Професорка со говор на омраза кон Ромите добива воспитна од ученик

Професорка од средното економско училиште во Тетово, шири говор на омраза и навредливи зборови за ромската етничка заедница на својот профил на Фeјсбук, а најостра реакција против неа доаѓа од ученик Албанец кој на професорката и одржи лекција за човечност.

На Меѓународниот ден на Ромите, на професорката Мухабије Фејзули, и пречат честитките на нејзините сограѓани Албанци за ромската заедница, па затоа се “охрабрила” да се изјасни посочувајќи им на  Албанците колку “лоши и опасни” биле Ромите. Според професорката, на Ромите никој не им го оспорува правото на образование, туку вели дека не им се работи.

„Не разбирам зашто толку многу ги жалите Ромите. Јас ги имам во населба и ги познавам многу добро. Кога би имале малку повеќе моќ, би не исчезнале нас Албанците. Доволно е да се потсетиме на Монопол и да видиме какви луѓе се. Никој не им забранува образование, тие не сакаат да работат и се сакаат на готово. Ромите се повеќе бездушни од “шкијет” (каурите) , напишала Фејзули, професорка при средното економско училиште „8-ми Септември“ во Тетово.

Како одговор на нејзиниот говор на омраза и воспитна лекција по човечност и толеранција, средношколецот и  претседател на Унијата на средношколците Бленди Ходаи Ходаи во неговата реакција  на ФБ побара одговорност за ваков речник и вели дека ваквите случаи не засрамуваат сите.

„Една од причините зашто се мразиме меѓу себе во оваа држава, се токму одредени наставници кои за време на наставните часови промовираат говор на омраза кон другите националности кои живеат во нашата држава.

Професорката на економското училиште во Тетово, итно треба да понесе одговорност и да се извини јавно за нејзината омраза кон Ромите. Ваков вид на случаи не треба да се толерираат никако, бидејќи стануваат негативни феномени во општеството”, пишува меѓу другото Ходаи во неговата реакција објавена на Фејсбук.

На крајот на неговата објава, Ходаи и порачува на професорката дека со ваков коментар не се изразува патриотизам туку дека е банална и е срамно учениците да имаат ваква професорка. Објавата завршува со хаштагот #расистичкапрофесорка #одговорност.

Во објавата на професорката Фејзули има и многу реакции и од други граѓани и корисници на социјалните мрежи. Во некои од нив најостро реагираат Албанци навредени и иритирани што професорката навредува во име на Албанците, а многу од нив велат дека живеат со Роми во мешани населби во Тетово, и дека соживотот е сосема поразличен од тој кој го опишува професорката. Инаку, Тетово е еден од градовите во кои живеат различни етнички заедници, меѓу кои и припадници на ромската заедница. Поток и Теќе се населбите каде живеат најголем број на од припадниците на ромската заедница, но неколку семејства живеат и во други населби.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ