Медиумски обиди за слобода

пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА

Тешко дека можеме да зборуваме за слобода во медиумите сѐ додека тие се во постојан конфликт со самите себе. Сѐ додека има поделба на провладини, опозициски и оние што глумат неутралци, а не се, вистинскиот импакт на медиумите ќе остане загрозен, критичката мисла суспендирана.

Иако 92 место на слободата на медиумите спореди индексот на Репортери без граници, влева надеж, ако погледнеме наназад од 2014 кога сме биле најлошо рангирани на 123 место, сепак, ни оддалеку не ја илустрира ограниченоста на медиумскиот простор во земјава. Всушност, со помош на медиумите, јавноста се наоѓа во вкрстениот оган меѓу дневните партиски препукувања и борбата за моќ и превласт на истите структури што, во најлошо сценарио, претвора дел од медиумите во поданици под руско влијание и пропаганда. Истите тие, затскривајќи се зад јавниот интерес, ги користат механизмите што, во својата битка за почитување на прописите, етичките кодекси и пропишаните закони, ја губат перцепцијата за тоа што е вистина, а што лага, што е јавен интерес, а што погубно за професијата новинарство.

Кој ќе застане на страната на слободата на изразувањето… кога реформите секогаш имаат „добар“ повод за одложување… кога ААВМУ регулира само она што нејзе ѝ одговара… кога медиумските здруженија и синдикати се борат за простор чија заштита на медиумските работници ќе биде поголема и не успеваат…

Иако Регистарот на професионални онлајн медиуми беше еден исчекор напред, сепак, додека интернет просторот го заземаат националистички медиуми сејачи на лажни вести, говор на омразата, дезинформации, кои билдаат туѓа пропаганда преку коруптивни и криминални дејствија, користејќи го медиумскиот простор за креирање на теории на заговор и дискредитирање на институциите во време на пандемија, наместо да ги бараат вистинските одговори преку вистински прашања – се враќаме три чекори назад.

Слободата на изразување е човеково право до оној момент додека таа не се злоупотребува на сметка на другите. Но, ако секој збор, слика или видео што ќе излезе од медиумските работници наиде на навреди, клевети, говор на омразата, закани, а нема кој тоа да го санкционира или ги санкционира медиумите на сметка на некој што не му одговара неговото вистинско лице да влезе во етер, останува отворено прашањето кој ќе ги заштити медиумите, ако тоа самите не го направат. Кој ќе се избори за нив, ако самите не се пробијат низ квази новинарството и бизнис ориентираните самопрогласени медиуми.

Затоа, креирање општество во кое медиумите наместо да војуваат ќе соработуваат и заеднички ќе се изборат за сопствената слобода е надеж која последна умира. А, токму ова време на пандемија, кога човечноста, хуманоста и солидарноста се на врвот на сечии приоритети е одлична можност за медиумите да се здружат и да покажат што тоа всушност претставува слободата на медиумите. Сега е моментот, за жал, кога и можат и треба да застанат во одбрана, како на сопствените, така и на човековите права и слободи.

Секоја чест за исклучоците во медиумскиот простор. До следната година извонредното треба да стане императив и норматив.

 


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.