Граѓанската новинарка, студентката Росица Стојкова од Лозово е добитник на првата награда за најдобра граѓанска сторија „Не пропуштаат возило на Брза помош“ во наградниот конкурс „Биди граѓански новинар“, дел од проектот „Граѓански објектив“. Видеото за прилогот, Стојкова го снимила на 27 април („Крвавиот четврток“), за време на насилствата во Собранието.
Жири-комисијата на ЦИВИЛ во состав: Биљана Јордановска, Маја Ивановска и Ермин Климента, за двомесечниот награден циклус додели уште четири награди.
„Борбата за чист воздух е вистинска војна!“ е второнаградената сторија чиј автор е граѓанскиот новинар, Вулнет Махмути. Тој сторијата ја снимил во Градскиот парк во Скопје, за време на граѓански протест против аерозагадувањето.
Третонаградената сторија доаѓа од Прилеп од протестите на „За заедничка Македонија“, каде во редот на граѓаните се забележуваат и товарни камиони со мермерни блокови. Граѓанскиот новинар Рубин Секулоски е автор на наградената сторија: Камиони со мермерни блокови на протести во Прилеп.
Во овој награден циклус што го опфаќа периодот април-мај 2017, оценувачката комисија додели уште две четврти награди, а авторите одлучија да останат анонимни.
Сторијата „Работа на празник, „надница“ за делник!“ обработува тема од сферата на работничките права во рамки на една конфекција, поточно притисоците и злоупотребите коишто текстилците ги трпат како надничари. Во име на анонимниот автор на сторијата, наградата ја прими Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“.
„Се распаѓа фасадата на Музејот од НОБ во Крушево“ е наградена сторија посветена на негрижата за културно-историското наследство во овој град. Музејот на НОБ, според граѓанскиот новинар кој реши да остане анонимен, е оставен на забот на времето и не е отворен за посети.
Наградите на граѓанските новинар(к) им ги врачи Марија Теговска, дел од екипата на ЦИВИЛ.
Авторите на сите наградени стории се граѓански новинарки и новинари, кои што учествувале на семинарите и работилниците што ЦИВИЛ ги спроведува во текот на изминативе две години, реализирајќи го проектот „Граѓански објектив“.
„Од граѓанските новинарки и новинари никој не бара перфекција, извонредна снимка или фотографија, текст… Најважна е желбата да се направи нешто, да се реагира во вистински момент и секако најзначајно е испраќањето на прилогот навреме во ЦИВИЛ. Проектот ‘Граѓански објектив’ ќе продолжи и затоа ги повикувам граѓанките и граѓаните да аплицираат и да бидат дел од оваа извонредна акција, од овој проект“, порача Синиша Станковиќ, уредникот на ЦИВИЛ Медиа и еден од предавачите на едукативните семинари и работилници.
Проектот „Граѓански објектив“ ги следи најактуелните настани и процеси во земјата и наградува најуспешни прилози на граѓанските новинарки и новинари.
Кршењето на работничките права, неисполнетите ветувања на носителите на власта, злоупотреби и еколошки теми се дел од она, за што известуваа граѓанските новинарки и новинари во изминатиот период.
ЦИВИЛ ги охрабрува граѓанките и граѓаните да бидат активни чинители во општествените промени и во надминувањето на медиумскиот мрак, за заеднички да придонесеме кон подобрување на ситуацијата и кон општествените промени.
Проектот е посветен на промовирање одговорни и транспарентни политички процеси во Република Македонија, преку обуки за граѓанско новинарство, медиумска продукција и јакнење на јавната свест.
Веќе втора година, проектот го финансира National Endowment for Democracy.
Граѓанските новинарки и новинари и понатаму можат да испраќаат прилози до ЦИВИЛ на онлајн формуларот на веб- страницата Граѓански објектив.