ЦИВИЛ организира панел дискусија „Попис: Статистика, не политика“ во вторник, 30 март, во хотел Парк&Спа Резиденс, Скопје, со почеток во 13 часот. Учесници ќе бидат Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, професорката Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, Славјанка Петровска, пратеничка во Собранието и член на СДСМ и Љупчо Зиков, главен и одговорен уредник на „Капитал“. Панелот ќе го модерира Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.
Во фокусот на панел дискусијата, ден пред започнување на процесот на попишување, е не само потребата да се одвои политиката од статистиката, туку и да упати апел пописот да се спроведе како статистичка операција. За јавноста е важно да се информира што може да очекуваат од процесот на попишување, безбедносните протоколи во однос на пандемијата со Ковид-19, а ќе се зборува и за значењето на пописот на локално и национално ниво.
Панел дискусијата ќе трае околу еден час и половина. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.