Билбиловски: Да се отстранат политичките партии од составот на ДИК!

Заменикот на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски одговораше на прашањата на ЦИВИЛ Медиа за улогата на канцеларијата на Омбудсманот во изборниот процес, за заштитата на правото на глас и за предизвиците на гласачите, за проблемите со избирачкиот список и за она на што најмногу треба да се обрне внимание на претстојните претседателски избори.

ЦИВИЛ Медиа: Која е улогата на канцеларијата на Народниот правобранител во изборните процеси? Кои се активностите предвидени од Народниот правобранител за одбрана на правото на глас на граѓан(к)ите?  

БИЛБИЛОВСКИ: Имајќи го предвид значењето на избирачкото право што го имаат граѓаните, Народниот правобранител во континуитет, тргнувајќи од неговата уставна надлежност да ги штити уставните и законските права на граѓаните, а особено кога станува збор за изборни процеси, врши промоција и го следи начинот на остварување на избирачкото право.

ЦИВИЛ Медиа: Кои предизвици се пред гласачите на претстојните претседателски избори?

БИЛБИЛОВСКИ: Од она што ние го имаме како анализа и од следењето на ситуацијата во државава, речиси општа состојба е дека постојат одредени проблеми во однос на начинот и постапката на остварување и заштита на избирачкото право.  Ние со години повикуваме на заштитата на избирачкото право и на начинот на запишување во Избирачкиот список, со став дека тоа може да се врши и секојдневно. Секогаш забелешките на граѓаните се најизразени кога има избори и дури најчесто, на денот на гласањето, кога пак, можноста Народниот правобранител да обезбеди заштита е многу мала. Особено за оние лица кои од разни причини не се запишани во списокот. Меѓутоа, секако дека тоа нам ни служи за правење на анализи и за изготвување на посебни извештаи и давање предлози за соодветна измена на законската регулатива, како тие состојби во иднина би се надминале и предизвиците на граѓаните би биле во помал обем. Измените би биле во начинот на остварување на нивното право, пред сè, во некои технички детали за тоа како граѓаните би можеле полесно да го остварат правото, односно, во одредени модалитети. Ние, исто така, имаме одредени категории, пред се на ранливи групи и на лица со попреченост, со потешкотии во начинот на нивно остварување на избирачкото право.

ЦИВИЛ Медиа: Кои инструменти му се на располагање на Народниот правобранител во постапките поврзани со правото на глас?

БИЛБИЛОВСКИ: Да тргнеме од најосновната можност да вршиме промоција на избирачкото право во нашите секојдневни активности, потоа, да ги советуваме граѓаните како можат полесно да го остварат избирачкото право или да го заштитат, до она што значи наше работење по формирани предмети по сопствена иницијатива или по поединечни претставки на граѓаните, или во зависност од тоа каде е настаната повредата и во зависност од тоа кој орган може да ја реши повредата, според надлежноста… Ако, не пример, станува збор за издавање на лични карти или патни исправи, се интервенира во МВР или во Управата за водење на матични книги, во ДИК, во општинските изборни комисии – што е најмногу изразено во текот на трањето на гласачкиот процес, или во работата со избирачките одбори.

ЦИВИЛ Медиа: Дали сметате дека институциите на државата го направиле својот максимум во обезбедување на фер и демократски процеси? Кои се проблемите и кои би биле решенијата?

БИЛБИЛОВСКИ: Мислам дека сепак, постојат состојби кои и Народниот правобранител ги изнесува многу пати во годишниот извештај, особено во сегментот на остварување на избирачкото право. Бидејќи сите ние сме сведоци дека пред се, посветеноста на државата е како да се формира Државната изборна комисија и каков да биде нејзиниот мандат, нејзиниот состав, иако основната суштина со која многу од проблемите би се решиле е ако тоа тело постане потполно професионално. Односно, да се отстранат политичките партии од нејзиниот состав и потоа сите ние да сме сведоци како тоа тело функционира и како донесува одлуки. Меѓутоа, во оној втор дел, што значи суштински измени на самата законска регулатива, и пред се, на скратување на можностите – со подзаконски акти или со преземање на улогата на ДИК од законодавниот дом – таа да донесува разни акти, упатства или насоки каде одлучува во принцип за правата и начинот на остварување на гласачкото право, многу малку се прави. Ние имаме подготвено посебен извештај што е доставен до Собранието и до Владата, каде се содржани препораки што треба да се направи. Исто така, согласно извештајот од пред две години, и во Собранието се утврдени мерки во кои треба да се испита одговорноста за злоупотребите со Избирачкиот список и за начинот на оневозможување на одредена категорија на лица кои од денот на распишување на изборите до денот на гласањето, се отстрануваат поради некоја наводно – системска грешка. Тоа не е мал број, можеби се 50.000 лица, иако во меѓувреме, сите си ги обновуваат личните карти или вадат нови, се уште тој проблем не решен. Не е решен проблемот на гласање на лица што се сместени во старски домови, сведоци сме на тоа што се случува со остварување на правата на лицата што се наоѓаат на издржување казна затвор, па заклучно со нерешавањето на проблемот на злоупотреба на личните податоци во Избирачкиот список и пристапот на електронски пат. Од сето тоа, од нашите сознанија од повратните информаци од сите засегнати страни (почнувајќи од Министерството за правда како надлежен орган – дека се ќе има предвид), многу малку практично и се имплементира. Сега е за поздравување тоа дека ќе се гласа и во старски домови, но сепак, тоа е нешто како пилот-проект и повторно ние сигурно дека ќе имаме јавување од огромен број на граѓани.  Истото ќе се однесува и за лицата што ги обновуваат личните карти, бидејќи ДИК може барем да ги информира граѓаните дека тие ќе бидат избришани, затоа што системот ќе претпостави дека – ќе им престане важноста. Ако тргнеме од  Уставот, тоа е без никакво значење бидејќи Уставот го гарантира правото на глас на секое полнолетно лице, освен на оние кои се лишени од деловна способност.

ЦИВИЛ Медиа: Во текот на изборниот процес, на што најмногу треба да обрнат внимание гласачите, а на што граѓанските организации кои се акредитирани за изборно набљудување?

БИЛБИЛОВСКИ: Системот треба да овозможува граѓаните непречено да ги остваруваат правата, а не обратно. Апелирам до сите граѓани да си направат увид и да проверат дали се на Избирачкиот список, а ако не се, навремено да побараат правна помош и совет од Народниот правобранител, односно, преку сите подрачни единици на Државната изборна комисија, за да бидат запишани. Што се однесува до граѓанските здруженија, тие да повикаат избирачкиот процес да се одвива непопречено, во најдобар ред, да го следат, да алармираат за одредени злоупотреби, за да не се повторуваат и да се надминуваат таквите состојби.

Ангела Петровска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска