СКЕН - политички магазин: Говорот на омразата го достигна пикот!

Говорот на омраза во изминатиов период го достигна пикот, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно бележи говор на омраза особено на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. Во ова издание на СКЕН ќе издвоиме само дел од говорот на омраза.

Додека траеше вчерашниот ТВ дуел помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на Фејсбук профилот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ дуелот се пренесуваше во живо каде што имаше над 2.500 коментари, а дел од коментарите содржат говор на омраза и повици за линч кон лидерот на СДСМ. Еден од коментарите гласи: „Зоран Заев имаш многу убава лузна на устата мислам дека заслужуваш уште поголема лузна во устата и главата, предавник се обележува со лузни а една од таквите е кај тебе Зоран Заев само заслужуваш повеќе лузни а тоа ќе го добиеш од граѓаните после изборите“.

Лицето Никола Пејовски на неговиот Фејсбук профил објави статус: „Глас за Заев и сдс е глас за Албанец (ш……р) премиер!!! Е па чорба Македонче“. Под неговиот статус има неколку коментари кои исто така продолжуваат со ширење на говорот на омраза по партиска, етничка и верска основа.

Aдвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека недостигот на институционална волја за решавање на случаите каде се регистрира говор на омраза, покажува дека човековите права не се заштитени и тоа испраќа лоша порака.

Миленко Неделковски продолжува да шири говор на омраза на својот Фејсбук профил објавувајќи видео од неговиот Јутјуб на кое закачува фотографии со активисти од Шарената револуција и ги прашува во која категорија спаѓаат во „шуто или рогато“? Тој во видеото користи говор на омраза и активистите ги навредува нарекувајќи ги кретени кои според него се заслужни да падне легалната, легитимната и демократската власт на Никола Груевски.

Во изминатиот период ЦИВИЛ е мета на организиран напад со цел да се дискредитира организацијата. Извесна граѓанка на Фејсбук направила цела „студија“ за работата на ЦИВИЛ и меѓудругото пишува: „Долго време ги следам Цивил Медиа и никако не можам да разберам зошто луѓево бараат да владее едноумие во Македонија или нивна северџанистан… Севезден не клеветат дека сме националисти. И што има лошо во тоа што сме националисти?“, прашува Билјана Антоска Стојанов на Фејсбук. Но „анализата“ на Антоска за ЦИВИЛ е објавена на вебпорталот Воборба.мк каде пишува дека всушност е магистер по медицинска администрација и бизнис менаџмент во маркетинг и рекламна стратегија и активист во Мелбурн, Австралија и борец за правата на Македонците во Австралија.

„Случајно“ госпоѓата од Австралија нè учи дека не е лошо да се биде „националист како што се ВМРО ДПМНЕ и Левица“. И од Автралија порачува дека „Македонија е на Македонците“!

„Студијата“ за ЦИВИЛ е објавена на портал каде што има банер дека „Договорот од Преспа е незаконски и треба да се раскине“, (главна кампања на ВМРО ДПМНЕ и Левица).

Но, во истиот портал има интервју со разрешениот судија Владимир Панчевски за кој Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во неколку наврати бележи и говор на омраза кон ЦИВИЛ. Истата објава се појавува и на Фејсбук профилот на Миленко Неделковски и има десетици коментари со говор на омраза.

И организираната хајка против ЦИВИЛ не запира тука, напротив, продолжува… Панчевски во друг твит пишува: Џабир во суштина инфламаторно античко оружје за кое старите латини користеле израз вагинитус! Твитот на Панчевски го споделува Миленко Неделковски со коментар: „Старите словени за тоа користеле израз пич…“. На објавата на Панчевски се надоврзува и редовниот твитер бот (ширач на говор на омраза и лаги) профилот Марга@ДаницаМММ со коментар: „Абре Качак со литро ракија дневно“.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, меѓу другите твитови со експлицитен говор на омраза и срамни содржини забележува дека овој лажен профил (бот) се бави и со етничкото потекло на тимовите на организацијата.

Носителката на Изборна единица, Јована Мојсоска од Левица, во недостаток од идеи и изборна програма како би била забележана меѓу луѓето за да ја гласаат, шири омраза за членови на ЦИВИЛ.

Покрај многуте коментари со говор на омраза, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи експлицитен говор на омраза кон организацијата од лицето кој на Фејсбук е потпишан како Тони Лапе Марков. Тој во два наврати вулгарно и примитивно коментира на официјалната Фејсбук страница на ЦИВИЛ. Инаку од МВР ни изјавија дека лицето Марков не е вработен во Министерството бидејќи работниот однос на истото му престанал во 1998 година.

Џабир Дерала од ЦИВИЛ вели дека во изминатите години во континуитет бара од институциите да преземат чекори да се спречи и да се санкционира говорот на омраза и ширењето на лажните вести.

Фејсбук страницата „Налет да се сторите“ секојдневно објавува пораки со кои се поттикнува говор на омразата, а во коментарите се појавуваат со дискусија и говорот на омразата дополнително го поттикнуваат и самите администратори на оваа страница. Тие упатуваат говор на омразата и закани по животот на лидерот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села. Села, стана мета на говор на омраза и закани, откако на партиски митинг во Струга изјави дека ако Зоран Заев и Христијан Мицкоски создадат влада само со македонски претставници, Албанците ќе создадат албанска влада.

Академик Катица Ќулавкова, членка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на својот Твитер профил објави твит со текст „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, односно вината за ширењето на болеста Ковид-19 ја посочува кон етничките заедници кои не се етнички Македонци и христијани. Твитот на Ќулавкова предизвика огорченост на социјалните мрежи со кој изнесува ставови кои беа оценети како националистички и шовинистички, за по неколку часа таа го избриша твитот.

Исто така, извесен Василие Стојановски на својот Фејсбук профил истакнал дека повторно ќе има карантин поради „ш……те“.

„Ако не затворат до понеделник пак во карантин поради тоа што грото од ш……..е нејќат да се тестираат и воопшто не ги почитуваат мерките од сам старт, ќе се дигнеме ли во востание? Ќе палиме? Ќе постираме ли црни слики? Што ќе праимее имбецилии?“, пишува Стојановски.

Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Маргини“ вели дека социјалните мрежи и порталите изобилуваат со говор на омраза, но, државните институции не го гледаат и не го санкционираат, иако претставува кривично дело.

Во изминатиот период Ромите и ромскиот јазик станаa мета на исмејување, преку ширење на говор на омраза или како што велат релативизаторите (партиските ботови) „само се зезаат“ со техничкиот премиер Оливер Спасовски за неговиот говор на ромски јазик, по повод честитката за 8-ми Април, Денот на Ромите. Хајката и говорот на омраза започна по колумната на новинарот Драган Павловиќ Латас со наслов – „Набутинавле охохо“, објавена на 25 мај во Вечер, во која го обвинува премиерот Спасовски дека не знае ромски, но дека знае да ги поткупи Ромите со пакет зејтин да гласаат на избори.

На „зезањето“ предизборно се приклучи и Антонио Милошоски, член на политичката партија ВМРО ДПМНЕ кој пред четирии дена (додека бил во самоизолација) на својот Твитер профил, сподели видео од две девојки коишто на социјалната мрежа ТикТок танцуваат на ремикс песна (Обиџуко) од говорот на Спасовски. На Фејсбук страната „Теовел Обиџуко“ има неколку објави видео и фотомонтажи со „зезање“ на премиерот Спасовски. Но, веројатно оваа група не служи само за „зезање“, па може да се најдат и објави против СДСМ.

Твитер профилот Кубрат Шазивар, сподели објава на профилот ДрнДрнЈариња кој отворено пишува дека ги мрази гадните ц…..и! Додека профилот Курка коментира дека и е слатко тоа што мало и босо циганче си ги лиже мрсулите.

Кандидатката за пратеник од партијата „Твоја“ проф. Мирјана Најчевска “ е мета на навреди и говор на омраза, откако на Твитер објави знаме на ЛГБТИ со пораката „Твоја ги почитува сите различни индивидуалности“.

Џабир Дерала од ЦИВИЛ истакна дека дека се работи за една широка, голема и многу скапо платена софистицирана операција во доменот на хибридните закани против демократијата и дека тоа е долготрајна и тешка битка, додавајќи – „Не се сомневам ниту најмалку дека ние ќе победиме, како граѓанки и граѓани и како луѓе кои сакаат да живеат во здраво и нормално општество.

Ова е само дел од коментарите и случаите што ги објави Мониторинг тимот на ЦИВИЛ и во наредниот период ќе продолжиме да собираме коментари и информации кои содржат говор на омраза и повици за линч.

Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети