Сарачини: Граѓанското новинарство е одговор на недостатокот на кредибилни и независни информации

Со новинарот и активист за човекови права, Петрит Сарачини, зборувавме за влијанието на граѓанското новинарство и како тоа може да придонесе за подобрување на општеството.Новинарството е прилично јасно по својата дефиниција. Тоа се информации коишто се во служба на јавниот интерес, или се она што граѓаните сакаат да го знаат. Граѓанско новинарство е, пак, кога било кој граѓанин ќе произведе таква содржина којашто е точна, релевантна и го допира јавниот интерес.

Едноставно, новинарството не треба да го ограничиме само на професионалците што работат во медиумите, туку тоа може да го работи било кој граѓанин, се додека го работи според новинарските стандарди.

Зошто е ова важно во овој момент? Важно е затоа што гледаме, и тоа не е само сега, оваа година, или изминатите неколку години, тој тренд трае подолго, дека традиционалните, големите медиуми прилично го стеснија својот круг на дејствување. Тие не работат исклучиво онака како што треба да работи професијата во интерес на јавноста, туку често пати им служат на други интереси, политички и пред се економски, односно на интересите на нивните сопственици. Тоа, секаде во светот, доведе до поголема побарувачка на информации коишто се независни од центрите на моќ. Дигиталната ера овозможи да се создадат многу медиуми коишто произведуваат информации, но голем дел од тие медиуми повторно застанаа да им служат на интересите на одредени центри на моќ, а не на интересите на јавноста и да бидат заштитници на јавниот интерес.

Затоа и се јавува граѓанското новинарство.  Тоа е одговор на побарувачката, на граѓаните, секаде во светот за информации коишто се вистинити, точни и коишто го заштитуваат нивниот интерес како суверени, или носители на политичките права во секоја држава. Се додека таа природна врска помеѓу граѓаните и медиумите е нарушена, ќе биде важно да постои и да се развива граѓанското новинарство. Се додека медиумите не се структурирани онака како што треба, јавноста ќе бара начини да одговори. Граѓанското новинарство, едноставно, е одговор на недостатокот на кредибилни и независни информации.

Критичарите на граѓанското новинарство најмногу алудираат на тоа дека луѓе коишто не се обучени и не знаат да прават вести, често пати можат, дали од немарност, од незнаење, од недостаток на други информации да ја излажат јавноста. Повторно ќе се вратам на она што го кажав на почетокот, новинарството е стандард. Луѓе кои работат во сериозни редакции секој ден го рушат тој стандард. Што да кажеме сега, дека тие не се новинари? Па тоа е вистината... Дека луѓето кои не работат по новинарски стандарди, не се новинари. Се додека е состојбата таква, ние не можеме, а и меѓународните конвенции не ни го даваат тоа право, било кому да му ја ограничуваме слободата на изразување. Затоа таа критика, треба пред се да го има предвид правото на човекот слободно да се изрази, слободно да произведува и прима информации. И бидејќи е таква состојбата, тогаш тие што работат во професионални редакции треба да го засилат својот стандард, да се држат до тие постулати на новинарството, за да не овозможат простор за некој друг да влезе таму каде што тие отстапиле или потфрлиле.

Многу е едноставно. Луѓето бараат да ја слушнат вистината. Затоа многу е важно медиумите да бидат организирани и да работат во интерес на јавноста.

Што се однесува на говорот на омраза, претежно производител на говорот на омраза е онлајн сферата и социјалните мрежи. Многу помал дел од тоа доаѓа од организираните редакции. Функцијата на граѓанското новинарство, тука би била токму она што и често пати го прави, да посочи на акции коишто се против говорот на омраза, да деконстурира некоја лага којашто може да предизвика говор на омраза и слично.

транскрипт и монтажа: Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов

This post is also available in: Albanian