Се одбројуваат деновите до фестивалот ЦИВИЛ Фест

Концертни и диџејски настапи, мултимедијална изложба, поетски перформанси, видео проекции, презентации, церемонија за доделување на награди за граѓанско новинарство и многу дружење и забава се дел од програмата на ЦИВИЛ Фест, во организација на ЦИВИЛ, а со поддршка на National Endowment for Democracy.

ЦИВИЛ ФЕСТ е урнебесен, високоволтажен мултимедијален 48-часовен настан во чест на граѓанското новинарство и активизмот што се одржува на 10 и 11 декември, по повод Меѓународниот ден на човековите права и 70-годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човековите права.

Благодарение на глобалниот напредок во технологијата и комуникациите, денес, секој поединец може да се вклучи во локалните, националните и глобалните движења за поддршка на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Тоа не е лесна задача, бидејќи ним им се спротивставуваат индустријата на лажните вести, широко распространетиот говор на омразата и софистицираните медиумски машинерии за манипулација. Но, борбата продолжува и надежта е токму во активизмот чие силно оружје е токму граѓанското новинарство. Посветено и храбро, тие ги разобличуваат коруптивните и насилничките автократски режими ширум светот и повикуваат на демократски промени.

Во пресрет на ЦИВИЛ ФЕСТ, граѓанските новинарки и новинари се повикани да испраќаат свои прилози што ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ и ќе добијат можност да бидат добитници на вредни награди.