СКЕН - Перспективите на младите

Кризата со пандемијата ги извади на површина сите недостатоци со кои се соочуваа(т) младите, односно младите немаат можност да му се спротивстават на системот кој ги дискриминира. Младите се соочуваат со ментална криза, а повеќето млади внимаваат што ќе кажат, оти се плашат да не ги етикетираат... ова се дел од ставовите на неколку млади лица кои ги пренесуваме во ова издание на СКЕН.

Стефани Спировска од Младински образовен форум вели дека едно е да се зборува за младите во Европа, а друго е да се зборува за младите тука кај нас.

„Во европските земји за млади се сметаат лицата до 29 години, кои по завршување на образованието се осамостојуваат, пронаоѓаат работа и стануваат самостојни, додека кај нас младите покасно се осамостојуваат, односно и по 30 година тие сè уште живеат со своите родители, немаат сопствен дом и немаат сигурна работа.

Кризата со пандемијата ги извади на површина сите недостатоци со кои се соочуваа(т) младите, на пример видовме колку е кревко нашето образование, со години наназад имаме младинската невработеност, според податокот на Министерството за култура, околу 14 ијлади млади луѓе ја изгубија работата како последица на кризата. Исто така голем број на младите не се вработуваат по струка, туку се вработуваат таму каде што ќе најдат работа, и заминувањето во странство е една од тие причини“, вели Спировска.

Таа вели дека кога се носат некои одлуки за млади треба да се има предвид и на младите со попреченост, со оштетен вид и слух, на младите од руралните средини затоа што кризата најмногу ги погоди нив.

„Имавме задоцнета дигитализација во високото образование, додека во средното образование недостасуваше некој да ги сослуша младите со кои предивици се соочуваат, односно дали имаат пристап до системот, дали имаат психолози и дали знаат каде да се обратат“, нагласи Спировска.

Борјан Ефремов, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ истакна дека младите и во нормални услови се соочуваа со проблеми, особено студентите, а уште со поголеми проблеми се соочија за време на пандемијата.

Тој додаде дека на 15 февруари очекува дека ќе има дигитална платформа за учење, и се надева дека ќе се подобрат и работите во однос на администрацијата, бидејќи гледа дека има придвижување на новото раководство на МОН.

„Системската опресија функционира така да те осакати до тој степен да не можеш да кажеш дека си опресиран. Младите немаат можност да му се спротивстават на системот кој ги дискриминира“, вели Ефремов.

Новинарката на ЦИВИЛ Медиа, Ангела Петровска вели дека медиумите многу малку обработуваат теми кои ги засегаат младите, освен кога се носи некој закон за млади. Таа вели дека најголем проблем за младите се финансиите, бидејќи имаме голема стапка на невработеност, и немаат голем избор за работа. Во однос на образованието, вели дека недостасува практична работа, пример студентите по новинарство учат непотребни предмети наместо да имаат повеќе пракса.

Ермин Климента, веб девелопер во ЕЛАМИ вели дека не го погоди корона кризата бидејќи и така работеше од дома.

„Менталната состојба кај младите е променета. Кога работиш во домашни услови и кога имаш краен рок тогаш настанува стрес, паника, нервоза, и тешко е кога си сам. Тоа го имаме адресирано во нашата фирма и многу работиме на тимска работа и се поддржуваме едни со други, да почуствуваме дека не сме сами и изолирани.

Децата во основно и средно имаат многу стрес поради оценки или домашна задача и мислам дека беше полесно кога си во клас и стересот го споделуваш со останатите ученици. Сега учениците се сами и имаат поголем стрес, и треба да се работи на тоа, бидејќи младите се соочуваат со ментална криза. На тоа треба да се работи поденакво исто како со короната, бидејќи тоа ќе влијае на иднината на цела генерација“, нагласи Климента.

Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети