Ние сме медиумите! Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат во Струмица

Со музика, проекции и разговори, ЦИВИЛ ќе го промовира граѓанското новинарство во Струмица. Под мотото „Ние сме медиумите! Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“ ЦИВИЛ – Центар за слобода организира јавен настан на отворено во Мал градски парк во Струмица (кај општината), в среда, 25 мај, со почеток во 19 часот.

На почетокот на програмата, со диџејски сет ќе настапи колективот на ЦИВИЛ, додека сценско-музички настап ќе има Петрит Сарачини, а поезија ќе читаат Ѓорѓи Калајџиев, Сузана Мицева и Џабир Дерала.

Street Media EVENT Strumica - CВо вториот дел од програмата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги проектира досега наградените трудови на граѓанските новинари во рамките на проектот Граѓански објектив. Исто така, присутните ќе имаат можност да видат како граѓанските новинари изминатиот месец известуваа за протестите во Струмица, но и во другите градови низ Македонија.

Тимот на ЦИВИЛ ќе биде достапен да одговори на прашањата на заинтересираните граѓани за проектот и за условите за учество во месечните натпреварувачки циклуси во проектот.


Настанот е во рамките на проектот „Граѓански објектив“, финансиран од National Endowment for Democracy.
„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе за развој на граѓанското новинарство во земјата. Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси. Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право низ интерактивна и динамична активност, која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со создавање и прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.