За (не)транспарентноста и (не)одговорноста во политичките процеси

На панел дискусијата со наслов „Граѓаните за државата или државата за граѓаните“ организирана од ЦИВИЛ – Центар за слобода, зборуваа професорката Мирјана Најчевска, активистката Мерита Максути и професорката Јасна Бачовска, за (не)транспарентноста и (не)одговорноста во политичките процеси, владеењето на правото, човековите права, медиумите и граѓанското учество.

Панел дискусијата беше отворена со прашањата за тоа дали транспарентноста соодвестува со реалната слика за институциите и за тоа што се претставува служба на државата кон граѓаните.

Професорката Мирјана Најчевска се осврна на тоа до каде сме до демократијата во однос на тоа колку сме научиле и до каде сме со контролата. Според неа, за првото имаме проблем, бидејќи во  20 и кусур години учиме за демократија и уште не научивме и дури станавме и повторувачи.

„Демократијата се базира на индивидуи, не на групи, имаме партии, невладини, навивачки групи, етнички и религиски, само немаме индивидуи, основа е човекот и ние нема да мрднеме чекор, доколку не научиме. Секогаш некоја група е виновна, но ни се губи индивидуалната одговорност, не се чувствуваме одговорни за ништо што ни се случува во државата. Третиот елемент е квалитетот на индивидуата. Институциите вредат колку и луѓето во нив и ние често тоа го забораваме. Нив ги гледаме како структури и урбани елементи, а не како збир и квалитет на индивидуи од што зависи каков ќе биде нивниот квалитет. Не е сеедно кој ќе биде министер, кој ќе биде на шалтер и итн. Ние кога гласаме не гласаме за индивидуи, туку го заокружуваме знакчето на партијата, заокружуваме некаква структура, а не за индивидуи и не можеме да излеземе од овој затворен круг на недемократичност“, додаде Најчевска.

Според Најчевска, контролата треба да има три елементи. Првиот се однесува на законската основа, која и треба да оди бавно, а ако не оди бавно, нема да може да се контролира.

„Втор елемент е достапност, значи на соодветен начин на луѓето да им се објасни што се прави, а третиот елемент казна, оние кои се одговорни за нешто да бидат казнети“, изјави Најчевска.

Активистката Мерита Максути изјави дека односот на граѓаните и државата треба да е заемен и таа врска не треба да се раскине.

„Сведоци сме на стари пракси и дека тешко се спроведуваат реформите во некои заробени институции. Државата мора да разбере дека се тука за граѓани и никако поинаку. Владеењето на правото е најважниот елемент“, изјави Максути.

Максути вели дека со минатата власт, здружението „Еко герила“ имале апсурдни случаи, како оној за Југохром, кој бил заштитен како бела мечка, а како сличен настан го спомна најсвежиот случај со тутунот во Љуботен и смета дека неправдата кон граѓаните се уште постои.

„Законите треба да важат за сите еднакво, но правдата не се почитува до крај. Ова го зборувам и од лично искуство. Државата треба суштински да се посвети на реформите на сите нивоа“, додаде Максути.

Според неа, за промени треба време, но двигатели на промените треба да се оние кои се избрани на власт, а не да се однесуваат како позициите да им се наследени.

Професорката Јасна Бачовска рече дека 27 години никако не можеме да добиеме демократија и дека таа не е формален момент, не се мери со тоа дали имате поделба на власт, туку преку чувствата кај поединецот.

„Три елементи се битни, а тоа се дали веруваме на институциите, дали ги толерираме другите и партиципацијата на граѓанинот во донесување на одлуките, дали имаме чувство дека одлучуваме за нешто. Четири години нема транспарентност, се уништи со неколку инциденти и тоа големи, а во нормални држави на тоа следува отказ “, додаде Бачовска.

ЦИВИЛ се залага за слобода на изразување и медиумска слобода, без цензури, искрени пред себе и пред другите.

Ангела Петровска
фотографии: Биљана Јордановска