Специјално издание на ИЗБОРЕН РАПОРТ #17
Оценка на изборниот процес
Скопје, 15 октомври 2021, 12:30 часот
Изборниот процес до последниот ден на кампањата се одвива генерално мирно и во демократска атмосфера, во рамките кои се определени од Уставот и Изборниот законик.
Сепак, мониторингот и анализите на ЦИВИЛ доаѓаат до неколку констатации за состојби кои се влечат од избори до избори.
Законска регулатива
Првата и главна забелешка се однесува на измените во Изборниот законик кои редовно, па и во пресрет на локалните избори оваа година, се донесуваат предоцна. Тоа е во директна спротивност со повеќепати повторените препораки од ОДИХР, како и од повеќе домашни граѓански организации, меѓу кои и ЦИВИЛ.
Не е препорачливо да се прават измени во изборната регулатива најмалку шест месеци пред одржувањето на изборите. Последните измени во Изборниот законик беа донесени на 15 септември, само еден месец пред денот на гласањето.
Родова нерамноправност
Сериозна забелешка оди и на адреса на македонските политички партии кои и во овој изборен процес не внимаваат на родовиот баланс. Се бележи остро изразена родова нерамноправност.
Застапеноста на жените на кандидатските листи е нерамномерна во однос на мажите, а жени кандидатки за градоначалничката функција има неспоредливо помалку отколку мажи.
Изборната статистика покажува дека на 571 кандидатска листа за општинските совети, има помалку од половина жени. Во случајот со кандидирањето за градоначалничката функција, ситуацијата е повеќе од алармантна: од 299 кандидати за градоначалници, само 25 се жени.
Што се однесува до советничките листи, во голем број случаи се бележи само формално пополнување на кандидатските листи со жени, бидејќи е јасно дека во конечниот состав ќе влезат дури и помалку жени во органите на локалната самоуправа.
Нерамноправна медиумска застапеност
Како и во минатото, така и во овој изборен процес, се бележи нерамномерна застапеност на политичките опции во медиумскиот простор. Така, според упатството за платено политичко рекламирање од АВМУ, подготвено според соодветниот закон, распределбата на медиумскиот простор за независните кандидатски листи е нерамномерна.
Па така, од 9 минути и 30 секунди во текот на еден час, 4 минути се обезбедени за СДСМ и ДУИ, 4 за ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците, 1 минута за останатите парламентарни политички партии, а само 30 секунди за вонпарламентарните партии и независните листи.
Не ни останува ништо друго освен да констатираме се работи за законски овозможена неправда против помалите политички партии, а особено кон независните кандидатки и кандидати во изборната трка.
Повреда на правото на глас за болните од КОВИД-19
Сите граѓанки и граѓани со право на глас што се позитивни на КОВИД-19, како и оние што се во самоизолација, од 12 октомври, на полноќ, веќе не можат да го остварат своето право на глас. Секој ден, има трицифрени бројки од нови случаи. Оние што имаат право на глас меѓу нив, како да го немаат.
Според ЦИВИЛ, секоја препрека, административна, физичка или здравствена, претставува повреда на правото на глас.
Државата има обврска да го обезбеди практикувањето на правото на глас за сите граѓанки и граѓани подеднакво. Се разбира, за оваа состојба најодговорни се законодавниот дом во кој политичките партии имаат обврска да постигнат консензус за овие важни прашања и да донесат законски решенија што ги почитуваат човековите права и слободи до максимум, вклучително и правото на глас.
Оценка на изборната кампања
Долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ се состои од следење на состојбите, настаните и процесите во повеќе категории од кои најголем дел се поместени и во онлајн пријавите на медиумската платформа на организацијата: Слободни избори и Граѓанска пријава. Во ова издание се поместени скратени верзии од повеќе случаи во различни категории.
Предвремена кампања
Во долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ се бележи предвремена изборна кампања. Најголем дел од политичките партии и независните кандидатки и кандидати се придржуваат кон законските ограничувања во однос на претставувањето на кандидатите и нивните поединечни програми, политичката пропаганда во изборен контекст е започната многу одамна, може да се каже, уште пред една година.
Родово базирана црна кампања
ЦИВИЛ најостро ја осудува родово базираната црна кампања која посебно се интензивира во втората половина од изборната кампања и се уште трае.
Уште еднаш, во изборниот процес сведочиме за машката доминација во македонската политика. Згора на тоа, малкуте жени што се вклучени во изборната трка на локалните избори, се мета на говор на омразата, вулгарни дисквалификации, тотални измислици за секс скандали, навреди, клевети и повици за насилство.
Ваквата криминална практика насочена против жените во политиката мора да престане, бидејќи, во најмала рака, претставува обесхрабрување за нивно вклучување во политиката и во општествените процеси.
Со години, јавноста очекува од институциите посериозно да се зафатат со своите законски обврски да ги заштитат граѓанките и граѓаните од вакви и слични појави, да ги пронајдат и да ги санкционираат сторителите на овие законски недозволени, а во не мал број случаи и кривични дела.
Исто така, со години во континуитет, ЦИВИЛ бара од политичките партии кои поттикнуваат или спонзорираат тимови за креирање и ширење дезинформации и говор на омраза, тоа да престанат да го прават и ваквите тимови во својот состав да ги распуштат, односно да престанат да ги поттикнуваат и спонзорираат.
Насилни инциденти и закани
ЦИВИЛ бележи дваесетина случаи со насилни инциденти, вклучително и експлозија на бомба во Шуто Оризари, пукање во Чаир, тепачка во Градско, демолирање на автомобил во Ново Село, како и повеќе изолирани инциденти во кои се бележи оштетување на рекламен материјал, закани и оштетувања на изборни штабови.
Закани по животот се бележат и во јавната комуникација на социјалните мрежи, но мониторингот на ЦИВИЛ бележи и еден случај со сериозни закани по животот на еден кандидат по пат на електронска комуникација.
Злоупотреба на деца во политичка кампања
ЦИВИЛ бележи политичка злоупотреба на деца од политичките партии. И покрај јавните укажувања од ЦИВИЛ, партиите не ги симнуваат видео содржините во кои децата се употребени во политички контекст од интернет сообраќајот.
На собирите и средбите со граѓанките и граѓаните, исто така, децата се ставени во функција на тие настани.
Децата не смее да се употребуваат во политички и изборен контекст. Тоа е во спротивност со Член 12 став 4, од Законот за заштита на децата во кој се вели:
„Се забранува злоупотреба на децата поради политичко и верско организирање и дејствување“.
Правните експерти во состав на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ оваа честа појава во изборните кампањи ја коментираат со зборовите:
„Овој став во Законот за заштита на децата подразбира општа забрана за употреба на децата во било каква форма на политичко дејствување, вклучувајќи и политичка изборна кампања“.
Злоупотреба на настани и процеси во изборен контекст
Во политичката пропаганда со изборен контекст забележливо е дека се злоупотребуваат одредени настани и процеси со цел одредени субјекти да се здобијат со политички поени во јавноста. Се издвојуваат три теми и настани и тоа:
Трагедијата во Тетово
Трагедијата со пожарот на модуларната КОВИД-болница во Тетово беше и сè уште е употребена за дискредитација на политичкиот противник.
Пописот – тема на напади и во изборен контекст
Пописот веќе подолго време беше и остана тема врз чија основа се плетат разни теории на заговорот и дезинформации, како и повици на бојкот, со цел да се внесат поделби и меѓуетничка нетрпеливост, кои потоа се користат во политичката пропаганда.
Ќе остане запаметена изјавата на пратеникот Крмов кој пред камерите кажа дека попишувачите на клоци ги дигале, што е порака која во себе содржи отворен повик за насилство и противзаконско дејствување. Однесувањето на функционерите на Левица е крајно неприфатливо и заслужува секаква осуда.
Спасување на авганистанските цивили,
Спасувањето на цивилите од Авганистан предизвика лавина од теории на заговор и говор на омраза со ксенофобична содржина и нетрпеливост по етно-религиски основи.
Дезинформации и манипулации против Фондацијата Сорос и Град Скопје
Повеќе медиуми и профили на социјалните мрежи, објавија дека Град Скопје и Фондацијата Сорос го финансирале извидничкиот одред што организирал активности на камп со средношколци каде што постои сомнеж дека имало сексуална злоупотреба на малолетни лица.
Падот на Фејсбук и шефот на Левица
Вчерашниот ден го одбележа падот на социјалните мрежи и платформи Фејсбук, Инстаграм и Уатсап.
Граѓанките и граѓаните имаа можност барем неколку часа да одморат од интензивните кампањски активности и содржини на политичките партии, како и од нивните меѓусебни препукувања.
Дел од партиите од опозицијата, меѓу кои и шефот на Левица, го искористија овој настан повторно за ширење дезинформации дека падот на Фејсбук се должи на наводна цензура од страна на невладини организации од земјава.
Национален карактер на кампањата
Во извештајот на ЦИВИЛ од првата недела на изборната кампања се бележат и континуирани повици за предвремени парламентарни избори.
Во кампањата доминираат национални теми, а на теренот секојдневно се наоѓаат лидерите на политичките партии кои ги фрлаат во сенка локалните кандидати за функции во локалната самоуправа.
Политизирање на дел од граѓанските организации
Мониторингот на ЦИВИЛ бележи и неколку случаи на директно учество на граѓанска организација во политичка кампања. За дејствување на Здруженијата, постојат законски ограничувања, во смисла на основните начела на невладините организации, согласно Законот за здруженија и фондации:
– непартиско дејствување – организациите не можат да вршат активности на политичка партија, односно не можат да обезбедуваат директно или индиректно финансирање на конкретна политичка партија и да влијаат на изборите!
Оваа појава ќе биде тема на посебен извештај, анализа и препораки од организацијата.
Случај: Аксиос 2017
Мониторингот на ЦИВИЛ, како и редакцијата на Цивил Медиа ја алармираат јавноста за појавата на Аксиос 2017, организација што најави дека ќе го набљудува изборниот процес со 500 или повеќе набљудувачи. Оваа организација нема веб страница ни контакт телефон, ниту пак транспарентно објавени податоци за нејзиното финансирање.
Аксиос објави повик за регрутирање на набљудувачи на месец дена пред изборите, што е време кое не е ни од далеку доволно за да се спроведе селекција и обука на над 800 најавени и веќе над 500 акредитирани набљудувачи од оваа организација, според искуствата на организации што ги набљудуваат изборите повеќе години наназад.
Набљудувачите на ЦИВИЛ имаа непријатно искуство со оваа организација на претходните избори, кога, според извештајот кој го објавивме на 15 јули 2020 во 13 часот, набљудувач на АКСИОС 2017, инаку тогаш претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, им рекол на набљудувачите на ЦИВИЛ и МОСТ дека не треба да бидат на избирачкото место, бидејќи биле „партиски“.
Освен тоа, зачудува тоа што оваа организација, освен предизборно набљудување, објавува предизборни анкети со нејасна методологија, што е во спротивност со добрите практики за професионално и непристрасно предизборно граѓанско набљудување на изборите.
Дезинформации и манипулации
Карактеристични за јавната комуникација во предизборниот период се и дезинформациите, како една од алатките на црната пропаганда и нападите кон политичките противници. Медиумите, разните портали и социјални мрежи станаа поле на вистинска битка, со сите дозволени, а честопати и крајно недозволени и противзаконски средства. Често се користеа дезинформации со цел да се постигне лична дискредитација на кандидатите, а особено на кандидатките на изборите.
Дезинформации можеа да се слушнат и директно од некои партии и кандидати, но главните канали за ширење на црната кампања со дезинформации беа дел од медиумите, како и добро организираните партиски војски и инфраструктура од анонимни профили, како и страници на социјалните мрежи, главно на Фејсбук и на Твитер.
Кршење на мерките за заштита од ковид-19
Поголем дел од политичките партии ги кршат препораките и протоколите за заштита од КОВИД-19, како за време на своите средби со граѓанките и граѓаните и на митинзи, така и во службените простории.
***
Во останатите, не помалку важни категории на изборниот мониторинг на ЦИВИЛ се бележат и:
- Злоупотреба на службената положба и службените простории за изборни цели, како и притисок врз вработените
- Одбивање дебата во јавноста
- Дискриминација на лица со попреченост
- злоупотреба на службената положба
- Воведување на фингерпринт апаратите во изборниот процес
НАЈАВА: Со пораки до јавноста и граѓанките и граѓаните, како и со препораки до учесниците во изборната трка, Цивил ќе се појави во текот на утрешниот ден за време на изборниот молк, со максимално почитување на демократските стандарди и изборниот законик.