ЦИВИЛ денеска ги повикува сите граѓанки и граѓани заеднички да го одбележат 12 април како Ден на протестот во чест на сите протести против неправдите, во име на демократијата, правдата и човековите права и слободи во Република Северна Македонија.
Настанот ќе започне во 14 часот, кај Споменикот на загинатите војници 1991-1992, пред кафулето „Гарсон“, со видео проекции, фотографии, музика и говори во име на сите што преку граѓанските протести го кренаа гласот во годините зад нас, меѓу кои се студентските протести, движењето Протестирам/Protestoj, Шарената револуција и многу други помали и поголеми протести што го одбележаа периодот на созревање и демократизирање на македонското општество.
Иницијативата за одбележување на 12 април како Ден на протестот започна минатата, 2018 година, со изложбата и перформансот „Протест(и)“ на Александар Кондев во соработка со ЦИВИЛ и дел од активистите на Шарената револуција. Тогаш се роди идејата овој ден да се одбележува како ден на сите граѓански протести за човекови права и слободи, со што ќе им се оддаде признание на граѓанките и граѓанките што низ годините го креваа гласот во името на слободата, еднаквоста и правдата.