Вандализирана џамија стара 400 години, градоначалникот на општина Градско смета дека некој на ваков начин сака да дојде на власт на престојните избори

Вчера во селото Виничани, Општина Градско, непознати сторители ја искршиле оградата која беше поставена околу селската џамија од Исламската верска заедница. Џамијата во Виничани е изградена пред повеќе од 400 години. Деновиве со помош на донација, прописно беше поставена ограда околу објектот, со цел да се заштити од узурпација и целосно уништување. Меѓутоа во вечерните часови непознати лица ја искршиле оградата, што предизвика гнев и револт кај муслимани од Виничани.

Градоначалникот на општина Градско, Роберт Бешовски вчера на Фејсбук се огласи дека пред еден месец се обрати фирмата која ги оградуваше гробиштата во с. Виничани со намера да извести дека ќе го оградува дворното место на старата џамија за што поседуваат Имотен лист за сопственост и скица.

„Ги предупредивме да се откажат од намерата дека со оградувањето ќе се предизвикаат немири и проблеми бидејќи проблемот е сензитивен и може да предизвика нарушување на јавниот ред и мир, меѓуетнички тензии и спречување на фирмата за вршење на градежните работи“, соопшти Бешовски.

На ваквата изјава на градоначалникот реагираа неколку граѓански активисти меѓу кои и Мерсиха Смаиловиќ. Таа побара од градоначалникот да им се извини на населението во село Виничане и на Исламската Верска заедница, затоа што не успеал да изнајде механизми на заштита на овој историски објект, и да си ја разбере улогата на градоначалник на сите жители во ова село.

„Итно барам од градоначалникот на општина Градско, Роберт Бешовски, да престане со говорот на омраза и на поттикнување меѓуетничка нетолеранција и омраза. Недозволиво е по вандалскиот чин, на рушење на оградата околу веќе руинираната џамија, во сопственост на ИВЗ, ваков пост да се постира од градоначалник кој е платен и изгласан од истиот народ, на кој сега му вели дека една обична ограда на нивен имот е проблем и тоа сензитивен. Овој став е крајно дискриминирачки кон муслиманското население.

Завземањето на страна во овој случај е директен поттик на вандалите да сторат дело од омраза кон муслиманите и кон еден историски објект, џамија стара 400 години. Оградувањето на џамиското земјиште е право на сопственикот, не е чин на нетолеранција, аман, едно општество за сите имате ли абер што е“, реагира Смаиловиќ.

Пратеникот од СДСМ, Зекир Рамчиловиќ го осуди овој вандалски чин и ги повика муслиманите да останат смирени и да остават на институциите да ја завршат работата.

„Ги повикувам сите граѓани на Виничани и околните места да се воздржат од дејствија кои може да предизвикаат омраза и насилство. Особено ги повикувам Бошњаците, Турците и другите муслимани кои живеат на овие простори да останат смирени и да ги остават институциите да си ја завршат работата бидејќи законите мора да важат подеднакво за сите. Можеме да одиме напред само доколку ги изолираме ваквите поединци и заедно со меѓусебна почит и доверба ја градиме нашата заедничка куќа Македонија“, истакна Рамчиловиќ.

По вчерашните реакции, денеска градоначалникот на Општина Градско, Роберт Бешовски, го осуди вандалскиот чин и смета дека некој на ваков начин сака да дојде на власт на претстојните избори.

„Жителите на општина Градско меѓусебе се почитуваат, си помагаат, делат исти патишта и пасишта, си ги честитаат празниците, едноставно се меѓуетнички кохезирани. Но, очигледно на некого му смета оваа хармонија и сака да ја искористи за ниски политички цели. Сака да ги раскара жителите, да ги подели и да ја обвини Општината за полесно да дојде на власт на престојните избори, но, нема да им и успее.

Граѓаните на општина Градско се чесни. Оваа наместена игра од страна, јас нема да дозволам да прерасне во меѓуетнички конфликт. Ќе се покренат сите институции и ќе се најде виновникот за овој скандал и за овој обид на рушење на единството. Таа џамија е значајна не само за верниците од муслиманската вероисповед, таа е културно исторски споменик стар четири века со кој се гордееме и кој го чуваме. Тој што се дрзнал да ја сруши оградата на приватен имот на кој сопствениците имаат легални документи ќе одговара пред институциите“, истакна градоначалникот Бешовски.

Дехран Муратов