Три проекти, а желби сто!?

ВОЈО МАНЕВСКИ

Пресот на лидерот Мицкоски, пред неколку дена, ме инспирираше да продолжам да ги малтретирам новите градоначалници со прашања и предлози. Пред камерите и застанат пред сите нови носители на функцијата градоначалник тој  ги објави насоките за идното нивно делување. Изгледа ова е втор дел од неговото писмо „до Градоначалникот“ кога сѐ уште беа кандидати.

Од нив побара чесност, работливост и резултати. Јас мислев дека таквите особини кај нив ги проверил уште кога требало да ги стави на партискиот список – кандидати за градоначалници. Но никогаш не е доцна за битните работи, зашто во повторувањето се крие знаењето.

Има професорско искуство Мицковски. Тој им зададе и нова домашна задача – секој да направи и реализира три проекти за почетниот дел од мандатот. Изгледа дека бројот на проекти е позамашен, па еден од градоначалниците со поповско презиме имаше мала слабост. Првата помош стигна од претседателот на партијата и се сѐ врати во ред. Откако ја примија задачата, градоначалниците треба да се погрижат за нејзино реализирање.

Овој, по малку шеговит вовед го напишав, сеќавајќи се на дискусиите во редакциите околу вредноста на прилозите. Дилемата кај уредникот беше дали имаме дневен настан или тема за прилог. Соломонскиот заклучок беше, дали она што ќе го објавиме има само статус на вест или темата ќе биде користена за дебата во јавноста следните неколку недели.

Времињата се сменија и сега маркетингот е изедначен со квалитетот на производот. Генерациски изгледа живееме во два различни света. Постарите во веќе одамна осознаениот свет, а младите во својот скоро виртуелен свет на социјални мрежи и ИТ комуникации и алатки.

Па така и јас ја расчистувам дилемата, зошто секоја активноста на јавните претпријатија или локални органи ги ставаат на социјалните мрежи? Знам дека сметаат дека со тоа ја зголемуваат јавноста во своето работење, но инфлацијата на слики и информации за сѐ и сешто ќе доведе до заситеност од нив и нема да се прима како информација, туку повеќе како рекламирање на сопствената општествена положба.

Посебно кога постирањето на слики од градоначалнички кабинет или директорска канцеларија повеќе е со цел на покажување на својата важност пред граѓаните. Не сум сигурен дека се води сметка за „ситнењето“ на  функцијата, која мора да се одржува на пристојна достоинственост. Градоначалникот е институција на локалната самоуправа и дигнитетот на положбата им припаѓа на сите граѓани, а не само на моменталниот носител и неговите посетители.

Е сега да се вратам на темата за трите проекти, кои треба да се реализираат. Тие не се дел од редовните активности на органите и  јавните претпријатија на општината. Тоа се проекти кои чекаат да донесат разрешување на  некој подолготраен проблем на граѓаните или потреба на поголемиот број од нив. Таквите проекти се дебатираат со години, ако не и децении. Се правеле планови и предлог проекти и од други градоначалници, но не се нашле сили да се реализираат. Значи, тие проекти имаат потврдена важност за граѓаните. Секако дека такви проекти има во секоја локална самоуправа, а секаде се појавуваат и нови капитални потреби и мора да се бара решение за нив.

Во моиве колумни пишувам за теми од Штип, иако знам дека се од локална важност за читателите. Овде се држам до мислењето на легендарниот новинар и писател Миленко Смоје, кој цел живот пишуваше на сплитско наречје и за теми од Сплит. А тоа го оправдуваше со реченицата – Ча би ја о другима писа, кад о Сплиту ни све написано.

Добро, можеби изгледа премногу претенциозно од моја страна, но и јас имам сличен однос со мојот град и моите сограѓани. Уверливо можам да пишувам само за него и за нив.

И ете, кога сме кај проектите да го изнесам своето мислење. Гасификацијата треба да биде континуиран процес, но неговата изведба бара два или повеќе мандати и голема помош од централната власт.

Браната на реката Отиња е започната и таа ќе се гради со пари и под надзор на Министерството за транспорт и врски. И овде ќе има низа обврски поврзани со локалната самоуправа, но тоа, сепак, ќе остане проект на друг градоначалник и друго ниво на власт.

Штипјани одамна расчистиле со нивото на хигиена и помош при ревматски болести. На влезот од градот има минерална топла вода со ретки карактеристики. Бањата „Кежовица“ тешко дека може да се подведе под тоа име „бања“, затоа што нема капацитети што можат да го оправдаат тој назив. Неколку соби од пред 50 години и простории за користење на водата како од римските терми. И овде сме во заостаток, зашто римските терми биле врв на луксузот во едно населено место што нашата бања ниту од далеку не е. За квалитетот на водата има десеттина студии кои се правени низ децениите. Љубљанскиот геолошки институт вршеше дупчење кон крајот на седумдесеттите години и сѐ уште стојат три од тие бушотини. Тогаш, од разни локалистички и кусогледи причини не се направи рекреативен центар со словенечка државна компанија, но приказните за вистинските причини останаа во записниците од седниците на моќните политички тела што се одржувале околу полноќ  во Собранието на СРМ.

Во шеесеттите години е направен хотел кој само една година ја вршел својата угостителска улога, а потоа е претворен во дел од болницата за потребите на рехабилитација од ортопедски и ревматски болести.

Зошто досега не се направи овој проект? Само вашиот колумнист бил присутен на разговори со пет делегации кои биле заинтересирани за изградба на комплетен центар со современи СПА компоненти. Имаше делегација од Турција, Бугарија, Холандија, па дури и од Јужна Кореја. Сите беа задоволни од квалитетот на водата, но кога ќе се поведеше разговорот за концесиите, за земјиштето, за сообраќајните врски со градот и другите делови од државата, ентузијазмот се намалуваше и разговорите завршуваа на протоколарни поздрави и желби за понатамошна соработка кои не се остварија. Еднаш турскиот инвеститор праша – колку чиста вода за пиење може градот да обезбеди? Одговорот го изненади зошто тоа не беше ниту десеттина под она што неговите планови го барале. Градскиот систем за вода е поврзан со Кежовица само со една линија со профил од два цола. Одлуката на Владата за доделување на 1.300.000 евра од средствата на ТАВ за доведување на доволна количина чиста вода од системот на градот е добар чекор. Новиот градоначалник би требало да го интензивира процесот и веќе идната пролет тоа да се реализира.

Вториот проблем на кој се наидуваше при преговорите со инвеститорите е сообраќајната поврзаност на бањата. Досега тоа беше со локалниот пат на правецот кон Струмица, кој секако не ги задоволува потребите на улица со сите нишани. Мостот на Брегалница е од 1967 година и секако не може да биде доволен премин за поголем проект како што е СПА центар. Изградбата на патниот правец кон Струмица со експресен пат го доведе до можно решение и овој проблем со проектирање и изведба на улица од новата крстосница на тој правец, па до првите делови од градот и на југ кон бањата Кежовица. И овде ќе има проектирање и планирање, но тоа треба да е една од основните задачи на локалната самоуправа кога подготвува проекти. Дел од земјиштето околу бањата е продадено од пред 10 години и тоа може да ја забрза постапката на можни инвестиции, затоа што приватните сопственици се секогаш поекспедитивни од државната администрација.

Во 2012 година минералната топла вода е дадена на концесија за 25 години и за тоа мора да води сметка градоначалникот при реализација на овој проект. Секако, ускладување на интересите меѓу јавниот и приватниот сектор е важна работа, иако кај нас е извор за разни сомнежи за корупција.

Ете ова е мојот скромен прилог кон размислувањата за трите проекти што треба да ги почне градоначалникот на Штип. Да, да, не пишував за три проекти, иако спомнав толкав број низ текстот. Сметам дека градоначалникот за време на својот мандат треба да се зафати за ЕДЕН проект. Еден ама од голема вредност за граѓаните. Секако и за градоначалникот, ако не за друго, барем да има каде да се слика за време на идната кампања. Впрочем тоа го советував и во колумните за време на кампањата.

Само ЕДЕН проект градоначалниче, иако има сто желби, ама дај рака за еден, иако една популарна песна пред 30 години велеше:

Три бакнежи сакам јас, не сакам еден, не сакам два.
Ништо помалку, туку три бакнежи сакам јас,
зашто само три носат среќа
и затоа ништо помалку од три не сакам јас.

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.