Донација на хуманитарни пакети од Заеви за Струмица

Општинскиот штаб за заштита и спасување на општина Струмица постојано ја следи актуелната состојба и презема мерки за заштита на граѓаните од ширењето на корона вирусот, рече на денешната прес конференција началникот на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Александар Оџаков.

„Истовремено, ги следиме и потребите на граѓаните во овие вонредни околности и од тие причини, а во интерес на земјоделските производители и граѓаните ги отворивме пазарите за продажба на земјоделски и прехранбени производи „Чешел“, „Кантон“ и Кванташкиот пазар, но со дополнителни мерки за заштита. До Општинскиот штаб за заштита и спасување стигна донација на заштитни маски кои ќе бидат поделени од волонтерите на општина Струмица. Сакам да информирам дека се донирани и хуманитарни пакети со основни прехранбени производи кои од страна на волонтерите на Општината ќе им бидат поделени на граѓаните од социјално ранливите категории. Посебно сакам да потенцирам дека дистрибуцијата на овие хуманитарни пакети ќе се врши согласно сите мерки за заштита, почнувајќи од пакување па се до достава во семејствата, а ќе ја вршат волонтери обучени за ваква испорака. Тоа значи ќе биде обезбедена максимална заштита за сите што ја доставуваат и примаат донацијата. Вакви пакети ќе се делат додека трае кризата“ изјави Оџаков.

На новинарско прашање кој ги донираше хуманитарните пакети, Оџаков одговори:

„Донацијата на хуманитарните пакети е од семејството Заеви, кое освен во општина Струмица вакви пакети донираше и во другите општини во државата, а кои деновиве преку волонтерите ќе стигнат до домовите на социјално загрозените семејства. Од името на Општината сакам јавно да му се заблагодарам на семејството Заеви кое многу пати досега ја потврдило својата хуманост и солидарност и секогаш помагале таму каде што имало потреба од било каква помош“

„Упатувам и апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките и препораките на Владата, Министерството за здравство и на Општинскиот штаб за заштита и спасување, затоа што само така ќе можеме да го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски“ рече Оџаков.