ЦИВИЛ повикува 12 април да се прославува како Ден на протестот

ЦИВИЛ денеска ги повикува сите граѓанки и граѓани заеднички да го одбележат 12 април како Ден на протестот во чест на сите протести против неправдите, во име на демократијата, правдата и човековите права и слободи во Република Северна Македонија.

Настанот ќе започне во 14 часот, кај Споменикот на загинатите војници 1991-1992, пред кафулето „Гарсон“, со видео проекции, фотографии, музика и говори во име на сите што преку граѓанските протести го кренаа гласот во годините зад нас, меѓу кои се студентските протести, движењето Протестирам/Protestoj, Шарената револуција и многу други помали и поголеми протести што го одбележаа периодот на созревање и демократизирање на македонското општество.

Протестрам/Protestoj, Влада, 2016 / Фотографија: Александар Кондев

Иницијативата за одбележување на 12 април како Ден на протестот започна минатата, 2018 година, со изложбата и перформансот „Протест(и)“ на Александар Кондев во соработка со ЦИВИЛ и дел од активистите на Шарената револуција. Тогаш се роди идејата овој ден да се одбележува како ден на сите граѓански протести за човекови права и слободи, со што ќе им се оддаде признание на граѓанките и граѓанките што низ годините го креваа гласот во името на слободата, еднаквоста и правдата.

ЦИВИЛ ќе поднесе иницијатива до Собранието на Република Северна Македонија да го прогласи 12 април за Ден на протестот, во чест на прогресивните, продемократски вредности за кои се залагаат огромен број граѓанки и граѓани во земјава.