Дерала: Граѓанското новинарство е на првите линии на фронтот

Граѓанските новинарки и новинари се на првата линија на фронтот за откривање на нерегуларностите во општеството, во практикувањето на власта, во злоупотребите на службената положба и на јавните ресурси. Истото тоа важи и за набљудувањето на изборните процеси.

Граѓанските новинар(к)и ни ги даваат најдобрите, најбрзите и најрелевантните информации од теренот, бидејќи се наоѓаат на лице место. Тоа се луѓето кои можат да откријат говор на омраза, поткуп, корупција... За тоа е доволно да имаат телефон со себе и да снимаат, фотографираат или напишат порака на нашите онлајн алатки за пријава на нерегуларности или злопупотреба.

Тие можат да следат и забележат говор на омраза или лажни вести на социјалните мрежи, а потоа може и да ги демантираат тие лажни вести со тоа што ќе одат на лице место и ќе ја снимаат или фотографираат таа ситуација која лажно е пренесена, а ние можеме да ја објавиме.

Тоа што граѓанските новинарки и новинари може да го направат, не може да го направат робусните екипи на традиционалните медиуми.

ЦИВИЛ ја гарантира анонимноста на граѓанските новинар(к)и. Ако ви е непријатно или се плашите од некакви реперкусии, ние вашиот прилог ќе го објавиме анонимно и ќе ја зачуваме анонимноста на авторката или авторот.

Доволно е да се напише мејл, порака на Фејсбук или да се испрати видео преку WeTransfer и да се напише кратка информација што се случува. Ние тоа ќе го објавиме без цензура, без калкулации или компромис!

Преку ангажманот на граѓански новинар или новинарка, вие имате простор да се вклучите во работата на ЦИВИЛ - Центар за слобода и во другите проекти и активности.

Камера и обработка на текст: Д. Муратов