Оваа опозициска иницијатива пропадна токму заради тоа што нејзините квазимодо „составни делови“ поим немаа што да прават со власта, дури и да успеаја да ја срушат постоечката. Арно што некому му текна, макар и во претпоследен момент, дека за таква бесмислена авантура не треба да има мнозинство во Собранието
САШО ОРДАНОСКИ
Штета. Не ми е за друго, туку пропуштивме 12 часа директен собраниски пренос од дебатата за комплетната и конечна пропаст на Македонија, таа непроценливо вредна размена на мислења која толку многу ветуваше со своите катаклизмични потенцијали. Потоа ќе следуваше гласање недоверба за сегашната Влада и крај на диктатурата на режимот на Заев!
Вака, ништо, агонијата продолжува.
А, дека Владата нема да падне, стана јасно веќе околу пладне, па почна една здружена жалопојка дека терористот Заев киднапирал еден пратеник на БЕСА од опозициското мнозинство! Таа бесмислица, до вечерните дебатни емисии, ја повторуваа и ја „анализираа“ сите разочарани актери во пропаднатиот обид за изгласување недоверба. Не помогна ни видео обраќањето на Кастриот Реџепи дека самиот решил да се повлече од иницијативата – чувме комични „експертски“ толкувања дека и таа изјава била дадена под присила со калашникови од страна на власта, односно дека од страв за својот загрозен живот од страна на режимот, Реџепи пребегал за Бугарија (кој друг, ако не Милошоски), дека е дојдено време власта да се руши со сила (кој друг, ако не Апасиев), а „крунскиот доказ“ беше дека на Реџепи му биле исклучени телефоните (!?)… Разочараната дружина за гласање недоверба ултимативно побара од власта физички да го донесе Реџепи во Собранието, оти, во спротивно, тоа е доказот дека таа го киднапирала… И слични будалести фантазмагории.
Во целиот хаотичен амбиент – дополнет со скафандеросаните двајца опозициски пратеници позитивни на ковид-19 кои дојдоа, нели, да започнат „биолошка војна“ против власта – Мицкоски попладнето објави некакви тотално бизарни селфија од скопска Гинекологија (тој, легнат на кревет, сликан со некаков тим од бабици за породување, што ли?!), за конечно, пред сите да заминат на спиење, Александар Николовски да излезе и во доцните вечерни часови очајнички решително да изјави дека, иако Владата не успеале да ја срушат со демократско гласање, сега ја менуваат стратегијата и, со мнозинството во парламентот (минус еден киднапиран), преоѓаат на „итни предвремени избори“!
Па-па-па, каква тотална конфузија!
А суштината е во нешто друго: јасно е дека опозицијата, и покрај „бустот“ од самоволно најавените оставки на премиерот, ја оплеска својата политичка предност барем на догледен рок, па наместо да го капитализира добриот изборен резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, се избрзаа, се истрчаа, ги зачешаа прстите на твитер и фејсбук, тргнаа по паметот на Левица и, нормално – се посрамотија.
Ја тресеа гората десетина дена, за на крајот да се роди глувче.
Размислува ли некој таму да преземе одговорност за овој политички дебакл?
Овој „самоутепајски“ неуспех на опозицијата ја враќа „во нормала“ темата за тоа што ќе прави сега Владата, откако политички го преживеа нападот од сите опозициски орудија по локалните избори?
За почеток, предлагам некој да го киднапира Зоран Заев и барем до понеделник – хехехе – со калашникови да го чува во истиот студен и сув подрум каде што е затворен Реџепи, за да не добие премиерот некоја нова инспирација за емотивен политички настап!
Може, додуша, и претседателот Пендаровски да истрча со свои инокосни државнички инспирации за покренување на соборни национални „дијалози“ и „спасенија“, па концентрационо да свика лидерска средба – за да ни ја врати оваа недопечена опозициска агонија на дневен ред во националната собраниска фурна.
Шегата на страна, еве го тој период од неколку месеци, во кој спаѓа и можноста за исход од неизвесноста со Бугарија, во кој треба да се види како ќе се рекомпонира власта – со истиот мандатар! – во продолжување на преостанатиот парламентарен рок за водење на државата. Па, за 90 дена од сега, можеби ќе се создадат услови не опозицијата, туку самиот Заев да повика на гласање за доверба, а тогаш можеби и да ја официјализира одложената оставка… Или нешто трето.
Но, тоа би требало да биде резултат на јасно изложена стратегија за тоа што и како понатаму. Оти, оваа опозициска иницијатива пропадна токму заради тоа што нејзините квазимодо „составни делови“ поим немаа што да прават со власта, дури и да успеаја да ја срушат постоечката. Арно што некому му текна, макар и во претпоследен момент, дека за таква бесмислена авантура не треба да има мнозинство во Собранието.
Во политиката е често како и во фудбалот: џабе „посед на топка“ и иницијатива на теренот, ако не постигнеш гол, доволен е и еден контранапад за да го изгубиш мечот. Тогаш обично вината се бара во тренерите, не во играчите. Па, глејте малку Премиер лига, мајката!