СКЕН - политички видео магазин: Дебатата за пописот во Штип, вистински пример за конструктивен дијалог

Политиката да се одвои од статистиката, бидејќи пописот тоа и е - статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. Започнатиот попис е тема на ова издание на политичкиот видео магазин СКЕН.

Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, претседателката на Совет на општина, Маријана Рогожарска Поповска, претседателката на пописна комисија, Соња Китанова, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска, директорот на Дом на млади, Горан Трајков и главниот уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски, учествуваа на панел дискусијата „Попис: Статистика, не политика“, во Штип, во организација на ЦИВИЛ.

Иако, ова не е прва панел дискусија на тема попис, сепак ЦИВИЛ ја препозна потребата со веќе почнатиот процес на попишување, да се слушнат ставовите зошто пописот е важен и на локално ниво. Се разбира, самата дискусија отвори можности за споделување на важни информации за текот на подготовките и одвивањето на процесот на попишување во почетната фаза, но значењето на пописот како за општините, така и за економијата, стопанството, градењето политики и практики на локално и национално ниво.

Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, истакна дека без пописот нема да бидеме интересни ниту за ЕУ ниту за светот. Според него, како технички статистичка операција, битно е пописот да се случи сега за нашата земја тргне во вистински правец.

„Пописот е суштински битен за една општина, ние не знаеме колку жители има во некоја општина, не ја знаеме старосната граница на граѓаните, етничката и религиозната припадност… Ние немаме точен податок за да може да бараме проекти од Европските фондови, ние користиме стари податоци Во врска со пописот сите имаме исти став само различно видување. Пописот е потребен, неопходен, и овој попис по 21 април откако ќе се сумираат сите изворни податоци, ќе имаме некаква претстава што се случува во нашата држава, што се случува во нашите урбани и рурални средини, каква е нашата демографска структура, и тоа е податок кој ќе ни биде потребен на нас. Пописот ни е статистички бајпас за унапредување на развојот на нашето општество од 2001 година кои не знам колку се точни“, вели  Николов.

Соња Китанова, претседателката на пописната комисија за реон 16, освен што даде преглед за тоа како се одвива самиот процес на попишување и која е улогата на Комисијата,  се осврна  и на константните напади од опозицијата, токму на тема попис.

„Нашата комисија е составена од професионалци, по струка дипломирани економисти, правници и геодетски инженери, како што бара законот, и ние ќе дадеме се од себе пописот во општините Штип и Карбинци да се спроведе  согласно сите насоки и законот“, изјави Китанова, додавајќи дека  нема право да ги коментира притисоците од различните страни  и како комисии, имаат обврска да му дадат логистичка поддршка на пописот.

Согласно законот,  додаде Китанова, немаат право да даваат какви било толкувања  за самиот закон и дека сето тоа е во надлежност на Државниот завод за статистика.

„Како Претседател на Совет на општина Штип ние секоја година, или на секои три години носиме развојни програми од одредена област. Ќе го спомнам последниот пример кога требаше да се изработат програми и стратегии за развој на општините во делот на социјалните политики. На првата страна што ми остави впечаток вели: „Во Штип има толку и толку жители, од кои толку и толку се од таква и таква националност“… и завршува, се повикуваме на извори од пописот во 2001 година. Ние сме сега 2021 година, односно 19 години ние немаме податоци и не знаеме колку жители има, која е нивната етничка, родова, верска припадност“, вели Марјана Рогожарска Поповска, претседателка на Совет на Општина Штип.

„Попис ни е апсолутно неопходен ако сакаме да знаеме во која насока се движиме. Во Штип има факултет, и ние немаме точни податоци колку лица се со високо образование или имаме повеќе кадри кои имаат завршено средно образование“, додаде Рогожарска Поповска, велејќи дека би било совршено пописот се одвива целосно електронски како што бара опозицијата, но ние не знаме колку граѓани имаат основно познавање на компјутерски вештини, не знаме колку лица има што не знаат ниту да читаат, ниту да пишуваат, прашањето е каде ќе се најдат овие луѓе…

Директорот на „Дом на млади“, Горан Трајков смета дека се заборава на младите и нивните желби за нешто ново, надвор од политичките игри.

„Ако мислиме дека ни е потребен попис, пописот не е консензус, пописот е цензус. Ние сме поставени во ситуација да се попишеме или избришеме. Се заборава дека младите сакаат нешто друго и сакаат нешто различно… Сакаат општество во кое ќе бидат слободни и сакаат мир, уморни се од политичките игри. Мораме да ги слушнеме желбите на младите. На каков темел е поставен на ова општество? Не стручни луѓе на стручни места еднакво е на пропаст. Колку градинки ни се потребни во нашиот град, колку училишта во нашиот град и држава? Како ќе ги креираме тие политики ако не знаеме колку и какви содржини да направиме за младите но и за повозрасните?“, вели Трајков.

Новинарот и главен уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски, смета дека статистиката не смее да се политизира, но резултатите што ќе излезат од пописот, ќе бидат во корист на политиката за да се креираат програми и политики.

„Како пример, според статистика на гледачи од пописот од 2002 година се плаќа концесија. Како медиум немаме точни податоци колку гледачи имаме. Ние не знаеме дали имаме потреба од 120 пратеника, или 16 министри. Сите тие политики ќе ни зависат од резултатите од пописот“, посочи меѓу другото Маневски.

Двајцата претставници на ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на советничката група на партијата во Штип, Љубе Здравков и советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска се фокусираа на она што според нив се пропусти во процесот на попишување.

За Здравков собирањето 100.000 потписи докажува дека колку и да е добра намерата за попис, толку е и голем и сомнежот.

„Не знам во иднина како ќе стекнеме еден минимум доверба, да, ние сме комшии и пријатели, но на политичка сцена ние си немаме доверба. Дециден став никој не зазема дека треба да се бојкотира. Ако некој сака да го злоупотреби, нека му служи на честа, а тоа во иднина ќе се покаже“, изјави меѓу другото Здравков.

Серафимовска, потврди дека не се повикува директно на бојкот, туку се бара корекција и вложување во вистински попис. Аргументите за тоа, според Серафимовска се дека нема доволно информираност во дијаспората, а и самата здравствена ситуација со Ковид-19 отвора можност самите попишувачи да не бидат пуштени во домовите на оние што треба да се попишат.

„Што ќе смени неколку месеци или една година кога веќе 20 години немаме попис“, вели Серафимовска.

ЦИВИЛ ќе продолжи будно да го следи процесот на спроведување на пописот и ќе организира низа настани во кои ќе покани професионални, политички, експертски, медиумски и граѓански претставници да ги претстават своите наоди и ставови.

Б. Јордановска

камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети

This post is also available in: English