Пендаровски: Само еден модел за подобро функционирање на демократскиот политички систем не постои

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на денешната Конференција за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“ во своето обраќање пред присутните истакна дека демократијата е повеќе од изборите и дека само еден модел за подобро функционирање на демократскиот политички систем не постои.

Во продолжение целосното обраќање на претседателот Пендаровски

„Ми причинува особено задоволство да се обратам на отворањето на конференцијата посветена на изборните реформи во организација на „Цивил“. Посебно ми е драго што денеска сме собрани сите заедно, претставници на државните институции, на локалната самоуправа, на политичките партии, на граѓанските организации и академската јавност за да дискутираме за едно исклучително важно прашање за демократскиот развој на една држава, како што се изборите.

Слободни, фер и демократски избори не се единствениот и доволен услов за еден политички систем да биде означен како демократски. Демократијата е многу повеќе од изборите. Суштинската демократија наспроти формалната подразбира постоење на простор за артикулација на различните политички ставови, заштита на политичката опозиција и малцинствата, политичка култура на умереност и компромис, но пред се, владеење на правото и ефикасна заштита на човековите слободи и права. Без сите набројани претпоставки и тоа, земени кумулативно, нема суштинска демократија, барем не во современа смисла на оваа политичка идеја.

Сепак, иако изборите не се единствениот услов за функционирање на една демократија, јасно е дека без слободните, фер и демократски избори таа не е можна. Тие се нејзиниот услов без кој не се може, нејзиниот почеток и клучна легитимација. Нашето искуство во последните три децении на плурални избори е различно. Имавме избори во деведесетите, на самите почетоци на политичкиот плурализам, кои од домашната и меѓународната јавност беа означени како многу подобро организирани, но и подемократски, споредени со оценките за изборите деценија или деценија и пол подоцна. Дел од јавноста смета дека првите и вторите избори со својот изборен модел овозможувале повеќе простор за компетитивен политички натпревар, а избраните пратеници или советници во локалните самоуправи биле поодговорни и попосветени на својата работа во споредба со ефектите од актуелниот изборен модел.

Критичарите на актуелниот изборен модел истакнуваат дека неговите ефекти се во зголемена централизација на политичките партии, малиот простор за внатрепартиско демократско одлучување, развојот на политичкиот клиентелизам и помалата одговорност за својата работа. Иако е јасно дека клиентелизмот, ниското ниво на внатрешнопартиска демократија, политичката корупција и, генерално, ниското ниво на демократска политичка култура не може да се сведат единствено на изборниот модел, сепак ова прашање има влијание врз појавата и опстојувањето на овие негативни појави во даден општествено политички контекст.

Во секој случај, искуството не научи дека изборите не почнуваат на изборниот ден и не завршуваат со пребројување на гласовите и објавување на резултатите. Нивниот вистински почеток не е, дури, ни со денот на започнување на изборната кампања. Ние бевме сведоци дека и при, релативно, мирен изборен ден и претходно, мирна изборна кампања, можно е масовно манипулирање со изборите односно со изборната волја на граѓаните. Една од причините зошто во извештаите за напредокот на Европската комисија бевме означени како „заробена држава“ беше токму развиениот систем за масовна манипулација со изборите, далеку пред изборниот ден.

Се разбира, со овој мој став не сакам да ја намалам важноста од дискусија и одлука за изборниот модел и за техничките аспекти од спроведувањето на изборите. Напротив, и едното и другото прашање имаат неспорно големо влијание како врз самиот изборен процес, така и врз другите политички процеси што претходат или следат на изборниот ден, вклучувајќи го и севкупниот демократски развој. Од одговорот на овие дилеми директно зависи дали ќе имаме поодговорни избрани претставници, повеќе внатрепартиска демократија и отчетност во работата, повеќе иницијативност и одговорност во служба на граѓаните и нивната благосостојба. Едно е сигурно, само еден модел за подобро функционирање на демократскиот политички систем не постои.

Затоа, мојот неодамнешен став беше за поддршка на иницијативата за реформи на изборниот модел во насока на надминување на партократијата преку внатрешна демократизација и поголема отчетност во партиите, особено при финансирање на изборните кампања и, воопшто, финансирање на работата на политичките партии, создавање на повеќе простор за политички натпревар на различни политички идеи и политики и, најважно, за подобра претставеност на граѓаните, како на централно, така и на локално ниво. Таа реформа може да вклучува и менување на бројот на изборните единици и воведување на отворени листи, конечно, ако така се договориме може да значи и целосна замена на пропорционалниот модел со мешовит или мнозински. Најразвиените демократии не следат ист образец. Секаде изборниот модел е обликуван имајќи ги во предвид локалните специфики на секоја држава и нејзиниот актуелен општествено-политички развој.

Затоа, сметам дека на прашањето за идната реформа на изборниот систем треба да посветиме многу внимание, а пред се, треба да дискутираме и предлагаме решенија водејќи се од јавниот интерес и подобрата демократска иднина за сите граѓани, а не, исклучиво, од партиските или личните интереси. Избрзани, премногу чести реформи или реформи за кои нема согласност од клучните опозициони партии, се полоши отколку задржување на постојниот систем. Почитувани, Конференцијата има многу индикативен наслов: перспективите на македонските избори. Самиот наслов сугерира дека фокусот на дискусиите треба да биде на идниот демократски развој, а не толку на грешките и заблудите од минатото. Се разбира, за да ги избегнеме опасностите за иднината, треба да ги имаме на ум минатите грешки. Меѓутоа, фиксирањето на минатите проблеми, не е добар чекор за нов почеток. Оттаму, мојот апел е во вашите дискусии критички да ги анализирате различните аспекти на изборите од аспект на идниот демократски и севкупен општествен развој. На крајот, на организаторите сакам да им се заблагодарам за поканата да се обратам на конференцијата, а сите вам да ви посакам конструктивна и плодна дискусија“, рече Пендаровски.

This post is also available in: English