Со фотографија од Малта, објавена и на неколку социјални профили во Грција, се шири лажна вест, односно фотографијата се шири на социјалните мрежи со коментар дека зградата е во Тетово. Фејсбук страницата Бојкотирам ја објавија фотографијата со коментар „Новата иновација, каде ако не во Тетово? Во оваа слика е прикажана состојбата на северџистан, една слика илјада зборови… П.С. Бандерата му ја пуштиле низ тераса за да има од каде да се поврзе за бесплатна струја“.
Зградата не се наоѓа во Тетово, ниту било каде во Северна Македонија, туку во Малта! Се работи за лажна вест преку која се јакнат стереотипите и се поттикнува говорот на омразата на етничка основа.
Пред три дена, на сајтот imoti.com.mk е објавена оваа фотографија со коментар „Кај нас во Тетово“, и истата фотографија е над 100 пати споделувана на Фејсбук.
Еден од споделувачите на фотографија, која всушност е направена во Грција, е и професорот Владимир Милчин, театарски режисер и поранешен директор на Сорос фондацијата во Северна Македонија.
Откако Милчин ја објави фотографијата на својот Фејсбук профил, колумнистот Бранко Тричковски на Фејсбук напиша:
„Нема лоша вест од дома или од надвор што овој озлосторен ум нема да ја прими и расшири со најголема радост. Но, ова слика со уличното осветлување, приватизирано на терасата на некој тетовец, е поместена не само за да се илустрираат грешните политики на Заев, туку и да се имплицира дека тоа безобразно присвојување на општите ресурси го има направено некој Шиптар. Некој кој во националистичките стереотипи кај Македонците и така е познат како некој кој не си ги плаќа сметките за струја. Плус тип кој ќе може, без накнада, на сијалицата да си простира алишта. Може да беси и везени пиперки. А и самиот може да се обеси ако нема соодветен Македонец при рака. Тоа е проекцијата на Тетово во очите на македонистичкиот дел на Скопјанг. Многу многузначна е оваа слика од “Кај нас во Тетово”. Која за целите на националистичката пропаганда и на ширење на говорот на омраза, е позајмена, некои велат од Малта, некои од некој друг сончев предел или од монтажните студија на светските заебанти. Јас се обидов да добијам објаснување од одговорните на сајтот imoti.com.mk, од каде што, сосе насловот, ја симнал Милчин, но оттаму никој не одговара“.
ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи со повеќе од една деценија се бори против лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат случаи на кршење на човековите права и слободи, лажните вести и говорот на омраза. Тоа, меѓу другото, е возможно и преку Граѓанската пријава достапна на медиумската платформа на организацијата.
Д. Муратов