ВМРО-ДПМНЕ сепак се подготвува за избори

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски во изминатиот период и по две одржани лидерски средби, постојано тврдат дека не прифаќаат брзи избори, бидејќи здравјето на граѓаните им било пред сè. Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ го отфрли предлогот да се води кампања на социјалните мрежи и истакнал дека нема да водат „Фејсбук кампања оти немаат средства за тоа“, и додал дека сака „лично да се види со земјоделците да ги погледне во очи и да им стисне рака“.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Забрчанец, Националниот координатор за стратегиски комуникации, истакна дека митинзи не смее да има! „Постојат куп други побезбедни, поефикасни и попаметни начини на комуникација со граѓаните. Митинзите одамна требаше да се исфрлат од политичката комуникација, сигурен сум дека ситуацијата со Ковид-19 оваа година ќе го гарантира тоа“, истакна Забрчанец, откако Комисијата за заразни болести испрати протокол за одржување на изборите во кои не се забрануваат одржувања на митинзи, одење од врата на врата, туку се препорачува почитување на мерките кои веќе се донесени за користење на дезинфекциски средства, држење дистанца, носење на маски.

Но, додека од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нема да одат на брзи избори и дека „немаат пари за политичка кампања“, сепак очигледно се подготвуваат за избори, бидејќи имаат пари да спонзорираат видео спотови со политичка содржина. За само пет дена ВМРО-ДПМНЕ објави три видео содржини со црна пропаганда за владејачката партија СДСМ.

На 24 мај, денот кога се одбележуваа два празника – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и Рамазан Бајрам, опозициската партија го искористи (читај злоупотреби) денот за објавување на пропагандно видео во кое прикажуваат дека во времето на владеењето на СДСМ има само „падови, порази и уназадувања и дека за сето тоа Заев е виновен“.

„Транспаренси Интернешнл“ не прогласи за најкорумпирана држава во Европа, а на листата за корупција паднавме за 13 места“, се вели во спотот на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, во извештајот на Европската Комисија во делот на истражувањето, прогонот и пресудите за случаи на висока корупција, ЕК констатира дека „е продолжен позитивниот тренд од 2018 година“. „Добар напредок“ се бележи и во реформата на безбедносните служби, додека во делот на јавната администрација се констатира дека е забележан „продолжен напредок“.

ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија наместо да помогне во справување со здравствената криза, тие ја користи ситуацијата за собирање на политички поени, со оцрнување на работата на министерот Венко Филипче и Владата.

„Катастрофалната состојба со справување на корона вирусот во Македонија продолжува. Сето ова оди на нечистата совест на Зоран Заев“, стои во видеото на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера објави видео во кое се вели дека пред избори Владата ги лаже граѓаните дека има пари за поддршка. „Зоран Заев и Владата ги лажат граѓаните дека добро се справуваат со кризата. Пари за поддршка нема, а долговите растат. Лагата е стил на однесување на СДСМ и овие луѓе. Сето она што го гледавме во претходните години, сега се повторува“.

Меѓутоа, за разлика од обвинувањата на опозицијата, Владата донесе пакет мерки за справување со Кoвид-19 за помош на граѓаните, компаниите, земјоделците, невработените, лица со ниски примања, социјални случаи, здравствени работници итн…

На 2 јуни, ВМРО-ДПМНЕ објави пропагандно видео на нивниот лидер Христијан Мицкоски во кое се прикажува лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека е учесник во случајот „Рекет“, дека е виновен за промена на името, дека економијата и здравството се на најниско ново… Па дури и случајот со убиецот на Мартин Нешковски се најде во спотот на опозициската партија.

Видео спотовите во кои има сечени и лепени изјави од Заев и членови на Владата, а во позадина има драматична музика и драмски говор, се политичка кампања пред официјаланата кампања која треба да започне 20 дена пред денот на одржување на изборите. Според правничкиот тим на ЦИВИЛ незаконски е да се објавуваат пропагандни спотови пред започнување на официјалната кампања.

Дехран Муратов