ЦИВИЛ ги осудува говорот на омразата и насилството: Ставовите се бранат со факти, не со насилство!

ЦИВИЛ најостро ги осудува говорот на омразата, делата од омраза и насилството кои произлегуваат од неспособноста или неподготвеноста да се дебатира со аргументи во јавноста. Без оглед на „страната“ од која доаѓаат деструктивните појави во општеството и на политичката сцена, без оглед на тоа дали се работи за политички, етнички или верски мотивирани инциденти, тие не може и не смее да се оправдаат и премолчат.

ЦИВИЛ, кој и самиот е мета на долгогодишни и секојдневни напади со лаги, клевети, говор на омраза и закани по животот на неговите претставници и активисти, секогаш и без исклучок ги осудува иницијаторите, нарачателите и извршителите на овие дела.

И во случајот со Љупчо Палевски кој, според информациите во јавноста, е нападнат и претепан пред својот дом, ЦИВИЛ ја изразува својата загриженост и осуда, и бара од институциите да ги откријат и санкционираат сторителите на овој насилнички акт.

Насилството и говорот на омразата никогаш, под никакви услови, не се соодветен одговор за ништо. Ставовите се бранат со факти, не со насилство!

ЦИВИЛ Тим за комуникации

This post is also available in: AlbanianEnglish