Стојановски: Националистичката индоктринација влијание на развојот на критичкото мислење

Филип Стојановски, Метаморфозис, своето излагање на панел –дискусијата на тема „Национализам“ во рамки на Граѓанскиот форум на ЦИВИЛ, зборуваше од аспект на критичкото мислење, улогата на медиумите во креирање на јавниот дискурс и начинот на пласирање на информации што се последица на теории на заговор, а не на фактите и вистината.

„Ние живееме во свет кој што радикално е трансформиран со новите медиуми, со новите дигитални технологии и јас се прашувам дали можеме да зборуваме за една култура што ја имаме во рамките на едно општество, не од аспект на етничка поделба, туку од аспект дека овие нови технологии за секој од нас креираат еден свет во кој не се дејствува синхронизирано до крај со другите членови од општеството. Условно речено, кога ги имаме традиционалните медиуми, телевизија, и кога сите гледаме исти вести, бидејќи нема друг канал, тогаш сите имаме една иста тема за разговор. Но, ние имаме ситуација во која нашите деца  гледаат радикално различни содржини преку социјалните мрежи и медиуми. Па дури многу родители се чудат и си ги сметаат децата за невоспитани бидејќи тие функционираат на поинаков начин. Поради не комуникација меѓу родителите и децата не се пренесуваат некои вредности, што тие ги стекнуваат делумно преку интернет и преку образованието. Но, ако децата се занемарени од родителите, а тие влијаат на нивната политичка индоктринација преку национализам, како резултат го добиваме тоа што го имаме сега. Ако имаме доминација на националистичка индоктринација тоа влијае на начинот на мислење“, смета Стојановски.

Стојановски укажа дека пандемијата со Ковид-19 покажа колку е лесно луѓето да се манипулираат и наведуваат на теории на заговор. Полесно им е на луѓето да не размислуваат, само да апсорбираат информации и на тој начин стануваат потенцијални жртви на манипулации, смета Стојановски.

„Дел од новинарството е проверка на факти или откривање на грешки што потоа треба да се објаснат (а би требало да бидат дел од процесот за секој новинар)… Имаме ситуации во кои кога ќе се изврши проверката на факти, поради предрасудите и потребата да се потврди сопственото мислење, суетата, потребата да се биде секогаш во право, да не се признае грешка, влијаат на тоа да имаме негативни реакции при проверка на факти. Пред некој ден имавме фотографија која се ширеше на социјалните мрежи, од Втората светска војна, од Украина, да се поттикне националистичка омраза кон една етничка група или држава. Фотографија снимена во Украина за тоа како нацисти убиваат Украинци со еврејско потекло, беше претставена со текст дека „грчки војник убива македонска жена која држи дете во рака во Егејска Македонија“. Со тоа се прави перфидна манипулација со тоа што не им се укажува почит кон вистинските жртви, нивното страдање е негирано, бидејќи фотографијата е од друга војна, војникот е во Украина… ова се некои нивоа на штетност кои што ретко кој размислува. Но, пред сѐ ефектот на таа манипулација беше да се поттикне некаква националистичка омраза и хистерија во рамки на нашата заедница. Коментарите кои се добиваат на таа проверка на факти каде со документи е докажано дека се работи за злоупотреба и измама кон луѓето што си имаат одредени патриотски чувства, кога ќе им се укаже дека е лажна фотографија, наместо да кажат во ред повеќе нема да веруваме на овие кои објавуваат лаги, тие продолжуваат негативно да коментираат кон тие што им ја укажуваат вистината“, изјави Стојановски.

Стојановски смета дека ни е потребен систем на мерење на напредокот во одредени општествени делувања. Единствено што можеме да измериме, вели Стојановски, е колку институциите реагираат на овие појави, затоа што неказнивоста доведува до нивно ширење особено ако се поттикнати од одредени центри на моќ.

„Гледаме дека институциите многу малку реагираат, што на луѓето што шират, да речеме говор на омраза им дава удобен простор кога ќе имаат прилика да продолжат и понатаму. Мислам дека не доминантноста на една етничка група во нашиот политички простор во нашата земја доведе до некои резултати што се некарактеристични за другите балкански земји каде некои од прашањата уште не се апсолвирани. Н пример, по конфликтот во 2001, па и под влијание на меѓународната заедница, беше усвоена некоја комуникација во медиумите беше непожелно да се користат оние етнички навреди и етнички квалификации во црна хроника. Тоа придонесе до одредено подобрување. За разлика да речеме во Србија каде отворено се употребуваат, особено кога се работи за криминал, што кај луѓето создава чувство на страв, а со тоа и омраза. Мислам дека нашето општество иако е далеку од она што ние би посакувале да биде, сепак имаме некакви искуства, опипливи подобрувања ако го споредиме тоа со 30 години од независноста на земјата. Тоа укажува дека знаеме во која насока треба да се оди: промоција на човековите права и слободи, во насока на промоција на професионалното новинарство, транспарентноста и отчетноста на институциите и прекинување на неказнивоста“, заклучи Стојановски.

Стојановски зборуваше и за активностите што Метаморфозис ги спроведува во подобрување на состојбите во медиумите, критичкото мислење, проверката на факти и пласирање на информации што се проверени и точни, преку медиумската платформа што ги опфаќа Порталб, агенцијата МЕТА, Критинк и Вистиномер.

Биљана Јордановска

Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети