Николов: Пописот е статистички бајпас за унапредување на развојот на нашето општество

„Без попис ние ќе лутаме и ќе плутаме, без попис ние нема да бидеме интересни ниту за ЕУ ниту за светот, без попис ние нема да си ја знаеме нашата основа. Пописот како технички статистичка операција е многу битно да се случи сега, за работите да тргнат во вистински правец во нашата држава“, вели градоначалникот на Штип, Сашко Николов, на панел дискусијата „Попис: Статистика, не политика“ во огранизација на ЦИВИЛ која се одржа во Штип.

„Пред да станам градоначалник јас бев интервентен кардиолог во целиот источен регион. Ние немавме точна статистичка бројка колку жители живеат во источна Македонија, и немајќи таков податок ние не можевме да ги направиме релевантните резервации и материјали кои ни се потребни за стентирање. Во првата година во 2014 година обезбедивме 9 милиони денари, па видовме дека тие траат 3-4 месеци па моравме да обезбедиме 14, за на крај да застанеме некаде на 24 милиони денари, работејќи секојдневно со цел да видиме колку пациенти доаѓаат во Штип за интервенција. Во интервентната кардиологија ние имаме сооднос по број на жители и одприлика се знае колку интервенции се прават. Ние во источниот регион имаме бројка од околу 300.000 жители, меѓутоа не сум сигурен дека таа е вистинската бројка.

Пописот е суштински битен за една општина, ние не знаеме колку жители има во некоја општина, не ја знаеме старосната граница на граѓаните, етничката и религиозната припадност… Ние немаме точен податок за да може да бараме проекти од Европските фондови, ние користиме стари податоци од 2001 година кои не знам колку се точни“, вели градоначалникот Николов.

Штипскиот прадоначалник вели дека се среќава со урбанистички проблеми. Тој истакна дека мора да се знае демографската слика, социјалната и образовна структура, бидејќи без тие параметри една општина не може да се развива во ниеден правец.

Сашко Николов, градоначалник на Штип, на панел дискусијата на ЦИВИЛ- „Попис: Статистика, не политика“ (4 март 2021) / фото: М.М.

Николов потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека собраа 100.000 потписи, но според него тоа можеби е само вкупната гласачка поддршка што ја имаат, бидејќи за време на собирање на потписите не се запазуваа мерките против ширење на Ковид-19.

„Во врска со пописот сите имаме исти став само различно видување. Пописот е потребен, неопходен, и овој попис по 21 април откако ќе се сумираат сите изворни податоци, ќе имаме некаква претстава што се случува во нашата држава, што се случува во нашите урбани и рурални средини, каква е нашата демографска структура, и тоа е податок кој ќе ни биде потребен на нас. Пописот ни е статистички бајпас за унапредување на развојот на нашето општество“, заклучи Николов.

Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Мелиса Муриќ