Една година од барањето на ЦИВИЛ за укинување на привилегиите на функционерите

Она што од соопштение на ЦИВИЛ прерасна во иницијатива #КрајЗаРасипништвото која ја поддржаа илјадници граѓани пред точно една година, на 17 мај 2019 година беше преточено во барања кои организацијата ги достави до Собранието.

„Милиони евра чинат апанажите, пензиите и другите привилегии и придобивки што ги имаат поранешни, но и сегашни функционери. Едноставно тоа мора да престане веднаш!“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ пред службениот влез во Собранието, по повод предавањето на текстот на Иницијативата до институцијата.

„Ние денеска ќе доставиме барање, кое во јавноста одекна многу силно, а се однесува на привилегиите и бенефициите како на актуелните, така и на поранешните функционери, како на оние што се избрани, така и на оние кои што се именувани. И ќе очекуваме реакција од парламентарците. Во овој дом се направени тие проблеми, во овој дом се изградени тие системи за црпење на ресурсите на граѓанките и граѓаните и во овој дом, очекуваме, или поточно, категорично бараме тие неправди да се исправат!“ – изјави Дерала, соопштувајќи го ставот на организацијата.

Иницијативата #КрајЗаРасипништвото се однесува на укинувањето на привилегиите на поранешните и сегашните функционери.

„Можеби некој ќе помисли дека повод за ова наше обраќање пред Законодавниот дом е она што претпоставува пензија на поранешниот претседател на Република Северна Македонија. Да, можеби тоа беше повод, но секако веќе одамна, многу одамна, зборуваме за тоа дека привилегиите, бенефициите и расипништвото на било кое ниво во државата мора да престане. Тоа подразбира дека овој Законодавен дом треба да ги ревидира законските одредби кои ним им даваат огромни бенефиции и исто така, да укине голем дел од нив и се разбира, тоа да го направи во најитна можна постапка.

Во една социјална држава каква што е Република Северна Македонија според Уставот, не смееме повеќе да дозволиме, ниту еден денар да оди залудно заради тоа што некој, тука, во овој Законодавен дом решил да даде големи бенефиции како на актуелни функционери, така и на оние кои веќе го завршиле мандатот“, порача претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, непосредно пред претставник на организацијата да го испорача текстот на Иницијативата на собраниските служби на 17 мај.

Неколку политичари, меѓу кои и Претседателот Стево Пендаровски, ја дадоа својата поддршка веднаш и во деновите по почетокот на иницијативата.

На 5 јуни, ЦИВИЛ организираше и трибина на тема „Крај за расипништвото“ каде заинтересираните граѓанки и граѓани имаа можност подетално да се запознаат со барањата на ЦИВИЛ кои се однесуваат на намалување и укинување на привилегиите на јавните функционери. Од оваа трибина подоцна произлезе и работна група која оваа иницијатива ја преточи во онлајн верзија која до крајот на септември ја потпишаа над 6.000 граѓанки и граѓани.

Овие граѓан(к)и ја поддржаа иницијативата за укинување на апанажите на било кое ниво и за било која позиција; укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век; укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, односно позицијата во тие и слични тела треба да биде почесна, а не платена; укинување или спојување на државните агенции, со намалување на бројот на вработени; укинување на сите привилегии што се поврзани со користење на службените возила, репрезентации, обезбедување на функционерите и други прескапи привилегии; драстично намалување на патните трошоци на функционерите, односно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз; воспоставување на пракса за забрана за набавка на службени возила од средна и висока класа; укинување на дискреционите овластувања на функционерите… Ова се дел од барањата што ЦИВИЛ ги достави до пратениците во Собранието, но и ги презентираше пред јавноста.

По завршувањето на петицијата, организацијата ги интензивира активностите околу Иницијативата и јавно побара од институциите, пред сѐ, од Собранието да преземат конкретни чекори за укинување на привилегиите што скапо ги чинат граѓанките и граѓаните.

Како што е познато, за жал, до крајот на својот мандат, Собранието не одговори на барањата на ЦИВИЛ. Но затоа, пак, Државната комисија за спречување на корупција и конфликт на интереси, на 14 февруари годинава на јавна седница ги разгледа и анализираше патните трошоци на пратениците за периодот од 2015-2019 година. Втора точка на дневен ред на оваа седница беа и постапувања по конкретни предмети.

Па така, на оваа Седница, ДКСК констатира и дека во анализираниот период, 23 пратеници имаат сопствени станови или станови на име на членови од нивното потесно семејство кои се лоцирани во Скопје. Но и покрај тоа тие пратеници примале надоместоци за користење на автомобил за доаѓање и враќање на работа, односно за патување до Скопје и назад.

За намалување на патните трошоци на пратениците ДКСК предлага натамошно регулирање на оваа проблематика во смисла на консолидирање на законската и подзаконската регулатива. Понатаму, се предлага и усогласување на регулативата со реалните можности на државата и потребите на пратениците, како и утврдување на прецизни критериуми за користење на правата на надоместоци на пратениците по сите основи. Сето тоа треба да биде поткрепено со методологија со која јасно и недвосмислено ќе се утврди правото за видот на надоместоците кои пратениците можат да ги користат.

Во овој контекст е и колумната на Сашо Орданоски „Како да се ‘потроши’ Филипче“, кој повторно го актуелизира прашањето дали во кратењето на платите за сите актуелни избрани и именувани функционери, како една од мерките на Владата, спаѓаат и редовните буџетски примања на двајцата поранешни, живи и здрави претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов?

Пред речиси една година, во екот на Иницијативата на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во колумната „Протестирам против привилегиите на сите буџовани!“ напиша: „Привилегиите во нашата сиромашна земја се налик на оние мали султанати расеани по Земјината топка (или плоча, според некои македонски „научници“). Да го оставиме на страна, за миг, арамилакот, сето крадење и злоупотреби за да се соберат пари во приватни џебови. Генерации законодавци смислуваа(т) и гласаат закони за привилегии и бенефиции за функционерите, од најмалите до најголемите, како да се лордови или, географски посоодветно, аги, бегови, паши и султани. Најблаго речено, со децении гледаме еден крајно арогантен однос кон парите што се собираат од намачените жители на ова катре земја што е, тврдам најодговорно, осиромашено токму поради нив.“

Прашањата и решенијата што ги поставија колумнистите, активистите, дел од новинарите и ДКСК во изминатата година се рефлексија на повеќегодишните заложби на ЦИВИЛ, но и на многу граѓанки и граѓани, меѓу кои се и шест и повеќе илјади потписници на Иницијативата #КрајЗаРасипништвото.

Укинувањето на привилегиите на функционерите се чини уште пореално во време на сериозна економска криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Но, очигледно е дека дел од институциите немаат слух за ваквата потреба. Уставниот суд не смогна сили да одлучува по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и конфликт на интереси во однос на привилегиите на поранешните претседатели, но експресно одлучи дека барањето на Владата за намалување на платите на администрацијата и судиите е неуставна. Уставниот суд и овој пат застана во заштита на своите, а не на интересите на граѓаните.

М. Ивановска

This post is also available in: English