Девојка стуткана во ќоше, еден снима на мобилниот, а другиот ја удира со клоци и боскови по стомакот, грбот и главата, потоа улогите си ги менуваат. Рацете и се ставени во одбрана на лицето и главата од налетот на тупаниците и клоците и моли да престаната да ја удараат. Оваа снимка во којашто се виде брутално насилство од млади момчиња врз беспомошно девојче на возраст од 21 година ја потресе македонската јавност.
Насилството од двајцата штипјани на возраст од 23 и 26 години е сторено во месец јануари, а со молскавична брзина беше споделено на социјалните мрежи на 2 април во раните утрински часови. Полицијата во овој случај беше брза, веднаш ги лоцираше насилниците, кои беа приведени во Полициската станица во Штип, каде што останаа 24 часа за целосно прибирање на доказите. По што Основниот Јавен обвинител, Ристе Бојаџиски побара мерка притвор, а се обвинуваат за сторено кривично дело „Насилство“ по член 386 став 3 в.в 1. Според ова, казната затвор за сторители кои се огласуваат за виновни се движи од шест месеци до пет години. На судијата на претходна постапка во Основниот суд во Штип во присуство на обвинитетети и бранител кој им е одредена по службена должност образложи зошто ја бара мерката притвор за двајцата сторители на кривичното дело „насилство“.
Осомничените во текот на јануари 2020 година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата каде престојувала и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде продолжиле со вршење на насилството. Додека го вршеле грубото насилство, осомничените снимале со мобилен телефон, со кои дејствија кај оштетената и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителството.
Судијата на претходна постапка во Основниот суд во Штип веднаш ја донесе одлуката за осумдневен притвор, а обвинителот наредната недела треба да достави обвинителен предлог по што притворот им се продолжува.
„Постапувајќи по поднесениот предлог за определување притвор, на ден 03.04.2020 година, судијата на претходна постапка на ОС – Штип ги испита јавниот обвинител, осомничените и нивниот бранител поставен по службена должност на околности од значење за одлучување по предлогот за определување на мерката притвор, по што донесе решение со кое го уважи предлогот на ОЈО Штип и на двајцата осомничени, поради постоење основи на сомнение за сторување на наведеното кривично дело, им определи мерка притвор во траење од по 8 (осум) дена, согласно чл.470 ст.1 т.2 од Законот за кривична постапка, која мерка притвор ќе се извршува во КПУ Затвор Куманово“ ,се вели во соопштение на Основиот суд –Штип.
Истражните органи уште не откриваат кој ја сподели видео снимката од бруталното насилство. Девојката за ТВ Клан сведочеше дека по тепањето имала видливи повреди, а насилството кое се случило пред повеќе од два месеца не го пријавила поради страв од еден од насилниците.
Пеева: Секоја четврта жртва пријавува насилствo
Тимови на Центарот за социјални работи-Штип и на Мултисекторскиот тим за борба против насилство работат со девојката. Бети Пеева од НВО „ЕХО“ од Штип веќе 17 години работи на случаи на семејно насилство.
„Веројатно она што е познато на нашата локална јавност, но не и на пошироката е дека „ЕХО“ има воспоставено Мултисекторски тимови за ефикасна заштита на жените жртви на насилство, коишто функционираат во Штип и Струмица. Вработени од Центарот за социјални работи, самиот раководител на центарот се членови на тој мултисекторски тим. Ние во моментов се консултираме со нив, што е тоа што е во најдобар интерес за жртвата, за да можеме да и помогнеме и сега конкретно, ние во моментов работиме со жртвата. Додека Центарот за социјални работи ќе преземе откако ќе видеме, каков ќе биде резулатот од постапката“, вели Пеева.
Прашана зошто жртвата не го пријавила настанот уште пред два месеца, кога се случил и е брутално претепана, Пеева со одговор дека не е изненадена од силниот страв кај девојката.
„Од она што ние го имаме кај нас како искуство од цели 17 години па и повеќе работиме со заштита на жртви од семејно насилство можеме да кажеме дека половината, па и повеќе од жртвите на семејно насилство не го пријавуваат насилството. Истражувањата покажуваат дека секоја четврта жртва го пријавува насилството. Така што можете да замислете колкави се бројките. Тука има длабоки психолошки причини. Најголем дел се базира на тоа што ќе рече средината, како ќе се прифати во социјалната средина, станува збор за стереотипи. Така што не можеме да знаеме зошто жртвата не го пријавила насилството. Можеби станува збор и за недоверба во своите поддржувачи, во своите блиски, недоверба во институциите. Меѓутоа можеби е тоа начин на живот на којшто навикнала. Значи да не навлегуваме подлабоко, има повеќе причини„ вели Пеева.
Смета дека итно е потребно да се донесе Законот за родово базирано насилство како и во македонското законодавство целосно да се имплементираат одредбите од Истанбулската конвенција.
„Дефинитивно е потребно да се усогласи целата законска легислатива, што ја имаме во областа на насилството врз жени и девојки со Истанбулската конвенција, меѓутоа треба да се знае дека тоа е многу тежок и долгорочен процес. Направени се повеќе чекори во таа насока и еден од првите и основни чекори, што е најзначен, е првично да се поведе сметка за сензибилизација на професионалните структури, за да можат да работат со жртви на родово базирано насилство и како професионалците треба да работат со жртвите. Мислам дека во таа насока граѓанските организации доста направија, а исто во таа насока и Министерството за труд и социјална политика последнава година имаше такви обуки за професионалните структури во полиција, во центрите за социјални работи, судството“ рече Пеева.
Во Штип само во еден ден во текот на неделата што изминува беа пријавени два случаја на семејно насилство и во двата жртви се жените, а нивите брачни другари рака подигнале и во присуство на малолетните деца. Во услови кога во светот е прогласена пандемија и населението е во изолација, Пеева смета дека ќе бидат далекусежни последиците.
„Веројатно е зголемен обемот на семејно насилство, но се уште од некаков страв жртвите не пријавуваат, бидејќи се активира така наречениот одбранбен механизам“ потенцира Пеева.
Смета дека во моментов домовите се ризични места за потенцијалните жртви на семејно насилство. Претпоставуваат како невладиниот сектор, но и настаните што се случуваат покажуваат дека постои семејното насилство, кое во моментов е задскриено.
„Јас сметам дека ќе еруптира по завршувањето на вонредната состојба и откако оние препораки за самоизолација ќе престанат“ вели Пеева.
Според анализите и понатаму предничи физичкото, а потоа се психичкото и економското, сосема мал дел пријавуваат сексуално насилство. Невладиниот сектор кој со години бараше и на нивно инсистирање се доби нов Закон за бесплатна правна помош оценуваат дека овој закон подобро ги штити жртвите на семејно насилство. Законот на сила стапи на 1 октомври 2019 година. Лани во првата половина од годината се регистрирани 1.000 нови жртви на семејно насилство, од кои над 100 се деца. Овластените здруженија за бесплатна правна помош, што освен во Штип, функционираат во Струмица, Битола, Куманово и Скопје, од почеток до крај ги мониторираат судските процеси. Во регистерот за бесплатна правна помош се запишани шестмина адвокати, но од невладиниот сектор сметаат дека е потребна поголема активност на институциите, посебно на Министерството за правда што треба да го прмовира Законот, бидејќи претходниот иако лош, на сила беше десетина година, а 70 отсто од граѓаните од загрозените социјални категории не знаат дека може да добијат бесплатна правна помош во одредени судски постапки.
Истражување на студентите на штипскиот Правен факултет
Студентите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, заедно со нивниот професор Страшко Стојановски лани реализираа истражување за семејното насилство. Стојановски вели дека во теренското истражување опфатени биле 300 лица во анкетата, која е реализирана во општините во источниот и југоисточниот регион. Забележува дека од истражувањето донесен е заклучок дека македонското семејство е се уште патријахално, а две третини од испитаниците одговориле дека се запознаени со случаи на семејнонасилство во нивните средини.
„Кога запрашавме дали во вашата потесна околина, соседство или семејство имате случај на семејно насилство одговорија една третина и кога запрашавме дали во вашето семејство се има случено семејно насилство еден од десет испитаници изјавија дека биле сведоци на семејно насилство во нивното семејство. Меѓутоа индикаторот е дека сепак оваа бројка е поголема“ вели Стојановски.
Според истражувањето и понатaму најчесто жртви се жените и децата, а ретко се мажите.
„Со опаѓањето на социјалниот статус се зголемува и можноста за семејно насилство, меѓутоа истовремено и кај највисоките слоеви имаме индикатори дека постои семејно насилство. Значи кај најниските и највисоките, а кај средните општествени слоеви, тоа е со најмал интензитет“ вели Стојановски.
Сепак истражувањата на терен покажуваат дека поголем дел од жртвите се одлучиле да молчат, поради стигматизација, односно страв и срам да не бидат тема за разговор во средината во која живеат.
Викторија Димитрова-Јованова /МИА