ЦИВИЛ ја поведе иницијативата „Гласај / Voto“ на социјалните мрежи, за да им даде поттик на граѓанките и граѓаните да го искористат своето право на глас и да излезат на гласање на 15 јули. Изборите нѐ затекнаа во време на пандемија кога заштитата на јавното здравје е приоритет. Затоа, ЦИВИЛ повикува на гласање, но и на максимално придржување кон мерките за заштита од коронавирусот на денот на гласањето.
Познати јавни личности, граѓански активисти, актери, музичари, новинари ја препознаа важноста на правото на глас и зошто е потребна излезноста на 15 јули и ја поддржаа инцијативата на ЦИВИЛ. Така, оваа иницијатива ја поддржаа: Перо Арсовски, актер и голем поборник за демократски и европски вредности, Дорина Ајдини, граѓанска активистка и популарна ТВ водителка, Ирена Стеријовска, режисерката и активистка, музичарот Мирко Попов, познат и како ПМГ Колектив, Анита Латифи, новинарка и активистка, Зоран Кардула, дизајнер и активист, Бубо Каров, мултимедијален уметник, Катерина Колозова, универзитетска професорка и граѓанска активистка, и други.
Тие, преку видео обраќања, Фејсбук статуси, со Фејсбук рамката „Гласај / Voto“, преку илустрации и на други креативни начини, ги повикуваат граѓанките и граѓаните на излезност. Во своите јавни обраќања, популарните поддржувачи на иницијативата објаснуваат зошто е важно да се гласа, кои се придобивките од остварување на гласачкото право, што нив ги мотивира да бидат активни чинители во општеството, како изборите придонесуваат кон демократијата и, се разбира, како да се заштитиме и да бидеме безбедни од Ковид-19 на денот на гласање.
Преку иницијативата на ЦИВИЛ, граѓанките и граѓаните може да се информираат за своите права и за сите најважни аспекти на изборниот процес, преку новата веб страница ГЛАСАЈ, VOTE.CIVIL.ORG.MK.
Меѓу другото, на оваа веб страница може да се најдат одговори на често поставуваните прашања: „Кога се изборите? За што гласаме? Што се случува на избирачкото место? Каде гласам? Дали ми треба документ за идентификација? Кого да контактирам во случај на нерегуларности? Колку е безбедно да се гласа? Како да се заштитам за време на гласањето?“
Гласај / Voto е името на Фејсбук настанот на страницата на ЦИВИЛ, на која граѓанките и граѓаните можат да ја искажат својата поддршка за оваа важна граѓанска иницијатива.
Предвремените парламентарни избори на 15 јули нѐ затекнаа во време на пандемија кога заштита на нашето здравје е приоритет. Затоа на денот на гласање сите треба да се придржуваме кон мерките за заштита ќе бидеме безбедни и сигурни дека нашиот глас ќе придонесе за иднината на нашата земја – се вели во текстот на настанот, а во продолжение се одговорите на прашањето „Зошто е важно да се излезе на гласање на 15 јули?“.
„Затоа што си ја сакам земјата. Затоа што преку гласање на избори, ние граѓаните владееме со нашата татковина. Затоа што правото на глас е основно човеково право. Затоа што така одлучуваме за својата и иднината на државата. Затоа што правото на избор е основа на секое демократско општество. Затоа што со својот глас граѓанките и граѓаните не дозволуваат некој друг да одлучува место нив. Затоа што сакам да влијаам врз политиките кои се значајни за секојдневниот живот. Затоа што излезноста ја гарантира легитимноста на избраните претставници, но истовремено ја зголемува нивната одговорност. Затоа што за функционална држава потребни се функционални институции и здрава средина за развој на демократијата. Затоа што секој глас одредува во какво општество ќе живееме “ – се одговорите на овие важни прашања кои ги сугерира ФБ настанот на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
This post is also available in: English