(Видео) Кочанско „Трајаново трло“, место на страв

„Цело маало живееме во страв. Сега нешто да тропне надвор ние се потресуваме мислиме дека еве пак ќе дојдат да нè нападнат“, вели Милица Иванова од кочанско Трајаново Трло во разговор со екипата на ЦИВИЛ која раскажа како „параполицајците“ го претепаа нејзиниот внук, ни крив ни должен.

„Домобрани“ односно параполиција се формираше по протестот кој се одржа на 8 април каде дел од жителите на Трајаново трло побараа од надлежните институции да преземат мерки да престанат кражбите и провалите во нивните куќи и дворови. Но, покрај барањата да престанат кражбите тие упатија порака и дека „само преку нив мртви“ ќе може да се изгради нова населба со типски куќи во кои се планира да се населат 28 семејства, односно стотина Роми кои нелегално живеат во Старата касарна во Кочани.

Тимот на ЦИВИЛ го посети Кочани по неколкуте инциденти што се случија во изминатиов период. Тие разговараа со градоначалникот Николчо Илијев, претставници на невладини организации, како и со неколку граѓан(к)и од Трајаново трло.

„Дваесетина лица со палки и со фантомки на главите пред десет дена го претепаа внук ми, ни крив ни должен, само што си дојде од работа. Без никакво објаснување, навечер дојдоа неколку мажи и почнаа да ги кршат прозорците од куќата и колата на внук ми. Внатре беа внук ми, жена му која сè уште заздравува од царскиот рез и малото бебе. Внук ми го зеде бебето во скут за да го заштити од стаклата кои летаа од прозорците, и додека клечеше тие со палки го удираа во телото. И снаата има модринка на окото бидејќи и нејзе ѝ удрија неколку шамари“, вели Иванова.

Таа додава дека Ромите што живеат во тоа маало веќе не поминуваат низ главната улица, бидејќи се плашат да не бидат претепани од „домобраните“. Таа вели дека до продавница одат криејќи се преку „козји“ патеки како да се во „турско време“.

Сите Роми не се крадци. Полицијата нека ги фати ајдуците кои крадат по куќите низ Трајаново трло. Велат Ромите крадат. Не, не крадат сите Роми. Ние по цел ден собираме по канти, сакаме чесно да си го заработиме лебот. Малку да е, ама халал да е. Не сакаме крадено. Тие што крадат, нека ги затворат, за тоа има полиција, суд…“, вели Иванова.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев го осудува секое насилство, разбојништо, несогласување и непочитување на законите, но додава и дека случајот со тепаното дете во кочанско „Трајаново трло“ (на 11 април) е изолиран случај и не е поврзан со протестот каде што група граѓани на 8 април протестираа со барање да престанат кражбите и нападите во нивните домови.

Ваквото однесување во целата земја, а така и во општина Кочани, мора веднаш да престане! Граѓанското општество и јавноста во целост се повикани јасно и недвосмислено да ги отфрлат и да ги осудат говорот на омразата, дискриминацијата и насилството, повикува ЦИВИЛ.

За крај, треба да се упати јасна порака до јавноста: Омразата нема да исчезне преку ноќ, но може да запрат инцидентите, несогласувањата, дискриминацијата… Треба конечно системот да профункционира и да биде санкциониран секој што ќе се огреши пред законот и да одговара без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност. Да ги осудиме нападите и конечно да престане праксатра „секој да плаче врз својот гроб“.

пишува: Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Ирена Крџиќ

This post is also available in: English