Туристите се запознаваат со Македонија преку граѓанското новинарство

Двајца млади туристи од Белгија на минување низ старата скопска чаршија љубопитно застанаа пред штандот на ЦИВИЛ на јавната презентација на проектот „Граѓански објектив“, кој отвора можност за нивно вклучување во ослободување на медиумскиот простор.

 

Дека граѓанското новинарство зема сè поголем замав ни потврдија и овие двајца ентузијасти, велејќи дека моќта на социјалните мрежи придонесува во борбата за слободни и независни медиуми и во нивната земја, како и во земјите кои ги посетиле порано.

Низ разговор со тимот на ЦИВИЛ овие двајца млади интелектуалци ја изразија својата запрепастеност од изгледот на главниот град на земјата, од сиот како што велат „несклад“ во ахритектонските решенија на проектот „Скопје 2014“.

Љубопини да дознаат што повеќе за проектот „Граѓански објектив“ и политичката состојба на земјата, тие открија дека воопшто не се запознаени со долгогодишната политичка криза во земјата. За Шарената револуција се информираа преку видеоматеријалите од граѓански новинар(к)и што изминатите две години стигнуваа на адресата на ЦИВИЛ, а беа дел од презентираните материјали на јавната презентација на проектот на платото пред Универзитетот на ЈИЕ.

„Запознаени сме со протестите во Романија, но немавме претстава дека протести од такви размери се случувале и тука во Македонија“, ни рекоа тие.

Видеоматеријалите кои синоќа беа презентирани на јавниот настан на ЦИВИЛ - Центар за слобода се избор од досега наградените стории на граѓански новинар(к)и. На јавната презентација се проектираа и видео прилози на граѓанските новинар(к)и во рамките на акцијата #БарамОдговор која ЦИВИЛ ја започна неодамна.

Поради зголемениот интерес за граѓанското новинарство, ЦИВИЛ  организира работилница за уште десетина заинтересирани скопјанки и скопјани на 19 јули од 16:30 до 19 часот.

Маја Ивановска

This post is also available in: AlbanianEnglish