ЦИВИЛ ја организира панел дискусијата „Рампа“ и ја реновираше пристапната рампа што ја постави во Музеј на Град Скопје пред 20 години

Во пресрет на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни можности, ЦИВИЛ ја реновираше пристапната рампа во еден од најпрепознатливите јавни објекти на главниот град, Музејот на Град Скопје.

Оваа активност и панел дискусијата „Рампа“ посветена на (не)прифатеноста на лицата со посебни можности во општеството се дел од настаните на ова издание на Фестивалот на слободата, со кој се промовираат човековите права и слободи, а воедно се одбележуваат и 20 години од основањето на ЦИВИЛ.

Симболично, дискусијата ќе се одржи во Музејот на Град Скопје, каде ЦИВИЛ во првата година од постоењето, пред речиси 20 години, реализираше една од првите активности како организација – поставување на пристапната рампа, првата таква изградена во соработка меѓу невладина организација и државна институција.

Панел дискусијата „Рампа“ (втоник, 3 декември 2019, 12ч.) ќе се фокусира на пристапот до јавните институции и простори, како и деинституционализацијата. Во неа ќе учествуваат градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, претставниците на Министерството за труд и социјална политика, Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов, Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, Сандра Пешевска Мицковска, активистка за правата на лицата со попреченост и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

КЛИКНЕТЕ НА ФБ НАСТАНОТ