„Што барате вие тука, господине Мицкоски“?

ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Христијан Мицкоски повеќе денови наназад ги крстосува општините, во кои неговата ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори пред три недели. Уште неседнати асолно во канцелариите, градоначалниците на опозицијата се растрчани на терен, и заедно со партискиот лидер промовираат тековни проекти за изградба на канализации, патишта,  училишта, градинки…

 

Само во последниве неколку дена, Мицкоски заедно со градоначалниците од неговата партија се појави на такви настани во Кисела Вода, во Страчинци – Гази Баба, во Илинден, Охрид…

Во работни денови и работно време, цела недела, професорот од државен универзитет, платен со пари на граѓаните, во својство на лидер на опизицијата, оди на настани на кои се промовираат проекти што се градат од буџетите на општините и парите на сите граѓани, без оглед на партиската припадност.

Минатата недела, по настанот на Општина Кисела Вода за старт на изградба на фекална канализација, редакцијата на ЦИВИЛ Медиа упати прашање до ВМРО-ДПМНЕ и до Општината – во кое својство присуствуваше Мицкоски на настанот, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, или како професор на државен универзитет, кој во работно време платено од граѓаните, присуствува на почеток на изградба канализација, платена со буџетски пари?

И после неколку дена, одговор на овие прашања нема, ниту од општината, ниту од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ реагираа дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се фалат со проекти почнати од претходните градоначалници на СДСМ. Дел од јавноста, пак, фаќа сеир на „експресната“ брзина со која штотуку избраните општински челници по само неколку дена веќе најдоа прилики да се сликаат и промовираат.

Но,  недостасува гласност на голем дел од јавноста за главната и очигледна злоупотреба со оваа општинска турнеја на Мицкоски – злоупотреба на јавни проекти за партиска промоција.

Навистина, далеку сме од деновите кога овој тип на злоупотреба на власта беше редовна појава. Така беше во време на режимот на Груевски. Во последниве неколку години, со владите предводени од Заев, оваа појава се намали значајно, иако примери на такви злоупотреби се појавуваа, и беа жестоко критикувани од јавноста и граѓанскиот сектор.

Ваквите злоупотреби на власта повеќе години наназад се и законски недозволени за време на изборните периоди. Сепак, набуљудувачките организации како ЦИВИЛ, и понатаму, иако во намален интензитет споредено со периодот пред 2016 година, констатираа случаи на злоупотреба на власта на централно и локално ниво за партиско-политичка промоција.

Но, и овој пат, за разлика од случаите во кои се инволвирани функционери на СДСМ или ДУИ, кога таквите злоупотреби ги прави ВМРО-ДПМНЕ, таа гласна критика како да е отсутна.

Малку власт во рацете, макар и општоинска, и Мицкоски ни покажува дека табиетот на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање не е сменет. Нема ниту напор да се објасни и да се одговори на легитимни прашања на јавноста. Наместо тоа, одговорот е игнорирање и селективен однос кон медиумите и терање по свое на сила. Баш како во времето на Груевски.

А наместо тоа, Мицкоски поголемиот дел од работната неделата треба да го помине на Машинскиот факултет. За тоа го плаќаат граѓаните, а не за да се шета по општини и на настани за државни проекти да зборува за партиска политика.

Дел од јавноста сепак е буден, и кога гледа вакви злоупотреби прашува, и ќе продолжи да прашува: „Што барате вие тука, господине Мицкоски“?

Баш како во онаа рекламата во која Мицкоски премислуваше девојка на аеродром да не си оди од земјава. Оти, ако се продолжи вака, тешко дека ќе останат некој во земјава, а не само младите.