Николов ветува изградба на брана на реката Отиња, 100 типски куќи за социјално загрозени семејства, бесплатни заштитни маски

Кандидатот за градоначалник, Сашко Николов, од СДСМ, вели дека кампањата за овие предвремени локални избори во Штип се води поразлично во споредба со претходните парламентарни избори кога кандидатите имаа можност да држат трибини со одреден број на граѓани, сега целата кампања се води онјалн, преку социјалните мрежи и медиумите. Тој истакна дека сите кандидати за градоначалник се придржуваат до мерките за заштита од корона вирусот, истакна на панел дискусија на ЦИВИЛ за предвремените локални избори закажани на 13 декември. Панел дискусијата е во рамки на Фестивалот на слободата во организација на ЦИВИЛ, по повод Меѓународниот ден на човековите права.

Николов нагласи дека точно знае кои се потребите на штипјан(к)и, бидејќи на претходните парламентарни избори што се одржаа летото бил на терен и ги слушал барањата на граѓаните.

„Во мојата програма е предвидено во населбата Сењак да изградиме голема крстосница, улицата „Панче Карѓозов“ која е со коцка планирано е да се направи целосна реконструкција, дел од „булеварот Партизанска“ ќе се реконструира.

Предвидено е да се изградат 100 типски куќи за социјално загрозени семејства во наредните 10 месеци во населбата Света Недела, бидејќи е недозволиво наши сограѓани да живеат во такви услови. Во тој дел нема да се сече шумата, бидејќи приоритет ми е заштита на животната средина.

Капиталниот проект, брана на река Отиња, кој 35 години беше само сон за многу генерации, за штипјани станува реалност. Проектот предвидува брана со корисен волумен од 3 милиони метри кубни вода и опфат од 120 хектари, во кои покрај водното огледало е предвидена и заштитна зона. Вредност на проектот е проценета на 7,5 милиони евра, обезбедени од Владата на Република Северна Македонија“, нагласи Николов.

Тој најави и неколку капитални проекти за реконструкција на неколку училишта кои се во градот, како и изградба на спортски сали.

„Прво нешто што ќе направам кога ќе дојдам на власт е Советот на општината да изгласа да се направи фонд од кој ќе се издвојат средства за бесплатно делење на заштитни маски за секој граѓанин.

Во екот на пандемија во соработка со Црвен крст ќе им помагаме на тие што се болни и изнемоштени лица, на децата со посебни потреби, стари лица и социјално загрозени семејства“, потенцираше Николов.

Николов нагласи дека сите кандидати имаат одлични идеи. Тој ги повика граѓаните на Штип да го остварат своето право на глас за општината да може да функционира за да не влезе како што рече „градот во институционална блокада“.

„Како што секој ден одите да купувате намирници за вас и вашите блиски, да дојдете и да гласате за кандидатот кој сметате дека е најдобар, секако со маска и дезинфекција на рацете“, заклучи Николов.

Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски