Пировска: Борба значи да се бориш и за туѓите права

Уранија Пировска од Хелсиншки комитет на отварањето на ЦИВИЛ Фест истакна дека Декларацијата за човекови права беше донесена по Втората светска војна за да служи како заложба и гаранција за светот дека никогаш повеќе нема да ги доживее злосторствата од таа војна. Во декларацијата пишува дека сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по своето достоинство и се еднакви пред законот.

„Сведоци сме дека во многу делови во светот се жртви на прогон на масовни убиства, на дискриминација, токму поради нивната различна боја на кожа, сексуална ориентација, верска или политичка припадност.

Борбата за подобро утре никогаш нема да запре. Секогаш ќе има некој кој ќе ги прекршува човековите права, меѓутоа мора на таквите да им се спротивставиме.

Граѓаните на Република Македонија 11 години се соочуваа со режим кој брутално ги кршеше нивните основни човекови права. Она што го доживеавме, јас го чувствувам како лична сатисфакција, дека граѓаните денес се многу посвесни за нивните права и дека со својата моќ, енергија и борба можат да ја сменат власта и можат да го направат општеството поправедно.

Македонија и денес не може да се пофали дека нејзините граѓани живеат во благосостојба, ние сè уште се соочуваме со рецидивите на претходното недемократско владеење, рецидиви против кои оваа власт мора енергично да се спротистави, рецидиви кои мора да се отстанат со реформи.

Јас денес стојам гордо бидејќи направивме сè што беше во нашата можност за денес Македонија да доживее слобода. Македонија беше заробена држава до 2017 година, денес луѓето живеат многу подобро од аспект на слободата. Меѓутоа, Македонија не смее никогаш да заборви дека молчењето, покривањето на пропустите на власта можат да доведат до иста таква диктатура со која се соочувавме 11 години.

Борбата не треба да започнува тргајќи од нашите лични права, борбата значи да се бориш и за туѓите права“, заклучи Пировска.

Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска