Десантот за уривање на Зоран Заев успеа, на ред е владата. Како радикалната опозиција дојде до изборна победа, користејќи црни пари во кампањата, но и бројните слабости на институциите и власта?
ЏАБИР ДЕРАЛА
Ова е еден голем циркуски шатор во кој се одвива лоша претстава и во кој публиката се измешала со актерите, акробатите, дресираните животни и илузионистите. Дел од толпата под задушливиот шатор е незадоволна од претставата, па си ги бара назад парите за билетот, иако во меѓувреме станала главен протагонист во текот на претставата. Арената е налик на еден голем полски клозет врз кој се натрупани различни суштества, испреплетени и заглавени едни со други, сосе публиката. Се слушаат крикови и се шири реа од испарувањата од разни човеколики суштества и животни…
Овој литерарен почеток е само експресија и лична перцепција, без намера да навреди (премногу), а секако е со добра намера. Да продолжиме сега, со една кратка анализа на состојбите во изборен контекст и настаните (последиците) веднаш потоа.
Општество за жалење
Кога се паднати на нула, без знаење и разбирање на политичките процеси и начинот на функционирање на демократските институции, просторот за манипулирање со масите е неограничен. Македонското општество е поларизирано до крајни граници, врз основа на тоа кој колку ги разбира, а уште повеќе како ги доживува/перципира настаните во политиката.
Општеството ни е за жалење. Неверојатно е како луѓе со академски титули, па дури и вклучени во политиката преку измамнички политички структури, се политички и медиумски аналфабети. Не знаат да прочитаат текст, а камоли да формираа мисла. Коментарите на социјалните мрежи се неписмени, злобни, вулгарни и глупави. Бесрамни.
Отсуство на националистичката реторика – само на површината
Национализмот изостана од реториката на поголемите десничарски политички партии. Оваа година ќе остане запаметена по мултиетничкото предизборно коалицирање меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците и Алтернатива. Сепак, етничкиот говор на омразата остана силно присутен во јавната комуникација, особено на социјалните мрежи. Анализите покажуваат дека говорот на омразата на етничка основа доаѓа од истите партиски структури и мрежи како и порано.
Со други зборови, само површината е навидум мирна и цивилизирана. Овие ноторни националисти не ни имале намера да работат со своето членство за навистина да ги напуштат националистичката реторика и говорот на омразата. Зошто? Затоа што не решиле да се променат, туку само да влезат во политичкиот натпревар со веќе проверени антинационалистички практики кои ги воведоа коалиционите партнери предводени од СДСМ и Зоран Заев. Добри им се советниците, нема што. Но целата игра е проѕирна и плитка, кој барем малку ги познава македонските прилики, знае.
До изборна победа со валкана кампања, закани, омраза и лажен медиумски баланс
Локалните избори го изгубија своето значење уште многу одамна, со упорното инсистирање на националистичките политички партии во опозицијата да наметнат национална агенда и теми во кампањата. Кампањата се водеше како да се парламентарни избори и како да се работи за референдум за името и за преиспитување на евроатлантската стратешка определба на државата.
Притоа, кампањата беше исклучително валкана и преполна со дезинформации, навредлив говор и повици за одмазда и насилство. Медиумите, како и обично, продолжија со својот лежерен однос кон фактите и вредности, па само „балансираа“ меѓу „завојуваните страни“ во изборниот натпревар, како администратори на огласни табли.
Тоа што го гледавме во последните два дена од кампањата и во изборниот молк е јасна илустрација за однесувањето на радикалната опозиција во текот на целиот изборен процес. Тие направија „колекција од сликички“ со низа кривични дела во кои нескриено учествуваа високи партиски функционери и лидери, „возејќи се“ на бескрајната попустливост и толеранција на Зоран Заев, но и на неказнивоста во која уживаат радикалите веќе подолго време.
Ништо не беше доволно за да се истури сиот политички отпад во јавноста, па имаше и отворени закани во медиумите и на социјалните мрежи. Јавноста посведочи (и остана нема) на однесување кое ги врати лошите спомени на насилствата од времето на режимот, како теророт од 27 април 2017 и кампањата за време на Референдумот од 2018 година.
Немилите сцени што ги предизвика дури и самиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој им се закануваше на луѓето во Кочани и неговиот медиумско-пропаганден ентураж, заканите со убивање (уредникот на Инфомакс) и низа други инциденти, оставаат грд слика за политичките субјекти кои водеа гола борба за власт и моќ, не бирајќи средства. Според анализите на ЦИВИЛ, тоа е една од причините и за ниската излезност на гласачите.
Кулминација: Заев поднесе оставка
Кулминацијата на изборниот процес беше експресната оставка на Зоран Заев од челната премиерска и партиска позиција, која предизвика бура од реакции во и надвор од земјата. Политичките лидери на сите коалициски партнери едногласно побараа од него да ја повлече оставката од повеќе причини.
Аргументите, пред сè, одат на контото дека се работи за локални, а не парламентарни избори. Понатаму, цврсти аргументи се дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека е потребно да се продолжи со евроинтеграциските процеси.
Во слична насока одат и стотиците барања од интелектуалци, професори и истакнати членови на прогресивните политички партии во земјата. Таква беше и колумната „Фала за оставката, не е прифатена!“.
Преку локални избори – јуриш на централната власт
Локалните избори беа одлична можност, по низа тешки политички и изборни порази на ВМРО-ДПМНЕ, да спроведе кампања за да изврши јуриш на централната власт. Тоа не можеа да го направат сами, па затоа прибегнаа кон сите позитивни практики кои, со тешки маки и огромни компромиси, ги воведоа прогресивните политички субјекти во земјата.
Како и секогаш, така и во кампањата за локални избори, го „позајмија“ вокабуларот и имиџот на прогресивните граѓански организации и Шарената револуција, а ги презедоа (само формално, за пред камери) и политичките „преседани“ кои ги направи Зоран Заев во изминатите неколку години.
(Пеењето на „Бела чао“ пред раскошното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, ќе остане запаметено како гротеска со епски размери.)
Добитна комбинација: црна кампања, „позајмени“ пораки и формално (привремено) напуштање на националистичката реторика и искористување на слабостите на институциите и на власта, уживајќи во плодовите на долгогодишните хибридни напади врз државата – рецепт за солидна политичка победа.
Чудни коалиции: Албанците напомош
ВМРО-ДПМНЕ, свесни дека не можат сами, на помош ги викнаа, замислете, Албанците. И тоа не било кои, туку оние чиј лидер речиси го убија нивните поддржувачи во терористичкиот напад на Собранието на 27 април 2017 година.
Без извинување, барем.
Овие, пак, послушно ја прифатија понудата и го одработија своето. Оваа коалиција ќе остане една од најчудните во македонската политика.
Пораз е пораз
Локалните избори беа (зло)употребени за да се разниша централната власт предводена од Зоран Заев. Беше искористен буквално секој лост на моќта и влијанието, секој пион на опозицијата и странското влијание во системот и секоја шанса да се дискредитира – да се дојде до овој резултат.
И се дојде до резултати кои беа доволни СДСМ да изгуби на локалните избори. Анализите на бројките покажуваат дека повеќе се работи за пораз на СДСМ, отколку за победа на ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа и не е некоја утеха – пораз е пораз.
Северна Македонија е мета на хибридни напади, црни пари во кампања
Повеќе важни поенти произлегуваат од обраќањето на премиерот и лидер на социјалдемократите, кој покажа висока одговорност (според многумина, дури и несоодветна) и државнички став. Но една поента никако да се најде на „дневниот ред“ во анализите и институционалното постапување.
„Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и заради економски причини. А дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред се газди на градежни компании, заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“ – рече премиерот во оставка.
Изјавата на Зоран Заев е признание, поточно уште една потврда за бројните извештаи, анализи и препораки на ЦИВИЛ, како во текот на изминатите четири години, така и во екот на изборниот процес. Конечно, добивме речиси директно признание и потврда од највисоко ниво, дека македонското општество, институциите и државата во целост се „предмет на обработка“ на политичките и криминалните центри на политичка и финансиска моќ. Поточно, Северна Македонија е мета на хибридни напади со години.
Индикации за големи износи на црни пари на теренот дадоа и полициските билтени за време на изборниот процес. Исто така, ЦИВИЛ-овите набљудувачи на теренот дадоа јасна слика за интензивниот притисок врз гласачите и за една насилна и исклучително црна кампања со огромни размери. Што не е бесплатно и не може да биде спроведено со легални пари и легални средства.
Впрочем, ваквите кампањи не се новост на македонскиот политички и општествен простор. Видливи се последиците што ги трпеа и сè уште трпат општеството и државата по 11 години владеење на Груевски, но и од хибридните напади врз сите национални и стратешки определби на државата по неговиот пад.
Десантот за уривање на Зоран Заев успеа, на ред е владата
Криминалната клика на режимот брзо се оправи од ударите што ги донесоа „бомбите“ во 2015 година и по постизборните престројувања во 2016 и почетокот на 2017 година кога се случи и Крвавиот четврток на 27 април. Резултатот од борбата против прогресивните и прозападните сили во земјата, по низа тешки неуспеси и порази, конечно, ВМРО-ДПМНЕ го постигна со победа на локалните избори. Точно колку милиони црни пари се истурени во таа долга и комплексна операција, веројатно нема никогаш да дознаеме, но нема сомнеж дека се работи за огромни суми. И веројатно, тоа во најголем дел се пари на македонските граѓанки и граѓани.
Десантот за уривање на Зоран Заев, засега, ги даде очекуваните резултати. На ред е уривање на владата, а потоа следи и свртување на курсот на државата.
Скандалозни податоци за влез на пари од Унгарија, молк на институциите
„Слободен печат“ објави скандалозни податоци за влез на пари од Унгарија во новоотворени маркетинг агенции во земјата.
„Коинциденција или не, но контроверзната рекламна агенција „Атмедиа“ од Унгарија отвори свои претставништва во Северна Македонија и Србија непосредно пред најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Данела Арсовска, која е и почесен унгарски конзул во земјава, ќе се кандидира за челната позиција во главниот град“ – пишува Слободен печат три дена пред гласањето во вториот круг.
Овие сознанија не беа доволен сигнал да се покренат институциите, како што низа други скандалозни податоци за политичкото и медиумското финансирање во изминатите неколку години „не го заслужија“ вниманието на институциите за справување со финансискиот и друг вид криминал. Да не зборуваме за „умирањето“ и на други „петсто-евра-за-гаќички“ судски „завршници“.
Што значи сето тоа?
Злокобни дубиози
Иако изборниот процес во целина, политички гледано, може да се оцени како уште еден во серијата слободни, фер и демократски, неизбежни се прашањата за тоа како толкава сума црни пари „течеше“ низ земјава. Со обелоденувањето на фактот дека имало огромни суми црни пари во кампањата и фактите што произлегуваат од мониторингот на теренот, неминовно се наметнува барањето од институциите да кажат дали имале сознанија за криминалот поврзан со политичкото финансирање. Ако имале сознанија, треба да одговорат зошто тоа не било спречено. Ако немале сознанија, уште поважен е одговорот на прашањата за капацитетите, а особено компетенциите.
И тука не е крајот на овие злокобни дубиози. Безбедноста на државата може и тоа како да биде доведена во прашање ако нејзината структура е како швајцарско сирење и ако секој однадвор или однатре може да финансира операции за тектонски политички поместувања. Утре може тоа да биде и операција за менување на националните стратешки определби (од НАТО земја да се сврти кон Истокот, на пример) или дури и територијални прекројувања во земјата, што секако ќе има и регионални импликации.
Вреди барем да се размисли за сето ова, кога веќе изостанува политичка и институционална реакција.
Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот). Текстот е личен став на Авторот.
This post is also available in: English