Филип Стојановски од Метаморфозис на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Пандемија и инфодемија“ која се одржа на 1 декември, истакна дека улогата на новинарите е клучна во борбата против инфодемијата и дека новинарите треба да ги препознаат дезинформациите, бидејќи бевме сведоци како случаи на дезинформации предизвикаа немир или тензии во нашето општество, поради содржини кои се пуштени од центри на моќ. Таквите манипулативни содржини претежно не поминуваат низ новинарските филтри за да се проверат дали се релевантни.
„Имаме медиуми кои откако ќе објават некоја дезинформација, потоа не објавуваат корекција, а би требало дури и да бараат извинување до читателите кои ги измамиле. Слично постапуваат и луѓето кои шират лажни вести. Граѓаните учат од медиумите како да постапуваат, односно, ако медиумите постапуваат неетички создаваат простор во кој неетично однесување станува норма“, вели Стојановски.
Тој додава дека имаше дезинформации дека Грција и Албанија ги затвараат границите само за одредени етнички заедници. Дел од медиумите откако ќе ширеа лажни вести и дезинформации потоа ја отстрануваа содржината, односно ја бришеја трагата како некој злосторник, меѓутоа на Тајм.мк останува трага дека била објавена таква вест.
„Да бевме во други времиња медиумите ќе имаа список на заболени и ќе ги објавуваа имињата, но за среќа не беа објавени личните податоци на пациентите кои се заразени со Ковид-19. Имаше повици да се објавуваат заболените од која општина се, која етничка припадност се, и тоа предизвика говор на омраза на социјалните мрежи кон одредена етничка или верска заедница.
Верските лидери како да се натпреваруваа кој повеќе нема да ги почитува препораките за време на верските празници и тоа на некој начин индиректно доведе до ширење на заразата“, потенцира Стојановски.
Тој нагласи дека поверката на факти не треба да е посебен жанр, туку треба да биде интегрален дел од новинарската дејност.
„Според истражување на Критинк, на 95 отсто од новинарите кои учестувватле во анкета им треба едукација за медиумска писменост, бидејќи ситуацијата со новите технологии е променлива и треба да се научиме на нив, тие вештини да се вградат во основното, средното и високото образование, особено за новинарите“, истакна Стојановски.
Тој додава и дека проверката на факти е само една гранка на новинарството, бидејќи е увидено дека не е единствено решение, потребно е заздравување на целиот систем, сите форми на новинарството, и доколку функционираат како што треба, би биле штит и јавен сервис.
„Сигурно не можеме да ги покриеме сите дезинформации што поминуваат во еден ден, премалку луѓе работат на тоа, премалку средства има за тоа“, нагласи Стојановски.
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети