Пописот започна, ги преживеа првите „удари“

На 1 март започна попишувањето на иселениците, дипломатите, затворениците и бездомниците

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почна на 1 март 2021 година со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, што ќе започне на 1 април. Со попишување на затворени и притворени лица во Казнено-поправната установа К’шање во кумановско официјално беше означен стартот на процесот на спроведување на пописот на населението и домаќинствата.

„Најважно за сите е да имаме доволно точни, навремени и квалитетни информации, што ќе придонесе за развој, во овој момент најмалку размислуваме за санкции“, рече директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ и директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, ја посетија Казнено-поправната установа Куманово во К’шање, каде што почна пописот на осудените лица.

Од 1 март во функција е и регистарот (апликација) за дијаспората, отворен на веб страницата на Државниот завод за статистика, за нашите сограѓани од странство да ја користат за самопопишување.

Пред почетокот на пописот, на 28 февруари завршил и рокот за пријавување на теренски попишувачи на кои се пријавиле осум илјади лица, а потребни се 6.000 попишувачи.

„Најголемата санкција за сите нас е да немаме доволен фонд на информации, еве 20 години речиси немаме попис поголема санкција од тоа има ли за сите нас. Значи јас ги охрабрувам не е проблемот некој да се казни, проблемот е да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација. Ако сакаме квалитетни информации, а врз основа на тоа и квалитетен развој треба сите да учествуваме во пописот и да се попишеме. Последната работа на којашто јас размислувам во овој момент се санкциите“, рече директорот Симовски.

Директорот за Заводот за статистика истакна дека апликацијата е функционална и дека нашите државјани можат да пријават каков било проблем.

Симовски истакна дека има два типа санкции, за оние кои ќе се попишуваат, но и за оние кои учествуваат во операцијата, што е прецизно утврдено со Законот за попис.

„Едниот за оние кои одбиваат да даваат податоци или ќе даваат погрешни податоци и кои подлежат на прекршочни пријави и мислам дека таму се казните од 200 до 300 евра во денарска противвредност, а втора се санкциите коишто се однесуваат на оние кои учествуваат во пописот, коишто ќе ги злоупотребуваат тие податоци евентуално, каде што имаме и кривична одговорност и мислам дека максималната казна беше до пет години затвор, тоа се однесува на нас коишто сме учесници. Јас се надевам дека никој нема да има потреба да подлежи на овие санкции, туку дека сите ќе сфатиме дека оваа операција е во интерес на нас, на граѓаните на оваа држава и дека ќе ја поддржиме и максимално ќе бидеме сериозни во тој дел“, рече Симовски.

Тој рече дека е надминат проблемот со матичните броеви на лицата родени по 2000 година.

„Законот за попис е дециден во странство можат да се попишат само државјани, а внатре тие што немаат државјанство си има процедура како се попишуваат таа процедура тоа попишување ќе биде од први април“, изјави Симовски, одговарајќи на новинарско прашање како ќе се потпишуваат лица надвор и внатре во државата без државјанство.

Пописот ќе се спроведува сукцесивно во сите затвори. Граѓаните ќе можат да се изјаснат на својот мајчин јазик по сите прашања, рече Симовски, пребарувањето е на македонски, големиот број на класификации се на македонски јазик, бидејќи се огромни и се менуваат на две години и ниту една Агенција не се нафатила да ги преведе.

За илустрација Симовски рече дека класификацијата за занимања е 450 страни со околу 60.000 различни занимања.

Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, рече дека при пописот на осудените се запазени сите безбедносни и пред сè, здравствени протоколи. Тој информираше дека личните документи на осудените и притворените лица се обезбедени од страна на МВР.

„Секое лице согласно безбедносните и здравствените протоколи стражарно ќе биде спроведено до пунктот каде што се одвива процесот на попишување, сите простории пред и по завршување на процесот ќе бидат дезинфицирани запазени се сите мерки, здравствени за да се спречи трансмисија на вирусот, во овој момент немаме позитивно, ниту суспектно лице на коронавирусот во ниту еден затвор, рече Спасовски.

Министерството за надворешни работи како одговорно за дијаспората, преку ДКП ќе биде вклучено во информирањето на иселениците и другите наши граѓани во странство за да се попишат онлјан преку веб- страницата на ДЗС. ДКП-та ќе бидат логистичка поддршка. На сајтот на МНР веќе има линк за комуникација со телефонски броеви што ќе функционира 24 часа и ќе биде достапен за граѓаните за информации и појаснувања.

Податоците за нашите државјани во странство што ќе се добијат на пописот ќе бидат можност за планирање на политиките за дијаспоарата, за услугите што им се потребни на иселениците.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, два дена пред стартот на пописот најави дека во изработка е и дигитален конзулат, на кој онлајн ќе можат да се добијат потребните документи.

„Пописните податоци ќе послужат и да се видат причините зошто иселениците заминале од државата и како да ги вратиме“, истакна Османи.

Самопишувањето на лицата во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, се врши преку пописната апликација до која може да се пристапи преку веб-страниците: www.stat.gov.mkhttps://popis2021.stat.gov.mk/default.aspx.

Самопопишувањето подразбира пополнување на пописната апликација од страна на самото лице кое е единица на попис.

Податоците за домаќинството ги дава полнолетен член во домаќинството кому податоците му се најмногу познати, а за децата до 15 години, еден од родителите, посвоителот или старателот.

Лицето кое ги дава одговорите за Пописот е должно на сите прашања да даде точни и целосни податоци.

Податоците при самопопишувањето ќе се запишат според состојбата на ден 31 март 2021 година во 24:00 часот, односно на полноќ, меѓу 31 март и 01 април 2021 година. На веб-страната на МНР се објавени и телефонски броеви за контакт за информации за Попис 2021.

Во периодот од 1 до 15 март заедно со Министерството за одбрана ќе бидат попишани лицата што за време на Пописот се наоѓаат во служба на Армијата на Република Северна Македонија, во државата или во странство, заедно со Министерството за правда ќе се изврши попишување на лицата што за време на Пописот се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови и заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе бидат попиани лицата бездомници.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, упати порака до граѓаните дека ова е многу важна операција и ги повика активно да придонесат за развојот на сопствената држава. Тој апелираше и до политичките фактори да се сопре со политизација на пописот и со дополнително негово оспорување и наспроти тоа ги повика да се обединат и да ја испратат истата порака – граѓаните активно да учествуваат во пописот.

„Собирањето на овие информации е корисна за сите за да можеме да ги креираме политиките и во образовна смисла и во финансиска и економска, здравствена и сите други аспекти. Мислам дека сите дискусии завршија минатата недела откако и Евростат верификуваше со јавна изјава дека и законот за попис и методологијата според која се спроведува пописот се направени согласно највисоките стандарди. По таа верификација сите дилеми кои беа наметнати од политичките фактори се расчистени. Сите треба да имаме доверба во пописот затоа што професионално се изведува, според точно утврдени правила и стандарди со сите заштитни мерки поврзани со Ковид-19 и можеме на еден брз и ефикасен начин да го завршиме во интерес на граѓаните“, рече Маричиќ.

Апликацијата за дијаспората е безбедна

Државниот завод за статистика на 2 март, еден ден по официјалниот почеток на пописот, излезе со соопштение во кое напомена дека апликацијата за попишување, наменета за дијаспората е безбедна и дека до неа може да се пристапи само од ИП адреса во странство. ДЗС нагласи и дека секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис, а реакцијата следуваше откако во јавноста излегоа информации дека апликацијата за попишување на дијаспората е небезбедна.

„До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис, односно согласно член 49 од Законот за Попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“, наведоа потоа од ДЗС.

Од таму потенцираат дека внесувањето на податоци преку ВПН или прикриена ИП адреса, односно самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.

При регистрацијата на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците. Со пријавувањето на Апликацијата корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација и телефонски број на корисникот.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски посочи дека користењето на ВПН апликација при попишувањето се регистрира и тие податоци не одат во базата каде се складираат податоците од попишаните лица од странство, туку се идентификува и се чува како доказ за упаѓање во системот.

Во одбрана на системот застана и премиерот Зоран Заев, кој нагласи дека процесот на попишување на дијаспората не може да биде нарушен со попишување на лица од територијата на земјава, бидејќи системот и компарацијата на податоците со дата базите тоа ќе го откријат и поништат.

И стартот на пописот во Северна Македонија се исполитизира во Бугарија

Само што започна пописот, бугарскиот претседател Румен Радев одржа средба со шефовите на безбедносните служби барајќи да преземат „навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство кога тие се нападнати само поради нивната национална самосвест“. Повод за ваквиот состанок беше писмото коешто го испрати културен центар „Иван Михајлов“ во Битола до бугарскиот државен врв, како и апелите од, како што се наведува, „нивни сонародници во Македонија кои се соочувале со зачестени појави на нарушување на нивните права, поради фактот што се идентификуваат како Бугари“.

Како мешање во внатрешните работи на друга држава го оценија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, состанокот, кој бугарскиот претседател Румен Радев,  на 2 март, го свика со шефовите за безбедносните служби, за како што наведоа од неговиот кабинет нарушување на правото на самоопределување на Бугарите во Северна Македонија.

Од Европската Комисија, на 5 март, бараат сите страни да се однесуваат конструктивно и да не го политизираат процесот. Од ЕК ја охрабруваат Северна Македонија да го спроведе пописот во согласност со сите европски стандарди и регулативи, вели за МИА портпаролката Ана Писонеро.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 3 март преку својот Фејсбук профил ги повика претставниците на бугарското малцинство во земјава да се јават во надлежните институции и да побараат графа за нив – „Бугари“. Очигледно е дека станува збор за гаф на министерот, бидејќи во апликацијата за сегашниот попис, таква графа има, а според информации од Заводот за статистика, таква графа секогаш имало. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, потенцира дека во сите пописи од ’48 наваму имало код за бугарска етничка припадност.

Опозицијата продолжува со опструкции на пописот

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ден по започнување на пописот упати критика до Владата дека не е способна да организира попис. Тој истакна дека до почетокот на пописот на 1 април има можност да поднесат закон за поништување на пописот.

„Овој закон кој ќе го поднесеме покрај потписите на пратениците поднесувачи ќе го има кредибилитетот и на над 100.000 граѓани кои се потпишаа со име и презиме за запирање на пописот“, додаде Мицкоски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на 3 март во Собранието поднесе Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка. Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата овој попис го претвори во политичка операција и пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови.

Кампања за пописот на помалкубројните етнички заедници „Тука живеам, одлучувам, постојам“

Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам“ почна кампањата за пописот во државава, што го спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите заедници во државата. Кампањата „Тука живеам, одлучувам, постојам“ е креирана и спроведена од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава, со финансиска поддршка од Европска Унија.

Директорот на Агенцијата, Еран Куртиш посочи дека сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на земјата, па затоа е важно е „на пописот да покажеме дека ние тука живееме, одлучуваме, постоиме“.

Панел дискусија на ЦИВИЛ на тема „Попис: Статистика, не политика“

ЦИВИЛ организираше панел дискусија на тема „Попис: Статистика, не политика“ на 4 март 2021 (четврток), хотел „Оаза“, Штип, со почеток во 16 часот.

На панелот учествуваа Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, Претседателката на Совет на општина, Маријана Рогожарска Поповска, Претседателката на пописна комисија, Соња Китанова, Кординаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска, Директорот на Дом на млади, Горан Трајков и главниот уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски.

Во фокусот на панел дискусијата се истакна потребата да се одвои политиката од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки.

Претседателката на пописната комисија, Соња Китанова, за реон 16, за општините Штип и Карбинци на панелот на ЦИВИЛ „Попис: Статистика да, политика не“, се осврна на техничкиот дел од  статистичката операција.

„Улогата на комисијата во пописот, е само да дава логистичка поддршка на Државниот завод за статистика во спроведувањето на пописот, нема стручно методолошка надлежност, туку сите толкувања за примената на законот, методологијата за пописот, се надлежност на Државниот завод за статистика“, нагласи Китанова.

„Без попис ние ќе лутаме и ќе плутаме, без попис ние нема да бидеме интересни ниту за ЕУ ниту за светот, без попис ние нема да си ја знаеме нашата основа. Пописот како технички статистичка операција е многу битно да се случи сега, за работите да тргнат во вистински правец во нашата држава“, вели градоначалникот на Штип, Сашко Николов, на панел дискусијата „Попис: Статистика, не политика“.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, на панелот порача: „Сите се сложивме дека попис треба, и мора да има, второ, целите кои треба да се постигнат,  и трето, апел до сите структури на извршувањето на овој попис. Очигледно е дека власта нема да го сопре пописот, и нема да го одложи… Апелирам за висока професионалност на сите структури во извршувањето на оваа сложена задача, од првиот, до последниот“, истакна Здравков.

„Веќе можеме да зборуваме за аргументи, што точно се случува и која е големата слика. Овде, ние од ВМРО-ДПМНЕ упатуваме на критики кон самиот процес. Ние не повикуваме директно на бојкот. Но сакаме да се вложи и да ги освестиме сите чинители на самиот процес, во корекција на аномалиите и спроведување на вистински попис“, истакна Христина Серафимовска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со добивање на точни податоци преку спроведување на пописот ќе може да се креираат политики, но не политики од политички партии, туку политики што го засегаат целокупното општество“, вели претседателката на Совет на општина Штип, Маријана Рогожарска Поповска.

„Ние сме политички битија. Ние секој ден вежбаме политика, секој ден донесуваме политички одлуки. Нашиот живот секојдневно се состои од „политичарење“.  Дали тоа е исправно или не, тоа секој си носи своја одлука. Важно е ние да работиме за доброто иако можеби нема да се согласуваме.  Ако мислиме дека ни е потребен попис, пописот не е консензус, пописот е цензус и треба да знаеме точно за што зборуваме“, изјави директорот на „Дом на млади“, Штип, Горан Трајков.

„Постои страв од тоа какви ќе бидат резултатите од пописот. Тој страв е ред сè поради наследени предрасуди“ вели главниот уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски, на панел дискусијата на ЦИВИЛ – „Попис: Статистика, не политика“ во Штип. Tој истакна дека според резултатите добиени од пописот, на пример доколку се покаже дека имаме 1.600.000 граѓани во земјава не може да има 300.000 членови на политичка партија, бидејќи „тоа не е нормално за еден политички процес, тоа е клиентализам“, истакна Маневски.

Настанот беше дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.

Дехран Муратов