На Фејсбук страната Ѓорче Петров е објавено видео во кое се вели дека на улицата „Лука Геров“ во населбата „Даме Груев“ во општина Ѓорче Петров, кај што живеат Ромите, се планира да постави ѕид од 3 метра, а веќе се поставени темелите. По тој повод, денеска во 18 часот е најавен протест на жителите од тоа маало за како што пишува во најавата „за да го спречат геноцидот што се прави врз Ромите“.
Видеото е споделено над 70 пати, а има речиси 50 коментари, кои претежно се со говор на омраза, дискриминација, стереотипи, предрасуди… Ви пренесуваме дел од коментарите кои се со омраза, поделби, дискриминација кон Ромите, но и потикнуваат говор на омраза…
„Абе искрено од мостот да заградите и карши се што е нивна багра да се исели, да се среди да се урбанизира и нема да постои поубава населба во градов. Нека им направи Град Скопје неколку згради во Шутка и аир да видиме…“, пишува Зорица Велеска.
Во мултикултурно општество како нашето, проблемите не се решаваат со кревање на ѕидови. Поделбите, омразата, сегрегацијата, дискриминацијата… не се дел од Стратегијата за едно/еднакво општество за сите, напротив. Нашето општество треба да ги руши меѓуетничките ѕидови, наместо да гради нови!
Побаравме одговор од Општина Ѓорче Петров дали е вистина дека ќе се изгради ѕид во ромското маало, но до објавување на текстот не добивме одговор.
Д. М.