Анонимен Институт му билда предизборен рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ

Според наводните резултати, лиферувани од проопозициските медиуми, ВМРО-ДПМНЕ има сигурно водство пред коалицијата СДСМ/БЕСА, покажува анонимната анкета спроведена од Институтот „Habeas Corpus“.

Институтот „Habeas Corpus“ досега не и бил познат на јавноста, бидејќи нема никакви објавени анализи, анкети, сопштенија… За повеќе информации за институтот „Habeas Corpus“ кој според дел во медиумите ја изработил анкетата која прогнозираше победа на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, побаравме на интернет, меѓутоа Институтот не го пронајдовме, односно нема своја веб страна. Немаат ниту профили на социјалните мрежи.

„Институтот „Habeas Corpus” кој е дел од истоимената граѓанска асоцијација, разработува прашања од правниот и политички систем и направи анкета на јавното мислење врз стратификуван примерок од 1203 испитаници во периодот од 13 мај до 16 мај 2020 година“, објавија десетина интернет портали.

Она што е занимливо е тоа што порталите објавија резултати во корист на ВМРО и ДУИ кои може секој да ги направи во ексел програма, односно дел од анкетата што ја објавија нема лого, печат, или некакво обележје на Институцијата.

ЦИВИЛ Медиа испрати прашање до ВМРО-ДПМНЕ да ни дадат изјава во врска со анкетата на институтот „Habeas Corpus“ која ја објавија десетина медиуми и да ни испратат линк од целото истражување. До овој момент немаме никаков одговор од опозициската партија.

Дали ВМРО-ДПМНЕ билда рејтинг преку непостоечки, или порачани анкети?

Д. М.