правична и соодветна застапеност… Немаме ниту еден вработен во министерство за култура, немаме Ром којшто работи во Министерството. Замислете, во држава која е или претендира да биде мултикултурна, а второ момент е што немаме Роми кои се инкорпорирани во повисоките ешалони на власта.

Имаме способни кадри, кои да имавме способни кадри кои што се инсталирани во органите на власта, немаше да имаме недостаток на политичка соодветна застапеност. Тоа е тоа како добар индикатор дека истите не си ја работат својата работа. Можеби се способни да служат како мегафони на власта, без разлика кој ќе дојде на власти да се шлепаат со истите. Или сме способни да правиме селфиња пред мостови со бездомници или идеме на екскурзии по ромските маала.

Сметам дека етничките димензии на нашиот идентитет не ја детерминираат нашата компетентност. Со други зборови не треба да бидеме само на позиции од кои што ќе работиме само на ромски прашања. Имаме компетентни професионалци што можат да работат за мејнстрим прашања за било што поврзано не само за нас како етничка група, туку и за државата како колективна цел на сите нас“, истакна Махмут.

Рамуш Муарем – Цирко, новинар и активист, на дебатата на ЦИВИЛ „На „балот“ за човековите права на Ромите“ истакна дека правата на Ромите треба да се почитуваат секој ден, како и на секое малцинство.

„Многу малку примери има каде се слави ден на некое малцинство. На 8 април донесен е одлука за користење на зборот Ром или Ромка, за користење на ромското знаме, јазик и химна. Со тоа се дефинира ромскиот идентитет. Според мене, подобро е 8 април да биде ден на Ромскиот идентитет.

Општествата во светот, па и кај нас, во однос на инфериорноста и супериорноста функционираат на речиси еднаков начин. Ромите кога се раѓаат, се раѓаат со инфериорност. Хендикепот е дека ние со нашето раѓање е во старт, затоа што ние мора да ги научиме уште од старт, два јазика. Нашиот, мајчин, и нормално, јазикот на територијата во којашто се раѓаме. Досегашните политички претставници на Ромите во нашата земја, се претопуваат во големите не-ромски партии, за да се востоличат и заради нивните лични интереси. И така станува јасно колку тие можат да ги бранат интересите на сопствената етничка заедница. Во смисла – колку можеш да ги штитат интересите на сопствената заедница, кога се кадри на, да речеме, ВМРО, СДСМ, ДУИ…да, ти си претставник на ромската заедница, но, во секој случај, колку ќе ја имаш предноста да ги штитиш најотворено интересите на ромската заедница. А знаеме зошто се местат, прифаќаат такви позиции, во првиот, вториот и третиот ешалон немаме претставници од ромската заедница. Нормално дека ќе немаме претставници од ромската заедница, затоа што, едноставно, се устоличиле таму и не се борат за административна застапеност во првиот, вториот или третиот ешалон, туку си ги завршиле своите потреби, и тука веќе завршува приказната“, вели Муарем.

На дебатата на ЦИВИЛ на тема „На „Балот“ на човековите права на Ромите“, Џабир Дерала, ЦИВИЛ, отвори неколку битни прашања во однос на улогата на општеството и политичките претставници кон ромската заедница во земјава, но и улогата на самата ромска заедница во однос на себе. Дерала даде опширен преглед на тоа што значи да си Ром во една мултиетничка земја како што е нашата, и се осврна на можните решенија во однос на тешката состојба со човековите права на ромската заедница.

-Би сакал да кажам неколку зборови повеќе, од моето лично искуство и од мојата лична позиција во поглед на ова многу важно прашање. Бев многу возбуден кога падна идејата на колегиум за организирање на еден ваков настан. Знаеме дека на 8 април сите ќе побрзаат да си дадат свои придонеси, медиумски, да се пофалат, па и да празнуваат по овој ден, евентуално да прекршат некои од правилата за заштита од Ковид  кризата. Но, затоа е и битно, денеска, барем два дена порано од тој ден, да упатиме еден аларм.

Со сето уважување кон добрите и исцрпни информации за тоа што се прави или што се планира да се прави, би сакал да спомнам неколку состојби, општи, во светот, а на тие состојби Северна Македонија воопшто не е исклучок. За жал, ниту од далеку. Тоа што го гледаме веќе со децении, еве ќе зборувам за последните триесет години, гледаме структурна дискриминација на Ромите, гледаме стигматизација, општоприфатена од практично сите заедници кои живеат во нашата земја, гледаме насилство, кое е и стркуктурно, меѓутоа е насилство кое е проширено во соседствата, во заедниците итн. Ова е една ситуација, која, гледано и на глобални нивоа, гледаме широка распространета идеологија з а расната доминација, за расната супериорност во однос на Ромите. И тоа е уверување кое е проширено меѓу огромен број луѓе, како во светот, така и во нашата земја, во нашето општество. Знаете, може да припаѓате на која било заедница, меѓутоа, знаете дека сте барем малку повредни од Ромите!

Тоа е уверување, тоа е идеологија, тоа е чувство на супериорност, во однос на ромската заедница, колку и да се заедниците мали или дискриминирани од некои поголеми заедници, во одредени околности, дали на општинско, дали на државно ниво итн.  Ние наследивме состојби д еден единаесетгодишен режим ,во кој дискриминацијата беше државен систем. Тоа по сите хоризонтали и вертикали беше воспоставено како принцип, како нешто што го живеевме секој ден…

Од тоа не можеме многу лесно да се извлечеме, и не можеме ни од далеку, ама баш ни од далеку да се надеваме дека каква било владина  стратегија или владини мерки и практики, колку и да се добри, дека можат да придонесат кон надминување на таа состојба. Зошто? Заради тоа што мора да се менува општеството, мора да се менува јавната свест, мора да се менуваат животните навики, во кои е длабоко вкоренета идеологијата на расната супериорност во однос на Ромите. Тука треба да обрнеме најмногу внимание. Тука не помагаат владини кампањи, тука, за жал, не можат да помогнат ниту невладините организации,  бидејќи тие се затворени во својот меур, живеат од проект до проект, колку у да се посветени, а еден голем дел воопшто и не се посветени на ништо друго, освен на проектите и тоа што произлегува од нив, знаеме сите што е… Не можеме да постигнеме.

Што треба да се направи?

Концептот кој израсна од улиците на  Скопје и другите македонски градови  за време на Шарената револуција, наречен „Едно општество за сите“, стана  стратегија на Владата. Таа треба да биде државна стратегија, и притоа, да се започне со имплементација на таа стратегија, пред се во образованието, културата и медиумите, а се разбира и во економските аспекти, во кои јас лично не се разбирам многу, меѓутоа, мора да бидат имплементирани. Но, најмногу од се, треба да се менува менталниот склоп, начинот на кој се размислува  во поглед на Ромите. Тоа што го гледаме ние три децении наназад во независна Македонија, е политичко претставување, кое може да служи во Европа, па и пошироко. Меѓутоа, што добивате со политичко претставување на ромската заедница? Добивате политички елити, интересни  групи, кои всушност, го мелат сопственото  гласачко тело, и го подредуваат на интересите на тие што се поголеми, и ја спроведуваат системската дискриминација. Заради тоа, политичкото претставување, барем уште некое време, додека не дојдат нови генерации на политички репрезенти на ромската заедница , какви што, искрено, во моментов гледам овде, но за жал ги нема во оние партиски структури кои се натпреваруваат за власт, нив ги нема се уште, за жал. Кога политичкото претставување ќе стане вистинско политичко претставување на политичките, етничките, културните, економските, и сите други, социјалните, образовните интереси на ромската заедница, која кора и самата да се бори за еднаквост, бидејќи, ако не се борите за еднаквост, слобода и човекови права, вие нема да  добиете никогаш ништо на тацна, колку и да е тоа напишано во уставот, и откако  ќе добиеме политички претставници коишто навистина се интересираат за интересите на Ромите, за човековите права на ромската заедница, тогаш, можеме да очекуваме некакво поместување, кое ќе оди паралелно со искрените намери на која било структура на власт,( еве да речеме дека во оваа не се сомневаме)  која сепак ќе почне со искрени, конкретни, точно одредени мерки во кои ќе ги унапредува правата, и исто така, оние кои ги кршат тие права, бескомпромисно да ги санкционира.

Во тие два процеси, кои мора да почнат паралелно, јас  ја гледам перспективата и унапредувањето на човековите права. Се останато, мислам дека нема да помогне многу, вклучувајќи ја дури и оваа дебата, иако, мислам дека е неопходно да правиме вакви дебати, па би ги замолил колешките и колегите, барем еднаш во месецот да обратат внимание, поцелисходно, на човековите права на ромската заедница. Во таа смисла, мислам дека можеме да постигнеме нешто. И, се разбира, да продолжиме како што секогаш сме биле како ЦИВИЛ, присутни на теренот, и секогаш отворени за кое било прашање, кој било случај да го  отвориме, и да тропнеме на врата заедно со граѓанките и граѓаните од ромската заедница, на вратите на институциите, на вратите на медиумите, училиштата, каде што, извинете, но тие наместо да бидат образовни институции, многу често се места каде што се гради тој идеолошки темел кај младите, кај децата, кои потоа стануваат расисти…

Би сакал да предложам, следниот настан на ЦИВИЛ да биде на ромски јазик, а оние што не го разбираат, да побараат превод“, рече Дерала.

Елвис Мемети, советник за инклузија на Ромите во Владата на РСМ, на дебатата на ЦИВИЛ „На ‘балот’ за човековите права на Ромите“ истакна дека Ромите бараат еднаквост.

„На 8 април ни треба храброст да потврдиме дека припаѓаме на група која е подеднакво вредна за етничките мнозинства. Тоа не е барање за помош, него тоа е разумно позиционирање за да со интелект, храброст, доверба, лојалност и сила ја постигнеме нашата цел во општествата каде што живееме. Тоа значи да ги ставаме точно во центарот на нашето битисување и да приоѓаме не од позиција на слабост, апатија и безнадежност, туку од место на достоинство, вредност и сила. На 8 април, ние всушност кажуваме дека нашиот политички идентитет ја надминува нашата етничка култура и нашата заедничка историја. Гледајќи кон иднината, нашиот политички идентитет мора да се заснова на нашите заеднички аспирации и колективна сила“.

Тој додаде дека човековите права се константна тема која ги тангира граѓаните.

„Јас како советник за инклузија на Ромите можам да кажам еден мал елаборат за тоа како беше и како одиме. Оние најранливите во самата заедница останаа во маргините и во маалата и тука најмногу затаи  теренската работа и затоа треба да градиме доверба и да постигнуваме резултати.

Ние успеавме да создадеме групација на образовани луѓе која може да ја превеземе одговорноста и да зборува и да прави нешто повеќе за својата заедница.

Во однос на мерките кои што владата ги прави, несомнено почнав од овој сегмент, мораме да го преобратиме нашиот фокус кон најранливите. Имаме категорија на луѓе кои немаат образование и не се во образовниот систем. Ние мораме што поскоро да почнеме една кампања со министерствата и невладините организација за вклучување на сите ромски деца во образованието.

Би се осврнал на 3 главни цели: Првото е стабилизација, тука мислам на стабилен систем во кој сите категории ќе бидат вклучени и реализација на зацртаните цели. Во новата стратегија мора да се обрне посебно внимание на најранливите категории. во сите ромски маала мора да се направат соодветни услови за домување.

Владата за прв пат прави мечинг фонд со Реди од 2 милиони евра за формализација и развој на бизнисите“, истакна Мемети.

Мабера Камбери, претставничка на МТСП, на дебатата на ЦИВИЛ „На ‘балот’ за човековите права на Ромите“ истакна дека битно е да се вработуваат Роми, меѓутоа на раководни функции за да можат да придонесат во рамки на своите можности и ингеренции.

„Така ќе има подобра инклузија на Ромите во сите сфери колку ќе се акцентира проблемот на Ромите во јавноста зависи од сите нас. Колку што се цениме ние самите, толку ќе не ценат и другите. Во ниту еден случај да не кажеме дека се инфериорни спрема другите. Им порачувам на сите Роми да не се чувствуваат инфериорни и секогаш тоа да го потенцираме. Меѓутоа за да бидеме еднакви пред другите има многу работа пред сѐ во делот на образованието, на вработувањето, здравството, домувањето“. 

„Јас би почнала со предучилишното образование, кое е во рамките на МТСП. Овој проект го имплементираме од 2006 година во соработка со Ромскиот едукативен фонд и единиците на локална самоуправа. Годишно вклучуваме околу 400 деца Роми, бесплатно, на предучилишна возраст. Лани одеше потешко поради пандемијата со Ковид-19. Оваа година во детските градинки има запишано повеќе од 29. 660 деца од кои 347 деца се Роми а 89 деца се вклучени преку проектот. Секоја година настојуваме да го зголемиме бројот на градови каде се имплементира овој проект. Од 2019 година со препорака на Владата до општините, родителите на децата се ослободени од плаќање за престој. Престојот не го плаќа ниту Ромскиот едукативен фонд, престојот е покриен од донациите што ги добиваат општините од МТСП. Проектот се имплементира во 21 градинка.

Во 2019 имавме јавен повик да се пријават лица не евидентирани во матична книга на родени, бидејќи навистина сакавме да ја дознаеме бројката, поради тоа што невладините организации излегоа со бројка од 5000 лица, формиравме мобилни тимови, и околу 700 лица најдовме на терен кои не се евидентирани во матична книга на родени. Поради тоа што наназад неколку години не можеше да се реши проблемот со постојните закони кои се на сила, изготвивме нов закон за  тие 700 лица, за нивно издавање посебен извод од матична книга и лична карта, со кои можат да остварат 4 права: право на социјална заштита, здравствена заштита, право за вработување и право на образование.

Со УНДП, заедно со Светска банка и Советот на Европа, почнавме нов проект пред два месеци за повратниците. Избрани се експерти што ќе ја прават анализата во 6 општини каде што има поголема концентрација на Роми. Согласно одредени критериуми ќе се одберат три општини“, истакна Камбери.

Тим на ЦИВИЛ Медиа