Околу 50-ина жители на кичевското село Кнежино и сопственици на викенд-куќи кои живеат во близина на спортско-рекреативниот и туристички комплекс „Крушино“, ќе останат отсечени од цивизацијата, при следниот пороен дожд, доколку итно не се санира свлечиштето, коешто минатата недела однесе дури половина од патот
„Мештаните се исплашени, состојбата е алармантна и загрижувачка. Ако заврне деновиве повторно, веќе нема дилеми, свлечиштето ќе го урне патот! Првите процепи во земјата се појавија со почетокот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид и оттогаш перманентно, состојбата се влошува. Сме реагирале, сме интервенирале во Општината многу пати, но не сме добиле конкретен одговор, кога ќе се реши проблемот“, стои во пишаната реакција на граѓански новинар, соработник на ЦИВИЛ Медиа од Кичево, којшто инсистира на својата анонимност, избегнувајќи ја така стапицата, како што вели, да биде ставен во одреден политички контекст од локалните моќници.
„А, проблемот не е политички, туку урбан, а сега веќе е егзистенцијален за месното население. Зашто, навистина има опасност при следен дожд, жителите од овој регион да ќе бидат целосно отсечени од цивилизацијата“, додава вознемирено граѓанскиот новинар, којшто побара помош од ЦИВИЛ Медиа, за итно решавање на проблемот.
ЦИВИЛ Медиа и овој пат, во интерес на објективното информирање на граѓаните, но и поради акутноста на проблемот, побара одговор од Општина Кичево. И оттаму ја лоцираа опасноста од ширење на свлечиштето и уривање на целиот пат. Ја акцентираа и потребата од итна интервенција на Министерството за транспорт и врски, поточно, на Јавното претпријатие за одржување на државните патишта, зашто велат овој пат има статус на локален пат.
„Ситуацијата е повеќе од алармантна. Ако има следен пороен дожд, не можеме да ги предвидиме последиците и штетите. Како Општина сме реагирале три до четири пати, имавме состаноци, со подизведувачот, градежната фирма 'Гранит' од Скопје. Тие се согласија дека треба да се санира патот, но бараа согласност од Министерството за транспорт и врски и од ЈП за државни патишта. По многу средби и реакција, добивме ветување од директорот на ЈП за државни патишта дека неделава итно ќе се интервенира, зашто време за чекање реално - нема. Општината одбива да го затвори патот (што беше предлог на ЈП) бидејќи оваа е единствена сообраќајна артерија за жителите од Кнежино и Крушино“, истакнува Рамиз Реџепи, командир на кичевскиот Штаб за интервенција во кризни состојби.
Тој појасни дека во овој период биле ангажирани експерти од скопскиот Градежен факултет, кои подготвуваат елаборат за долготрајна санација на проблемот. Но, потенцира дека веќе времето не им е сојузник, дека мора итно да се дејствува, за како што вели, да не биде предоцна.
Но, директорот на ЈП за државни патишта нема точен одговор кога ќе се стартува со градежни активности за санација на свлечиштето.
„Се работи на изнаоѓање стручно, техничко решение, што ќе значи или отворање на нова траса, или санација на постоечката. Се додека овој проект технички не се заокружи, нема да се работи на терен. Проблемот ни е познат и работиме на негово решение“, изјави денеска за ЦИВИЛ Медиа, директорот Александар Стојанов.
Според информациите од Стојанов, во тек се и активностите за изградба на автопатот од Кичево кон Охрид, којшто се гради веќе две години, а според најавите, треба да биде пуштен во употреба во 2018-та година. Свлечиштето на патот за Кнежино е нуспојава од изградбата на автопатот, инвестиција во вредност од 370 милиони евра. Колку ќе чини санацијата на свлечиштето и какви штети може да предизвика неговата одложена санација, се прашања на кои одговор треба да даде државата.
ЦИВИЛ Медиа
Оваа содржина се објавува во рамките на августовскиот круг од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на вeб страницата.