Како и досега, ЦИВИЛ интензивно продолжува со своите активности на терен. На самиот почеток на новата 2020 година предвидени се два семинари наменети за Полошкиот и Југоисточниот плански регион.
Семинарот во Гостивар ќе се одржи на 25 јануари, а право на учество имаат апликантите од општините во Полошкиот плански регион: Гостивар, Тетово, Врапчиште, Брвеница, Желино, Боговиње, Теарце, Јегуновце, Кичево, Маврово и Ростуше.
Апликација за учество на регионален семинар „Граѓански објектив“ во Гостивар
Вториот, пак, ќе се одржи на 8 февруари во Струмица, овој семинар е наменет за граѓанките и граѓаните на Југоисточниот плански регион. Право на учество на семинарот во Струмица ќе имаат граѓанките и граѓаните на општините Струмица, Василево, Босилево, Ново Село, Конче, Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија.
Семинарите на ЦИВИЛ кои се дел од проектот „Граѓански објектив“, претставуваат можност за граѓанките и граѓаните да се запознаат со основите на човековите права, како и да се стекнат со вештините на мониторингот и новинарското известување. Со активно учество и подобрување на вештините, секој може да придонесе кон транспарентноста и одговорноста во политичките процеси.
Семинарите на ЦИВИЛ се одлична можност за воспоставување на соработка со ЦИВИЛ, а во пресрет на изборните процеси, тие се најважната етапа да се стане дел од мониторинг тимовите на организацијата.
ЦИВИЛ, како и сите претходни изборни процеси од 2008 година наваму, ќе го мониторира спроведувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Доколку сакате да станете кандидат за мониторинг тимот, сè што е потребно е да се пополни пријавата за учество на некој од семинарите кои ЦИВИЛ ќе ги организира во наредниот период.
ЦИВИЛ тим за комуникации