Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС, експертка за медиуми и медиумско право, на панелот на ЦИВИЛ „Говорот на омразата: состојби и решенија“ зборуваше за причините за појавите на говорот на омразата во медиумите и надвор од нив.
„Зошто сега се соочуваме се уште со тоа со што се соочуваме, иако веќе три децении зборуваме за тоа дека медиумите треба да промовираат толеранција, а не говор на омраза,тоа е она што е битно за да ги откриеме корените на говорот на омразата“, смета Трпевска.
Таа истакна дека голем дел од публиката препознава различни видови потенцијални негативни содржини на социјалните мрежи, вклучително и говор на омраза кој доаѓа од политички актери или насочен кон различни ранливи групи, но исклучително мал процент од нив реагираат на истите.
„Едно истражување вели дека над 60 % од младата популација смета дека ЛГБТИ не треба да учествува во политиките. Тоа укажува на фактот дека за жал кај младата популација се уште има премногу конзервативни ставови“, вели Трпевска.
„Она што е проблем е дека говорот на омразата го посматраме повеќе изолирано од неговите општествени корени. За да дојде до говор на омраза значи дека има многу предрасуди. Во сферата на образованието не се адресираат овие прашања. Има обиди за предмети за медиумска писменост но тоа не е интегрирано во целиот образовен систем. Ние имаме проблем со ерозијата на општествените вредности интегрално. Имаме проблем со насилство во училиштата, од каде доаѓа тоа насилство Состојбите на социјалните мрежи се рефлексија на проблемите во нашето општество. Ние имаме систем и институции, но недостасува соработка меѓу институциите“, заклучува Трпевска.